1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку е корумпирана ФИФА?

Имиџот на ФИФА веќе долго време е нагризан, но она што околу нејзе на виделина излегува сега, е врв на се‘ досега слушнато. Светската фудбалска федерација се наоѓа во најголемата криза на доверба во својата историја.

default

Се‘ почна на 18 март, кога Мохамед бин Хамам од Катар ја објави кандидатурата за претседател на ФИФА. Тој вети нов курс: „Сакам да се погрижам за апсолутно етичка, демократска и транспарентна работа на ФИФА“, рече тој.

Мохамед бин Хамам ја повлече кандидатурата

Мохамед бин Хамам ја повлече кандидатурата

Неговата кандидатура од почетокот беше проследена со обвинувања за корупција. Членот на Извршниот комитет и човек од доверба на Блатер, Чак Блејзер, подигна обвинение против Катарецот поради наводен поткуп на Карипската фудбалска унија. Бин Хамам уште пред Етичката комисија на ФИФА да го каже својот став за случајот, ја повлече кандидатурата за претседател. Непосредно потоа беше суспендиран, исто како и функционерот на ФИФА, Џек Ворнер. Пред Етичката комисија сослушан беше и Сеп Блатер, зашто според изјавите на Бин Хамам, тој наводно знаел за поткупот на членовите на ФИФА од Карибите.

Но, од Блатер беа симнати сите обвинувања. Со оглед на тоа што критичарите ја нарекуваат Етичката комисија „тело наклонето кон Блатер“, ваквата еднострана одлука на Комисијата остава горчина во устата.

Колку чини еден глас на ФИФА?

Поткупливоста на поранешните членови на Извршниот комитет, Амос Адаму (л.) и Рејналд Темарии (д.) беше докажана

Амос Адаму (л.) и Рејналд Темарии (д.)

Не наводна, туку докажана е, меѓутоа, поткупливоста на поранешните членови на Извршниот комитет, Амос Адаму и Рејналд Темарии, кои паднаа во стапица на двајца британски репортери на весникот „Сандеј Тајмс“. Двајцата функционери на ФИФА се фатија на јадицата со понудата за поткуп од 580.000, односно 1,6 милиони евра. Кога скандалот беше обелоденет, ФИФА ги суспендираше Адаму и Темарии, како и четворица други функционери.

Извршниот комитет, тело кое во ФИФА носи одлуки, беше мета на критики уште во 1998 година, при изборот на Блатер за шеф на ФИФА. Швајцарецот, во предвечерјето на изборот, на африканските функционери им испратил писма со по 50.000 долари. Блатер се бранеше, велејќи дека тоа биле однапред договорени износи за да им се помогне на „фудбалските сојузи кои се во тешка состојба“. Повеќемина африкански делегати се спротивставија на таквата интерпретација - парите и други ветувања биле противуслуга за нивниот глас за Блатер. Парите за поткуп, како што велеа делегатите, ги носел извесен Мохамед бин Хамам.

Сомнителни избори на домаќини на СП

Сеп Блатер, претседател на ФИФА

Сеп Блатер, претседател на ФИФА

Швајцарското правосудство во 2008 година се занимаваше со корупција во спортот и притоа беше обелоденет гигантски скандал со поткуп: истрагата документираше дека во 2001 година банкротираната швајцарска маркетинг агенција ИСЛ/ИСММ исплатила т.н. „провизии“ во висина од најмалку 100 милиони евра на спортски функционери за да добие профитабилни телевизиски и спонзорски договори. Меѓу оние кои примиле пари имало и тројца членови на Извршниот комитет на ФИФА: Иса Хајату од Камерун, Николас Леоз од Парагвај и Рикардо Тешеира од Бразил.

Но, тоа што ова трио добило милионски износи од ИСЛ без да наведе цел за тие пари, до денес очигледно не го интересира никого во ФИФА, зашто сите тројца се и натаму членови на Извршниот комитет. Непосредно по судскиот процес, ФИФА елегантно се „откачи“ од аферата - исплатени се околу четири милиони евра, постапката е запрена, а други имиња на обвинети не се обелоденети.

Опскурно делува и ова сознание - изборот на земји домаќини за светското првенство одамна веќе не е прашање на најдобра кандидатура, зашто на почетокот на декември минатата година, за домаќини на светските првенства во 2018 и 2022 година се избрани Русија и Катар. Набљудувачите си ги тријат очите, зашто двете земји, претходно, при евалуацијата на кандидатурите, имаа најслаби оцени.

Автор: Јоша Вебер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска