1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Колкава е воената моќ на талибанците?

Додека меѓународните сили ИСАФ се подготвуваат за повлекување од Авганистан како што е планирано во 2014 година, нападите на Талибанците се сѐ почести и посмртоносни. Стручњаците стравуваат од нивно враќање на власт.

„Бевме во патрола во провинцијата Баглан која се смета за опасна, кога одеднаш слушнавме пукотници. Доаѓаа од паралелната улица во блиската населба. Се фрливме на земја, како што учевме при вежбите и набргу возвративме оган. нападот заврши исто толку бргу како и што започна. За половина час напаѓачите се измешаа меѓу населението, така што беше невозможно да ги разликуваме од цивилите.“

Овој извештај на германскиот поручник Кристијан Б. од составот на ИСАФ во Авганистан е типичен пример за тактиката на талибанците, која најчесто се сведува на заседи. Од воена точка на гледање, тие се опасни токму поради ваквата партизанска тактика: „Нивните стретегии се сѐ посурови и посложени“, констатира Ролф Топхофен од германскиот Институт за истражување на тероризмот и безбедносната политика.

Најважно оружје - експлозивот

Во нападите на талибанците има сѐ повеќе жртви, пред се‘ затоа што почесто напаѓаат цивили за да ја преземат контролата над областите од кои се повлекуваат меѓународните сили. Според извештаите на Обединетите нации, во последните 6 месеци има речиси четвртина повеќе цивилни жртви отколку во истиот прериод минатата година.

Во суштина, најважно оружје на талибанците дури не е пушката, туку мините и експлозивните стапици. Тоа се покажа како најопасно оружје против меѓународните сили и силите на безбедност на Авганистан, верни на властите во Кабул.

Од друга страна, Марвин Вајнбаум од американскиот Институт за Среден исток, предупредува дека е погрешно талибанците да се сметаат за некоја единствена, организирана воена сила. „Талиб“ на паштунски јазик значи „ученик“ и постојат мноштво различни мрежи. Тие оперираат локално, често се собираат само членовите на одредено племе или семејство кои се и без тоа блиски. Такви групи има секаде, но, како што објаснува Вајнбаум, „најмногу во источните и јужните провинции, а често имаат упоришта и во соседен Пакистан.“

Прекугранична соработка“

По инвазијата на американските сили, некои талибанци останаа во Авганистан, а други се повлекоа во Пакистан. Таму основаа т.н. Квета-Шура - своевидна влада во егзил на чие чело и натаму беше нивниот лидер Мула Омар. Истовремено, формирани се и други групи, но на пакистанските талибанци, кои се денес организирани во мрежата „Техрик е талибан Пакистан“. Вајнбаум нагласува дека авганистанските и пакистанските талибанци се разликуваат во голема мерка, иако имаат слични верски погледи за борбата за муслиманска држава. Тие тоа секако сакаат да го спроведат во својата земја, и иако си помагаат меѓусебно, Авганистанците не напаѓаат цели во Пакистан, туку само во својата татковина.

Талибанците исто така немаат некаква командна структура како во „нормалните“ војски. „Индициите повеќе говорат за бунтовнички сили без некаква цврста организација. Поголемиот број операции ги планираат и спроведуваат независни, локални команданти“, објаснува американскиот стручњак. Тоа потполно одговара на традиционалните племенски структури и всушност единствен исклучок е талибанската мрежа Хаканија во северен Вазиристан. Само кај неа можат да се забележат сличности со „вистинска“ војска и таа група, на чие чело е Сирајудин Хакани, која е одговорна за бројни, поголеми напади во Кабул и во другите делови во земјата.

Мрежа доушници

Во текот на бројните војни кои се водеа во Авганистан, талибанците научија својата тактика да ја прилагодат кон противникот: „Нивни цели се воената и полициската инфраструктура, како и упоришта кои не се добро заштитени“, објаснува Вајнбаум. На тој начин тие сакаат да ги дестабилизираат локалните институции на власта и да го заплашат тамошното население. Притоа, речиси и не се впуштаат во борба против добро утврден и вооружан противник. Сѐ почесто употребуваат снајпери, самоубивачки напади и, секако, секогаш одново мини и експлозивни стапици.

Исто така, талибанците внимателно следат што работи и како се однесува противникот. Германскиот стручњак Ролф Топхофен потврдува дека се занимават и со воена теорија: „Талибанците имаат пристап до воени прирачници од советско време, но и учебници на американска војска од кои учат како се однесува противникот. Она што за талибанците е од непроценлива важност е честопати семејната мрежа информатори и одличното познавање на теренот, така што и без сателити секогаш знаат каде се ноѓа противникот“, вели Топхофен.

Тоа пред сѐ се однесува на Паштуните, објаснува Мајкл Кугелман од американскиот Центар „Вудро Вилсон“ и укажува на нивната „воена традиција, всушност, на насилничка структура, според која некое момче станува 'маж’ дури откако ќе добие пушка в раце.“ Многу поинаку не е ни со доброволците кои се од разни земји, пред сѐ од Узбекистан и Чеченија, дојдени во Авганистан.


Сепак, поголем број талибанци се мобилизират во верските училишта- медресите или во бегалските логори во Пакистан. Не е реткост борците да се привлекуваат со пари, кои им се ветуваат ним лично или на нивните семејства, доколку загинат во борба.

Делење правда“ на талибански начин

Пари, оружје и опрема на талибанците им пристигнуваат пред сѐ од Пакистан, тврди Топхофен. „Како и пред нападот на Светскиот трговски центар, талибанците целата потребна обука, пари, муниција и снабдување ги добиваат од пакистанската тајна служба ИСИ.“ Владата на Пакистан тоа упорно го негира.

Нападите на талибанците не се ограничени на странски војници. Го напаѓаат секој оној кој не ги дели нивните погледи и сваќања. Затоа тука спаѓаат и згради на владини институции, џамии кои се премногу либерални за нивен вкус, болници и училишта. Познат е примерот за ученичката Малале Јусафзаи: таа се залагаше за школување на девојчињата и затоа талибанците ја ликвидираа.
И покрај таквата суровост, талибанците се трудат да освојат симпатии кај населението. Онака како што и нивниот прв лидер Мула Омар започна да стекнува популарност, кога со само неколку следбеници уште во 1996. година влезе во една касарна во која војниците силувале две девојчиња и практично лично го обеси командантот на касарната за топовската цевка на тенк, така и денешните талибанци, кога можат, „делат правда“ онака како што тие сметаат дека е исправно.

Тоа создавање на паралелни структури на власт, според Вајнбаум, е клучен елемент на талибанците. Ако се силите на полицијата протерани, тогаш се тука талибанците да „помогнат“ на оние на кои им е нанесена неправда. И тука корупцијата и неспособноста на многу нивоа на управата во голема мерка им помагаат за да стекнат следбеници и помагачи.

Времето работи за талибанците

Поради сето ова, американскиот експерт е севкупно песимист кога станува збор за иднината на Авганистан по заминувањето на странските војници. Талибанците имаа пред сѐ многу време: „Тие го имаат сето време на овој свет. Во состојба се да спроведат поголеми воени операции, штом странските сили ќе го напуштат Авганистан“, вели Вајнбаум.

Од друга страна, талибанците смеаат дека популарноста на претседателот Хамид Карзаи натамошно ќе опаѓа, но и оти, порано или подоцна, ќе се покаже старата болка на Авганистан: длабоката и речиси непремостливата недоверба меѓу целата низа различни народи и племиња во земјата, која ќе доведе до јасни линии на поделба.