1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Коле Ангеловски: Ич не ми одговара ова што сега се случува

Македонскиот актер и режисер Коле Ангеловски го одбележува јубилејот- 50 години творештво. Прекрасен повод за разговор кој открива големо искуство, безброј приказни и доживувања поврзани со професијата.

default

Коле Ангеловски

Пред 50 години ја доби првата улога. На свои 18-19 години. Оттогаш вели, „му тргна“. Има повеќе од 120 претстави кои ги гледале најмалку два милиони луѓе, 20 улоги во театар, 40 на филм. Се закити со многу награди и признанија и како актер и како режисер. Најзначајни награди му се онаа за најдобар млад актер во Југославија, две Златни арени, наградата на градот Скопје „13 Ноември“ за животно дело и државната награда „11 Октомври“.

Генерациите од 60-тите и 70-тите години, блиски и до авторот на овие редови, растеа со филмовите и се препознаваа во искреираниот стереотип на брзи, шармантни момчиња кои искрено-одлично му прилегаа на физичкиот и темпераментниот духовен хабитус на актерот Коле Ангеловски.

Глумеше во најскапите филмови во југословенската кинематографија - рамо до рамо со Орсон Велс и Ричард Бартон. Режираше два филма во својата кариера. Но, кога би требало да работи на нешто ново тоа повторно би била комедија. Ама во театар. Се подготвува повторно да ја врати култната претстава „Солунски патрдии“ која проживеа 30 години на сцената на Драмскиот театар. Од 2008 година е во пензија. Тешко му паѓа урбаната динамика и хаосот кои не беа одлика на некое минато време кое му е лично поприродно и поблиско па од кошмарот, како што вели, бега во својот микрокосмос. Во Леуново.

Kole Angelovski

Коле Ангеловски во разговор со Сузана Тодоровска- Павловска

Разговорот за јубилејот 50-те години творештво со Коле Ангеловски немаше да биде толку непосреден доколку не беше направен на местото каде се чувствува-„свој“. Во случајов- бифето на Драмскиот театар. Во едно сончево ноемвриско пладне...

„Тука доаѓам од 1967 и практично сè што се случуваше во театарот поминуваше низ ова бифе. Тука се создаваа претстави, се разговараше за улогите. Во последно време малку е празно- помладите актери ретко наминуваат, но ние постарите, мојата генерација тука минувавме денови создавајќи претстави. Досега во Драмски режирав 33 претстави и не верувам дека има друг режисер кој има работено на повеќе претстави во овој театар, од мене.“

Глумењето во филм- радост! Режирањето филм- мака

...Режираше два филма во својата кариера „Татко (Колнати сме, Ирина)“ во 1971 и ја потпиша втората филмска комедија во македонската кинематографија (по „Мирно лето“ на Димитрие Османли) „Викенд на мртовци“ за кој ја доби највисоката награда на фестивалот на југословенската филмска комедија за режија . „Татко“ му донесе две награди „Златна арена“ .

Глумењето во филм отсекогаш му причинувало радост, режирањето во театар- огромно задоволство, ама „режирањето на филм беше вистинска мака“, вели тој. Меракот по театарот сепак е поголем...

„ Филмовите се снимаа по 2-3 месеци освен големите продукции како „Сутјеска“ или „Битката на Неретва“ кои се работеа по две години. Но, на филм доаѓаш да играш со радост, улога што ја сакаш, се сретнуваш и се радуваш со луѓе кои ги сакаш и- за тоа бев платен! Режирањето на филм за мене е ужасна мака. Можеби затоа не сум направил повеќе филмови. Не самиот процес на создавање на филмот туку да се дојде до шансата да се направи, а потоа и да се дистрибуира. Затоа и не сакам многу да правам филмови како режисер.“

„Од партизанските филмови може да се научи не како се правеле туку, како се прават филмови“

Theater in Skopje, Mazedonien

Драмски театар, Скопје

Го играше Треф, ликот од филмот „Саша“ од 1962 година. „Оттогаш -ми тргна“, ни раскажа тој. Дојдоа на ред уште 20-тина филмови во следните години и популарноста!

Меѓу нив и улогите во најскапите филмови во историјата на југословенската кинематографија: „Битка на Неретва“ во 1969, а потоа во 1973 година го сними „Сутјеска“. Создаваше ликови кои ги освојуваа симпатиите кај публиката со својот игрив темперамент и детска наивност, фино креирајќи ја својата препознатливост - небаре македонскиот менталитет се отелотворува во ликовите на Коле Ангеловски. Се сеќава на многу доживувања од тоа време...

„Многу убаво беше чувството да застанеш покрај Орсон Велс и да муабетиш со него. А пак Јул Бринер кој има словенска крв во себе беше особено комуникативен човек па секоја вечер по снимањето, седнувавме јас, Бата Живојиновиќ, Љубиша Самарџиќ, Борис Дворник, Јул Бринер, па се забавувавме, пеевме... А Јул Бринер кој имаше онака длабок глас, руски бас, пееше одлично ...Велам, некои сакаа да се дружат, а некои не нè „шишаа“. На пример, Ричард Бартон воопшто не контактираше со другите освен на снимањето. А овие „нашиве“ навистина беа легенди- Бата Живојиновиќ, Борис Дворник, Милена Дравиќ, Павле Вујисиќ, Беба Лончар....Со нив работата беше радост“.

Овие партизански филмови денес се врзуваат за некое друго време и идеологија. Но, „од нив и тоа колку има да се научи“, вели Коле Ангеловски, разочаран од непрофесионалноста и инертноста кај колегите од својата фела. За денешната македонска кинематографија вели дека „или немаме приказни или немаме храброст да се зафатиме со теми што ќе го заскокоткаат гледачот“, ќе рече.

„Јас не сум за сериозни теми“

И кога повторно би се нафатил да сними филм? „Пак би работел комедија! Јас не сум за сериозни теми.“ Вака ја коментира својата наклонетост кон жанрот комедија и за втората филмска комедија во македонската кинематографија „Викенд на мртовци“ за кој се радува дека и по 30 години филмот не изгубил ништо од актуелноста и од духовитоста . И наместо поплавата од турски серии на домашните телевизии вели дека треба да се сними наша македонска. Веќе 5 години нуди серија за снимање но не му успева.

Релација: Скопје- Леуново- бифе на Драмски...

Справувањето со македонска реалност која ги вклучува и исполитизираното секојдневје, „тезгарењето“ на колегите уметници , медиокритетството, обесхрабрен поради изгубените вредности и во театарот и на телевизијата, па и градската динамика, реши да ги замени и да се повлече во спокојството на Леуново.

„Ич не ми одговара ова што сега се случува. Таму живеам во природа, се дружам со моите кучиња, пишувам и многу ми е убаво. А во Скопје доаѓам во викендите и тогаш тука е убаво бидејќи градот е празен. Она што исто така не е добро е што и за она што се игра во театрите, не постои никаква критичност. Каква и да е претставата –поминува! Но, тоа е...“

„Вреди ли човек да се занимава со оваа работа“, се прашува актерот Коле Ангеловски на крајот од разговорот со прекрасен повод- 50 години пишување во историјата на македонската театарска и филмска уметност.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Жана Ацеска