1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колбо: Секој член на Друштвото е лобист за Македонија!

Старо-новиот претседател на Германско-македонското друштво Валтер Колбо вели дека во иднина ќе се направи обид во Друштвото да се вклучат и популарни личности, но всушност секој член е лобист за Македонија!

Германско-македонското друштво, чиј стар-нов претседател е социјалдемократот Валтер Колбо конституирано е во Берлин во 2000-тата година. Тогашната, а и сегашна идеја за постоењето на Друштвото била и е  тоа да претставува своевиден мост меѓу Германија и Македонија - на политички, економски, културен, спортски план.Наспроти амбициите и ангажманот на поединци Друштвото опстана, но не профункционира како препознатлива врска меѓу двете земји. Но, како што вели старо-новиот претседател на Друштвото Валтер Колбо во иднина ќе биде поинаку. Го прашуваме: што треба структурно да се направи за да може Друштвото во вистинската смисла на зборот да функционира?
„Ова е легитимно прашање! За да може вистински да функционира според мене треба најпрво да ја подобриме нашата комуникативна способност. И тоа како внатре меѓу членството, така и на надвор. Ова значи дека секој член треба да придонесе, да стане своевидна политичка, економска, културна или спортска врска меѓу двете земји. Покрај луѓето што се добри во бизнисот мора на страна на Друштвото да ги придобиеме и популарните лица од спортот – кошаркари, тенисери, фудбалери, ракометари кои би биле своевиден атрактивен магнет кој би привлекол што поголем број нови, млади и креативни членови. Што се однесува до подобрувањето на внатрешната комуникација меѓу членството, веќе се договоривме квартално редовно да се среќаваме.

Deutsch-Makedonische Gesellschaft Kornelia Utevska-Gligorovska und Walter Kolbow

Мост меѓу Германија и Македонија: Валтер Колбо и Корнелија Утевска-Глигоровска

На ваквите средби претпоставка е дека членовите ќе  донесат и свежи идеи за конкретни активности. Едновремено ќе ја актуелизираме нашата веб-страница, планираме да направиме и „њус летер“ со што и би се  подобрила целокупната стратегија на делување на Германско-македонското друштво“, вели за ДВ Валтер Колбо  кој е убеден дека соработката може да се засили и на културен план со поединечните иницијативи на уметници, писатели, фотографи.
Во Германско-македонското друштво во моментов членуваат над 100 лица. Околу 60 проценти се Германци, а 40 отсто се Македонци. Колбо вели дека добредојдени во Друштвото се и сите Македонци кои имаат германско државјанство. Формуларите за зачленување се на веб-страницата на друштвото, а годишната членарина е симболична – 30 евра, односно 10 евра за ученици, студенти, пензионери.

Германски интерес

Во времето кога Валтер Колбо стана прв претседател на Друштвото, тој беше  активен во политиката. Беше пратеник во Бундестагот и државен секретар  во сојузното министерство за одбрана (1998-2005).  Во 1999 година, во екот на Косовската криза, Колбо беше и координатор на германската помош и престојуваше во Македонија. Оттогаш па до денес е еден од малубројните Германци со политички бекграунд кои се ангажираат околу Македонија. Го прашуваме: дали и колку може од членовите на Германско-македонското друштво да се изградат лобисти за Македонија?
„Секој член на Германско-македонското друштво е лобист за Македонија. Ова треба  уште повеќе да се засили за да се помогне да се совладаат пречките кои се на европскиот пат на Македонија. Би кажал дека германсата политика и општество се занимаваат и следат што се случува и со една мала земја каква што е Македонија, но која има големо значење за целиот регион на Западниот Балкан“, објаснува  Колбо дополнувајќи дека  во изминативе 15 години многу работи се промениле и Македонија покажува дека е кадарна за членството во ЕУ и НАТО.
„Тоа што се’ уште не е членка на ЕУ и НАТО знаеме дека не е вина на Македонија, туку на нерешителноста на меѓународната заедница и прашање е до кога ќе биде така ?! Но, кризната ситуација во Парламентот од 24 декември не смее да биде алиби! Јас би кажал дека она што случи не беше лицето на вистинската Македонија. Тоа беше грешка на сите учесници во инцидентот и не смее да се дозволи поради тоа земјата  да остане изолирана од европските процеси“, коментира за ДВ  Валтер Колбо.