1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку деца во Македонија не одат на училиште?

Во Македонија има 18.500 деца кои не одат на училиште, тврдат од Првата детска амбасада „Меѓаши“. Надлежното министерство не ја потврдува ниту демантира ваквата бројка

default

Во Македонија има 18.500 деца кои не одат на училиште, тврди за Дојче Веле Драги Змијанац од Првата детска амбасада Меѓаши. Тој ни појаснува како дошле до оваа бројка. „Неколку министри досега имаат кажано дека 5 % од основната школска популација не е евидентирана и нам не ни беше тешко да ја пресметаме оваа бројка. И би сакале доколку е точна, да ја потврдат Државниот завод за статистика и Министерството за образование и наука или пак да ја демантираат‘‘.

Злоупотреба на детскиот труд

Во Државниот завод за статистика велат дека таква бројка немаат, а и покрај бројните наши јавувања надлежните од Министерството за образование, не ни се јавија да ја потврдат или демантираат ваквата констатација. Но да заклучиме, дали се 18.500 или помалку, факт е дека вакви деца имa. Според педагозите, „и да ги има и само десетина, треба да им се помогне да се вклучат во образовниот процес кој е основ за нивен подобар живот‘‘.

Загрижувачки е што кај oвие деца, кои воглавно се Роми, се злоупотребува нивниот труд од нивните родители или други лица. Тие се искористуваат за работа во земјоделството, берба на овошје и слично, но и други форми на злоупотреба, констатира Змијанац и потенцира: „Со исклучување на децата од образованието, ние директно се вклучуваме во кругот на сиромаштија, неписменост и злоупотреба на детскиот труд. И на овој начин не им помагаме на децата да го завршат основното образование‘‘.

Змијанац посочува дека отварањето на Дневните центри во кое воглавно се сместени Ромчиња до 16 часот, не е решение. Според него, децата по 16 часот повторно се на улица и нивниот труд се злоупотребува и затоа овие деца треба да бидат вклучени во задолжителниот образовен процес.

Во одговорот што на ваквата негова констатација го добивме од Министерството за труд и социјална политика е наведено: „ Децата кои што не се вклучени во образовниот процес потекнуваат од семејства во социјален ризик, кај коишто постои трансгенерациско пренесување на сиромаштијата од колено на колено. Тоа се семејства во кои носителот на домаќинството најчесто нема или има

Roma Kinder beim Unterricht

завршено најмногу основно образование. Што се однесува на Дневните центри, нивната приоритетна функција се програмите за мотивирање на децата и нивните родители од училишна возраст во редовни основни училишта, следење и помош на децата, кои се вклучени во образовниот процес во совладувањето на наставните содржини‘‘, потенцираат од ова министерство.

Повеќе бенефиции за децата

Од Првата детска амбасада „Меѓаши‘‘ посочуваат дека грижата за овие деца треба да започне уште од претшколска возараст. Змијанац има и неколку предлози до надлежните, како да се намине ваквата состојба. „Едноставно треба да се работи и со родителите и со децата, да бидат вклучени во задолжителниот основно образовен процес. Но затоа потребни се бенефиции. Барем едно лице од овие дисфункционални семејства во ризик да се вработи, следење на воспитно образвниот процес и како се користи бенифицијата од страна на Центрите за социјална работа. Исто така и добивање бенефиција во училиштето, со добивање топол оброк, школски прибор, бесплатни обувки и облека‘‘.

Божидар Јовиќ, Државниот инспектор за образование во Велес ни потврдува дека има вакви деца кои не посетуваат настава и тоа се воглавно Ромчиња, но не не информира за нивниот број. Тој потенцира дека согласно законот, во првата фаза се организираат средби со нивните родители, а во втората се покренуваат постапките предвидени во Казнените одредби на Законот за основно и средно образование. Јовиќ и покрај нашето барање, не не’ информира колку вакви постапки се покренати во Велес и колку родители се казнети.

Поврзана содржина