1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку е задолжена Македонија?

Државата ќе земе нов кредит од 130 милиони евра за буџетска поддршка. Надлежните уверуваат-долговите не се проблем, опозицијата критикува-се задолжуваат идните генерации за непродуктивни трошења.

default

Пратениците го одобрија новиот кредит

Живот на кредит, умирање на рати, со оваа народна поговорка опозицијата ја оспорува одлуката на владата за ново задолжување на Македонија за 130 милиони евра. Станува збор за кредит од Дојче Банка и Сити Банка што парламентот го овозможи со донесување на законот по итна постапка.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски вели дека кредитот е исклучително поволен. Рокот на отплата е пет години, а каматната стапка 4, 2 проценти. Парите ќе бидат искористени за буџетски потреби.

„Тоа е убедливо најповолната каматната стапка што Македонија кога било ја добила на ваков тип заеми и убедливо најдобра каматна стапка што која било земја во Европа, освен Франција и уште една две други земји можат да ја добијат во вакви услови“.

Опозицијата критикува

Македонските граѓани стануваат се‘ посиромашни, а државата дополнително ги задолжува критикува опозизијата. Јани Макрадули од СДСМ вели:

„Ако секој граѓанин го задолживте со 1 250 евра добро е, паметно е, корисно е тие средства да се употребат за најранливите категории во Македонија. Ако сте рекодер по задолжување, наменете ги тие средства за стечајците, за корисниците на социјална помош“.

Според пресметките на опозицијата, владата ја задолжила државата за милијарда евра во последните три години.

СДСМ поддржа задолжување за изградба на патишта, железнички пруги, хидроцентрали, но не поддржува кредити за кампањи и други непродуктивни трошоци.

Mazedonien - Land und Leute

„Од 2006 година досега двојно се зголеми бруто надворешниот долг на Македонија“, критикува сопартиецот на Макрадули, Марјанчо Николов.

Зоран Ставревски возвраќа:

„Највисоко ниво на задолженост на Македонија, 38, 4 проценти од БДП имаше во 2005 година. Денес 26 проценти е долгот од БДП. Тука завршува приказната кој ја задолжил, а кој ја раздолжил Македонија“.

Грција најголем должник во регионот

Според статистиката најголем должник на Балканот е Грција. Долгот на официјална Атина изнесува повеќе од 115% од БДП. Следува Албанија со 60%, па Турција со 45,5 %, Србија со 35,6 % а Хрватска 35,4% од БДП. Во најновиот извештај Европската банка за обнова и развој оценува дека нивото на долгот на Македонија останува под контрола. Во мај годинава Македонија се задолжи со 220 милиони евра кредит од Меѓународниот монетарен фонд. Најавено беше и издавање на еврообврзница но за тоа веројатно ќе се чека поповолен економски амбиент и стабилизација на финансиските пазари.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Ж. Ацеска