1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Колку всушност чини струјата?

Енергијата од ветерот и соларната енергија добиена од новите погони во Европа е поефтина од онаа која е добиена од термо и нуклеарните централи. Тоа доаѓа посебено до израз ако се земе предвид еколошката штета.

Не им е тешко само на потрошувачите во Германија да добијат точен увид во вистинската цена на струјата. Посебни давачки, даноци и субвенции влијаат на цената, а производството на електричната енергија покрај тоа ја загрозува животната средина и го загрозува здравјето, што секако со себе повлекува нови трошоци, кои не се содржани во цената на електричната енергија, но се плаќаат на некое друго место.

Истражувачите од институтот Фраунхофер и Форумот на еколошко-социјалната пазарна економија испитувале и споредувале случајни и последични трошоци кои ги плаќа општеството.

Енергијата од ветерот е најефтина во светот. Во просек, киловат-час добиен од ветерот на морскиот брег или на село чини 7 центи. Цената на соларната енергија е исто така ниска. Новите соларни електрични централи во централна и во јужна Европа моментално произведуваат струја во просек по цена од 14 центи по киловат-час, во Германија по 18 центи, во јужна Европа и по 10 центи по киловат-час. Наспроти тоа, струјата добиена од јаглен, нафта и во нуклеарна централа е скапа, посебно кога ќе се вклучат здравствените и еколошките трошоци кои до сега ги плаќале граѓаните.

Во цената мора да се пресмета и здравјето

Резултатите од новата студија покажуваат дека струјата од новите термоелектрични централи чинат двојно повеќе од струјата која се добива од ветерот и има иста цена како и струјата добиена од соларните панели. Прогнозите покажуваат дека до 2020. година најефтини облици на енергија би можеле да бидат ветерот и соларната енергија, со помош на иновации и намалени трошоци.

Високите економски трошоци во производството на енергија од фосилни извори, според пресметките на научниците, произлегуваат главно поради јаглен-диоксидот и придружните последици од глобалното загревање. Николас Штерн, поранешниот главен економист на Светската банка, во својот обемен и многу фален извештај од 2006. година, проценува дека глобалните трошоци до крајот на овој век би можеле да пораснат на повеќе од 5 милиjарди евра.

Но и прашината од фосилните електрични централи предизвикува нови трошоци, главно поради респираторни болести. Ако некое дете страда од респираторни болести предизвикани од фина прашина, родителите ги плаќаат посетите на лекар и лековите или ги плаќа општеството т.е. здраствениот систем. Според најновите пресметки, фосилното производство на струја од термоелектричните централи е најштетна за околината. Моментално електричните централи плаќаат само мал дел од трошоците кои се предизвикани од загадување. Цената на енергијата добиена од нуклеарни централи е многу тешко да се одреди. Ако станува збор за обновена нуклеарна електрична централа тогаш, според пресметката на калифорниската Комисија за енергетика, би требало да се смета со 20 центи по киловат-час. Наспроти тоа, струјата од старите нуклеарни централи во Германија се добива по цена од 2 до 3 цента по киловат-час.