1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Колешино - македонски пример за верски соживот

Во струмичкото село Колешино со генерации, а повеќе од сто години, заедно живеат и православни, протестанти или методисти, адвентисти-саботјани, јеховини сведоци кои имаат и свои божји храмови и во помал обем баптисти.

Мудроста на соживотот се учи и од библијата

Мудроста на соживотот се учи и од библијата

На 15 тина километри од Струмица, во пазувите на Беласица, се наоѓа струмичкото село Колешино. Кого и да запрашате ќе ве упати дека тоа е центар на повеќе верски заедници на една религија, христијанската. Во него веќе со генерации, а повеќе од сто години заедно живеат и православни, протестанти или методисти, адвентисти-саботјани, јеховини сведоци кои имаат и свои божји храмови и во помал обем баптисти. Самите Колешани за себе велат дека по ништо не се разликуваат меѓу себе освен по црквата во која одат во недела, иако често знаат да отидат и во црквата на другите верски заедници, на своите пријатели и роднини и заедно да научат нешто ново за другите. Жителите на Колешино се одличен пример на убав соживот.

Постепено ширење на различни верски заедници

При крајот на 19 и почетокот на 20 век под разни влијанија во струмичкото село Колешино, на само 15 километри до бугарската граница, освен православната започнало ширењето и на други верски заедници. Најпрво дошле протестантите преку мисијата на хуманитарката Мис Стон, која во ова и во уште неколку струмички села придонела за изградба на повеќе протестантски цркви. Потоа во селото дошле и адвентистите, па Јеховините сведоци, па баптистите. Семејството на 40 годишниот Панче Тилев по ништо не се разликува од останатите македонски семејства во овој крај. Ние на тоа гледаме обично и воопшто не ни пречи, ни вели нашиот љубезен домаќин со насмевка на лицето.Во прилог на ова-тој е од православна, а сопругата Тијана од протестантската верска заедница, едни од многуте мешани бракови во Колешино. „Си живееме добро мислам нема никакви предрасуди за разлика од другиот дел на Македонија каде има предрасуди спрема другите христијански верски заедници, кои ги етикетираат како секти‘‘.

Го прашуваме Панче-како живеат Колешани?

„Секој божји ден работиме заедно, одиме во нивните божји храмови и тие доаѓаат во нашиот кога има некој празник, или ја обработуваме библијата. Ние не се оптоваруваме со тоа кој на која верска заедница припаѓа. Јас го гледам човек како човек, а не како претставник на друга верска заедница‘‘.

NO FLASH Kerzen Mazedonien Skopje

Заедно се делат и радоста и тагата

Кажувањето на Панче ни го потврдува и неговиот сожител и роднина Сашо Андонов кој исто така е православен. „На пример, по сите други села кајшто има протестанти и други вероисповеди, тие имаат одвоени гробишта, а кај нас во Колешино сите се во едни селски гробишта. Без разлика дали е православен, методист, адвентис или Јеховин сведок. Соживот имаме прекрасен, да ни позавидат и другите на слогата и заедништвото во Колешино‘‘.

70 годишниот Костаќе Цеков е #методист. Го посетивме во неговиот убаво уреден двор, какви што се дворовите на повеќето Колешани, од кои голем дел живеат и во Австралија, Канада и други земји.

„Има ли радосна вест сите се тука, жална вест-погреби, сите се тука, не прават никакви разлики, нема никаква разлика во селото‘‘.

Солидарност за пример

Weinachten in Mazedonien

Најдобар пример за добар соживот во Колешино е кога некој има итна потреба од пари за лекување-на помош преку црквите организирано веднаш му притекнуваат сите верски заедници.

„Во помошта се вклучуваат сите верски заедници од Колешино. Дали со член од оваа или онаа црква, црковниот одбор ја посетува другата црква и се бара финансиска помош во границите на можноста на црквата. Се излегува во пресрет на болен, на дете, во случај на операција и други потреби. Тоа мислам го нема никаде на друго место во Македонија‘‘.

Според Колешани, ваквиот одличен верски соживот се должи на големата просветеност на жителите, кои училишта имале многу одамна, а кои се образувале и воедно ја проучувале и библијата.

Спаско Ников, кој е од адвентистичката верска заедница или саботјани, има силна порака и рецепт за останатите во Македонија кои поинаку гледаат на овој разноличен верски соживот.

„На таквите им препорачувам да ја отворат библијата и да се поучуваат од неа, а не да слушаат некои други, туку библијата треба да каже дали е се во ред или не е. И тогаш ќе нема никакви проблеми помеѓу луѓето“.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска