1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку е Бугарија виновна за депортацијата на македонските Евреи?

Бугарската држава има ограничена вина за депортацијата на Евреите од Македонија, тврдат бугарски и израелски историчари. Виновни биле само двајца министри во фашистичката влада во Софија и нацистичкиот режим во Берлин.

Во Бугарија не престанува дебатата околу улогата на фашистичкиот режим во Софија во депортацијата на Евреите од Македонија и Грција за време на Втората светска војна. Николај Цеков од Бугарската редакција на Дојче Веле ги пренесува ставовите на еден бугарски историчар и еден израелски публицист на оваа тема.

***

Филмот „Трето полувреме“ за судбината на депортираните 7.240 македонски Евреи за време на Втората светска војна, чија премиера се очекува во Скопје, ја соочи Бугарија како држава со вина еднаква на нацистичкиот германски режим. Во својата книга насловена „Депортацијата на Евреите од Вардарска Македонија и Беломорието- факти и митови“, бугарскиот историчар Спас Ташев тврди дека одговорноста на бугарската држава е ограничена.

Автор на предговорот на книгата е израелскиот публицист Самуил Ардити, автор на книгата „Човекот кој го изигра Хитлер“. Според Ардити, Бугарија треба да се извини заради учеството на бугарски младинци при депортирањето на Евреите од Беломорието и Вардарска Македонија во текот на 1943 година и поради учеството на бугарски соработници, како тогашниот бугарски комесар за еврејски работи Александар Белев.

Ардити споменува и уште еден срамен факт: корумпирани бугарски чиновници и профитери учествувале во разграбувањето на имотот и скапоценостите на жртвите.

Bulgarischer Premier Boiko Borissov in Jad Waschem

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во Јад Вашем

„Но, Бугарија и нејзините политичари немаат никаква одговорност за самата депортација. Таа е дело единствено на нацистичкиот врв во Берлин“, тврди израелскиот публицист. Според него, „Бугарија си го покажала вистинското лице уште пред 1943 година, кога со протести, околу 100 илјади Бугари помогнале да се спасат нивните сограѓани Евреи“.

Историчарот Спас Ташев додава уште еден страшен податок:

„Кога ги анализирав списоците на депортираните 12 илјади луѓе од Вардарска Македонија и Беломорието во логорите на смртта дојдов до податок кој е пострашен и од самата депортација, имено дека 500 од жртвите биле бебиња на возраст до една година“.

Историчарот Ташев, повикувајќи се на истражувања во германските и бугарски архиви, денес тврди дека бугарската војска и администрацијата на целата територија која ја окупирала фактички била потчинета на германскиот окупациски корпус. Натаму тој тврди дека тие територии всушност и никогаш не биле признати како бугарски.

Македонија воопшто не била бугарска територија!

Israel Jerusalem Adolf Eichmann Prozess

Судењето на Адолф Ајхман

„Според договорите меѓу Берлин и Софија тие земји (Вардарска Македонија и Беломорскиот крај, н.з.) не биле водени како бугарска територија, а жителите не биле признавани како бугарски граѓани. Нив, де-факто и де-јуре ги контролирал Берлин. Од германските кино-хроники за депортацијата на македонските и грчките Евреи сосема јасно се гледа дека транспортот и организацијата на „возовите на смртта“ се во целост германски.

Многу интересни материјали открива и документацијата од процесот против Адолф Ајхман во 1961 година во Израел, тврди натаму Ташев.

„Од неговото сведочење може да се заклучи дека Бугарија нема удел во иницијативата за уништувањето на македонските и беломорските Евреи. Понатаму, Ајхман тврди дека Царот и Владата во Софија биле доведени во заблуда околу тоа што планираат нацистите со депортираните Евреи. Единствено комесарот за еврејски прашања Александар Белев имал јасна претстава за „конечното решение“ уште во 1942 година по средбата со нацистичката елита во Ванзе. Со други зборови, дел од вината за масакрот на македонските и беломорските Евреи сносат и пронацистички настроените министри од владата на Богдан Филов- особено Белев и министерот за внатрешни работи Никола Габровски. Во исто време, повеќето бугарски институции работеле на спасување на Евреите“, тврди бугарскиот историчар Спас Ташев.

Бугарските праведници

Од друга страна, реакции во Бугарија предизвикува фактот што само 20 Бугари досега се признаени како „праведници“ од страна на еврејската држава. Имено како „праведници“ во меморијалот Јад Вашем во Израел се издвоени 24 илјади луѓе од целиот свет- неевреи, кои учествувале или помогнале во спасувањето на Евреите за време на Холокаустот. Публицистот Ардити се чуди зошто само 20 Бугари влегле во оваа категорија, и покрај тоа што биле спасени сите Евреи во Бугарија. Наспроти тоа, во околните држави, во Албанија, на пример, за „праведници“ се признаени 69 луѓе, а во Грција- 300.