1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колку е безбеден мобилниот на Меркел?

Мобилниот телефон на канцеларката Меркел се смета за важна алатка во берлинската централна власт. Досега се сметаше дека е безбеден од прислушување. Но откритието дека можеби бил шпиониран од НСА отвора прашања.

Не е тајна дека германската канцеларка често и радо го користи својот мобилен телефон за да ги заврши своите службени обврски. Тајна меѓутоа е содржината на нејзините разговори, и-мејлови и кратки пораки. Барем така треба да биде.

Досега се сметаше дека мобилниот телефон на Ангела Меркел, како и мобилните телефони на сите членови на германската влада, се безбедни и не можат да се прислушуваат. Меѓутоа, по истражувањата на магазинот „Шпигел“ на виделина излезе обвинувањето дека американската тајна служба НСА го прислушувала и мобилниот телефон на Меркел. Оттука се отвора прашањето колку се безбедни апаратите.

Користен приватен телефон?

За големиот број кратки пораки (СМС) канцеларката досега користеше мобилни од марката „Нокиа“. Тоа е документирано на различни фотографии. Официјална информација за мобилните кои ги користи канцеларката нема.

Очигледно дека Меркел покрај нејзиниот официјален службен телефон користела и други апарати. Портпаролот на Сојузната служба за безбедност во информационата технологија за весникот „Зиддојче цајтунг“ рече дека мобилниот телефон за кој сега станува збор не бил класифициран од оваа служба како телефон за комуникација безбеден од прислушување.

Изминатите недели сојузните министерства и други служби беа опремени со нови службени телефони - модерни смартфони комбинирани со технологија безбедна од шпионирање. Досега многумина врвни политичари беа принудени со себе да носат три мобилни телефони. Еден за безбедна телефонија и СМС, вториот за безбедни мејлови и третиот за приватно користење, на пример за опслужување на сопствениот профил на Твитер.

Новите мобилни, кои беа испорачани во септември, овозможуваат користење на сите функции во еден апарат. Телефоните на канадскиот производител „Блекбери“ се дополнително опремени од германската фирма „Секјусмарт“ (Secusmart).

Hans-Christoph Quelle von der Secusmart GmbH

Ханс-Кристоф Квеле

Сржта на секој од овие мобилни телефони безбедни од прислушување била специјална SD-картичка, која едноставно се ставала во делот каде се наоаѓа картичката за меморирање на апаратот, вели основачот на „Секјусмарт“ Ханс-Кристоф Квеле: „Говорот во оваа карта се шифрира. Тоа значи дека од оваа карта произлегува алгоритам за шифрирање, кој го кодира вашиот говор бит по бит“.

Податоците меморирани во апаратот и содржините кои се испраќаат преку мобилната мрежа исто така се шифрираат преку оваа картичка. Независно од тоа апаратот може да се користи како нормален смартфон. Постојат два одделни тека, кои работат независно еден од друг: еден за безбедносно релевантниот дел и еден за апликации и сите нови можности, кои ги нудат модерни смартфони.

Меѓутоа и наводно безбедното кодирање има свои замки. Имено ова шифрирање е делотворно само тогаш, кога телефонските партнери и двајцата поседуваат мобилен апарат, кој ја користи оваа специјална технологија. Сите други разговори не се шифрираат специјално. Интерните владини разговори се значи наводно безбедни, разговорите меѓу владини претстваници и други лица не.

Друг проблем е самото кодирање. Имено, оној кој го има клучот може и да дојде до информациите. „Сѐ што се шифрира, може и да се декодира“, вели ИТ новинарот Робин Кумпл. „Тоа конечно е само прашање на време“. Колку поголеми сметачки способности, толку побрзо се декодира. Поедноставна сепак била класичната шпионажа, значи преку информации од производителите на апаратите или безбедносната фирма да се дојде до клучот за декодирање.

Генерално, со навистина едноставни средства е можно да се дојде до секој телефонски разговор преку мобилен апарат. За тоа е доволен и стар мобилен апарат, вели Кумпл: „Се вклучува лаптоп, се отстранува филтерот и постои софтвер на соодветни канали на интернет и може да се прислушува“.

Поголема заштита преку каблите

Prof. Norbert Pohlmann

Проф. Норберт Полман

Потешко е да се дојде до комуникациските содржини кои се разменуваат преку кабелски врски. Меѓутоа, најдоцна по откритијата на Едвард Сноуден се знае дека и овој проток на податоци се шпионира од тајните служби.

Размената на податоци во германската влада, меѓутоа, е посебно заштитена. „Безбедноста кај владините мрежи е многу поголема отколку на обичниот интернет, бидејќи тие користат значително поскапи и побезбедни апарати и тие системи подобро се надгледуваат“, вели Норберт Полман, извршен директор на Институтот за интернет безбедност во Гелзенкирхен.

Мрежата на институциите на Сојузна Република Германија била поврзана на интернет само на две места. „Таму има мноштво безбедносни системи, кои се активираат штом ќе се појави грешка“. Но апсолутна безбедност, вели Полман, нема - ниту за владата во Берлин.