1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колкава закана се џихадистите во Сирија?

Радикалните исламисти во Сирија ја потиснуваат умерената опозиција. И организации блиски на терористичката мрежа Ал Каеда се меѓу нив. Поддршка им доаѓа од земјите од Персискиот залив.

Ако му се верува на новото истражување на стручното американско списание „Џејнс“, половина од вкупно стотина илјади борци на сириската опозиција се исламисти од различни профили. Околу 10.000 се џихадисти, кои својата борба по победата која сакаат да ја остварат во Сирија, ќе ја продолжат на друго место.

„Се проценува дека во Сирија има околу 60.000 борци-исламисти, од кои 2.000 до 3.000 се навистина исламисти од кои би можело да нѐ заболи глава. Мислам дека секој поголем број е претерување. Па сепак, две до три илјади луѓе кои создаваат грижи се 2.000 до 3.000 луѓе премногу“, вели Мајкл Стивенс од британскиот институт Ројал Јунајтед Сервисис (РУСИ).

Особено радикални се сметаат припадниците на групата „Света војна“. Тие не сакаат само да ја соборат од власт владата во Дамаск. Тие од Сирија сакаат да направат дел од идната божја држава кој би се протегала низ Блискиот Исток.

Поради таа цел во Сирија пристигнаа многу доброволци од други арапски држави, од Европа и од Азија. „Знаеме дека неколку стотици доброволци стигнаа во Сирија од северна Европа. Имаме информации дека на северот на Германија, во Хамбург, во Данска, Шведска и во Холандија имаа ќелии, кои собираат доброволци и ги префрлуваат на југот на Турција во Газиентеп, а од таму одат за Сирија, во Алепо или во Идлиб“, објаснува Мајкл Стивенс.

Подобро организирани и без корупција

Од групите кои ги собираат и организираат џихадистите најпозната е Фронт Ал-Нусра, која негува тесни врски со терористичката мрежа Ал Каеда. Во неа има 5.000 добро вооружени луѓе. Мајкл Стивенс од британскиот институт РУСИ смета дека тука се говори за преголем број. Тој додава и дека не сите кои се борат за Ал-Нусра се екстремисти. Некои се приклучиле во оваа организација и пуштиле бради, бидејќи е подобро организирана и не е корумпирана. Но затоа е одговорна за многу бомбашки напади и напади на атентатори самоубијци.

Освен Фронтот Ал-Нусра тука е и организацијата „Исламска држава во Ирак и Левант“ (ИСИЛ), која исто така се смета за гранка на Ал Каеда. Различните групи џихадисти добиваат пари по разни канали од арапските земји, особено од земјите од Персискиот залив, вели Пол Салем, директор на фондацијата Карнеги, специјализирана за прашања од Блискиот Исток. Заедничко им е тоа што тежнеат кон основање божја држава. Во областите кои се под нивен надзор, населението почувствувало што тоа значи. Командантите на паравоените сили ја преземаа улогата на судии и донесуваат одлуки за казнување, како што се ликвидација на луѓе или сечење на дланки. Луѓето кои не се муслимани се изложени на терор. Тоа сигурно не е ислам на кој се навикнати луѓето во градовите и кој го одобруваат. Без помош однадвор Сиријците нема да успеат да ги истераат џихадистите од земјата.