1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Колбасот со кари добива и музеј

Колбасот со кари, во Германија познат како „каривурст“, е омилена брза храна на Германците. Дури и поранешниот канцелар Герхард Шредер има слабост кон каривурст, колбасот кој од неодамна доби и музеј.

default

Каривурст

„Берлин без каривурст? Тоа не оди."

„Тоа е омилена храна на Берлинчани. Тоа се јаде во германската престолнина. Во другите градови се јадат регионални јадења, но овде - каривурст.“

„Секогаш може да се јаде. Наутро, попладне, навечер. Навистина секогаш. Едноставно годи.“

„Каривурст во Германија е речиси како културно добро“.

Deutsches Currywurst Museum

Љубители на каривурст има многу

Ова се одговорите на прашањето зошто познатиот колбас сега има и свој музеј во центарот на Берлин. И тоа со карта на светот направена од кари, со многу берлинска кари-историја и со киоск за брза храна. Мајке – Мари Тиле ја подготви изложбата која почнува од далечната 1949 година: Втората светска војна само што заврши, блокадата на Берлин предизвика уште поголема глад во градот разурнат од бомби, а пазарот на црно цутеше.

„Тоа беше возбудливо и турбулентно време во Берлин. Каривурст настана од креативниот пристап и пионерскиот дух кон таа ситуација. Тоа сакаме и да го прикажеме."

Чиј е каривурстот?

Зачинот кари стигнал во Берлин, пред се‘ благодарение на британските војници. Но, дали германскиот каривурст е навистина и берлински? Писателот Уве Тим во својата книга „Пронаоѓањето на каривурст“ напишал дека каривурст е роден во Хамбург. Многу други Германци веруваат дека Рурската област е местото каде што се родил колбасот со кари. Управникот на музејот за каривурст, Мартин Левер, вели:

Deutsches Currywurst Museum

Колбасот со кари ги поздравува гостите во музејот

„Според легендата, каривурст настанал во некое друго место. Но, црно на бело стои дека патентот за сосот е пријавен на име на госпоѓа Хојвер, и тоа се случило во Берлин."

Херта Хојвер, пред точно 60 години, во својот киоск за брза храна во Берлин, мешала кечап со разни билки, а пред се‘ со кари, и со тоа ги воодушевила своите муштерии. Но, без разлика на тоа каде е создаден најпознатиот германски колбас, тој им прираснал за срце на сите Германци:

„Секако дека секој ќе тврди дека најдобриот каривурст доаѓа токму од местото каде што тој живее. Затоа, ова е многу емотивно прашање.“

Автор: Лидиа Лајперт / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска