1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку е здрава европската демократија?

Парламентарното Собрание на СЕ повеќе пати предупредуваше на сигнали дека претставничката демократијата е во криза. Претседателите на парламентите од земјите членки на СЕ во Стразбур дебатираа на оваа тема.

Дводневната конференција беше прилика највисоките претставници на парламентарната демократија во Европа, но и од соседните земји, да ја дадат нивната дијагноза.

„Мислам дека демократијата е здрава, тоа што на конференцијата дојдоа лично најголемиот број од претседателите на парламентите, тоа е силен знак за Европа. Ние сите тука потврдивме дека демократијата треба да се почитува и да живее“, изјави за Дојче веле претседателот на ПССЕ, Жан-Клод Мињон.

Но и покрај оптимизмот во Стразбур, според аналитачарите, демократијате е една од првите жртви на економската и финансиската криза. Доволно е да се погледнат резултатите од изборите, за да се забележи појавата на националистичките и популистичките движења, но и социјални и граѓански протести поради немоќта на политичарите и властите.

„Секогаш има предизвици, мислам дека парламентарната демократија треба да биде поефикасна и многу повеќе во контакт со граѓаните за да ги реши нивните проблеми. Во секој случај, она што го видовме и откривме во дебатата е дека има нови проблеми и предизвици. Потребно е да се прилагодиме на новите технологии и пред се‘ да ги идентификуваме силите кои работат во сенка, за да ја ослабат и направат нелигитимна демократијата. Тие сили сакаат да освојат делови од власта, кои не и‘ припаѓаат во една демократска држава“, констатира Мигуел Ангел Мартинез, вице-претседател на Европскиот парламент.

Парламентите треба да имаат поголема улога

„Ние сметаме дека парламентите треба да имаат многу позначајна улога во развојот на секоја земја и со тоа на Србија. Реформите кои ги правиме во српскиот парламент се однесуваат на зајакнувањето на демократските процеси, засилување на парламентот како контролен механизам на извршната власт и се разбира отворање на парламентот кон јавноста“ , нагласува Небојша Стефановиќ, претседателот на Народната Скупштина на Србија.

Тој инсистира на потребата од меѓупарламентарната соработка, посебно во регионот, и смета дека парламентарната дипломатија може да се покаже дури и поефикасна од класичната.

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008

Претседателот на македонскиот парламент, Трајко Вељановски

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски нагласува:

„Егзистенцијалниот момент на граѓаните, односно економскиот и социјален интерес на секој поединец во општеството, мора да бидат и останат приматот на агендата на парламентите наспроти меѓупартиските конфликти и различните интереси“.

Дали гласот на парламентите се слуша доволно

„Јас бев дваесет години пратеник во мојата земја и имам впечаток дека Европскиот парламент многу повеќе е слушан од страна на Европската комисија, отколку националните парламенти од националните влади. Останува уште многу да се направи во двата случаи, вистинската демократија подразбира контрола на владата од парламентот, а не послушност на парламентите на одлуките и волјата на владите“ – заклучува Ангел-Мигуле Мартинез, под чие претседателство на ПССЕ, беа примени голем број од новите европски демократии за членки на Советот на Европа.

Европскиот модел на демократија - извор на инспирација

„Репрезентативна демократија на европски начин е нашето тежнеење. Таа е нашиот извор за инспирација. Мароко е партнер на демократија, ние правиме големи напори за усогласување на нашите закони со европските. Но, општо земено, демократијата на југот од Средоземното Море е во криза“, вели Мохамед Шеик Биадилах, претседателот на Домот на советниците во парламентот на Мароко, според кој неговата земја со последните реформи се определува за претставничката демократија.