1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колкаво е влијанието на политиката врз превирањата во ИВЗ?

Бурни случувања во ИВЗ пред почетокот на месецот Рамазан. Разрешениот оџа Рамадан Рамадани, кого ИВЗ го посочува како одметната радикална структура, и неговите приврзаници бараат смена на поглаварот Сулејман Реџепи.

default

ИВЗ

Поглаварот на Исламската верска заедница се’ уште не е подготвен на одговара на незгодни прашања и барања упатени на негова адреса. Реисот Сулејман Реџепи денеска (28.07.10) не се појави на закажаната прес конференција. Јавноста очекуваше одговор за расколот во ИВЗ кој се продлабочува, за тврдењата дека меѓу муслиманите во Македонија има радикални структури, за иницијативата за негова смена од функцијата. Со писмо до највисокиот орган на една од најбројните верски заедници во Македонија, Ријасетот, разрешениот оџа Рамадан Рамадани и неговите приврзаници побараа смена на поглаварот.

Политиката и религијата

Mazedonien - Land und Leute

Реисот Сулејман Реџепи

Познавачите на состојбите во ИВЗ тврдат дека политиката замешала прсти. Дека владеачката ДУИ сака да го тргне од тронот човекот кој пред три години до врвот стаса со поддршка на тогаш владачката ДПА. Двете спротиставени страни не негираат дека политката се меша во верата. „Политиката има интерес да биде присутна во верските заедници и тоа е очигледно. Ние сме посткомунистичка земја со мало демократско искуство и со мала политичка култура. Од тие причини ги мешаме лончињата кој каде треба да делува“, изјави за Дојче веле Јакуб Селимовски од раководството на ИВЗ.

Разрешениот оџа, кого ИВЗ го посочува како радикална структура која се одметнала од заедницата, ги отфрла обвинувањата. Рамадани вели дека ДУИ е во отворен конфликт со поглаварот на ИВЗ, но не признава дека владеачката партија ја продуцира кризата за да го смени поглаварот. „Сите стигми против мене се атак против мојот авторитет, кој очигледно им смета на челниците на ИВЗ“, изјави Рамадани за Дојче веле.

„ДУИ не се меша во верските заедници, никогаш не го правела тоа ниту сега. Наш став е дека верските заедници треба да делуваат самостојно и да се грижат за верскиот живот на граѓаните“, изјави за Дојче веле Џевад Адеми од раководството на ДУИ.

Единствено Ријасетот може да го смени поглаварот

Поддржувачите на Рамадани кои бараат смена на Реџепи тврдат дека имаат поддршка од членови на Ријасетот и од повеќе од половина муфтиства во земјата. Во ИВЗ пак тврдат дека 12 од 13 муфтиства се на страната на поглаварот. Приврзаниците на Рамадани се закануваат дека ќе организираат секојдневни протести, ако нивното барање не биде прифатено. Според новиот Устав на ИВЗ усвоен во 2008 година, единствено Ријасетот може да го смени поглаварот. Највисокото тело на ИВЗ треба да заседава во текот на наредната недела, пред почетокот на Рамазан.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска