1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кока Кола и Коран

Во САД, според проценките, живеат околу осум милиони муслимани. Што се промени во односот во земјата кон нив по доаѓањето на американскиот претседател Барак Обама?

default

Во една просторија во универзитетот Дјук се собрани 30-тина мажи и жени. Просторијата не изгледа многу спиритуално. Ѕидовите до таванот се прекриени со регали со книги. Тешките дрвени маси со лаптоп-компјутери се тргнати настрана. Под нив се соблечените чевли. Луѓето, седнати на големите послани ленени шамии во средината, внимателно го слушаат духовникот. Сите овие муслимани се студенти на елитниот универзитет Дјук во југоисточниот дел од САД. Секоја недела тие се среќаваат на петочна молитва во една од просториите на библиотеката.

Американка и муслиманка

Фатима Ахмад е една од нив. Нежната 23 годишна девојка одвреме-навреме ја поднаместува шамијата на главата. Нејзините родители се од Египет, а таа е родена во САД.

„Јас сум муслиманка и Американкa. Од една страна, убаво е што овде смеам да ја практикувам својата религија, уставот ми го гарантира тоа право. На универзитетот можам да ја носам шамијата. Од друга страна, постојат многу предрасуди, негативни стереотипи за муслиманите. Кратко по 11 септември еден човек во автобус ме праша: Нема да не‘ киднапирате, нели? Тоа беше страшно. Како јас да не бев исто толку погодена како и другите поради нападите. Ме третираа како некој странец“. Притоа Фатима Ахмад со полунасмевка се опишува себеси како американска девојка. Таа ја сака кошарката и блокбастер, а зборува американски без никаков акцент, за студиите добива стипендија за високоталентирани ученици и е претседателка на муслиманското студенско здружение. Млада, самосвесна жена, која в лето ќе дипломира на биолошки инженеринг.

Обама како катализатор

На минатите избори во САД Фатима, сосема свесно, гласала за Барак Обама.

„Мислам дека тој ги засили тенденциите. Луѓето кои и порано се занимаваа со ислам, сега уште повеќе се интересираат за него. А луѓето, кои отсекогаш биле против муслиманите, сега се уште повеќе против нив. Не сум толку сигурна дека Обама ќе ни помогне толку многу, колку што сакавме. Кон американските муслимани засега се држи дистанцирано, што не‘ разочара. Но, кратко е на власт. Се надеваме дека во наредните четири години ќе биде подобар посредник.“

Исламот како котва

Читањето на Коранот на арапски и англиски во меѓувреме премина во петочна молитва. Хаџи Ахмед тивко се придружува. Стариот господин со малку побелена брада е постојан гостин при молитвата на универзитетот. Доаѓа тука, зашто најблиската поголема џамија е оддалечена 60 километри. Хаџи Ахмед е роден како Џери Микели, а откако наполни триесет години, премина од еврејската религија во ислам. Тој спаѓа во седумстотините илјади муслимански конвертити во САД, а нивниот број рапидно расте. Ниедна религија во САД не расте толку брзо како исламот.

„Мојот поранешен живот беше сосем поинаков. Растев во САД во шеесеттите години и живеев според принципот на уживање. Но, сепак во себе чувствував празнина, додека еднаш случајно не сретнав една група муслимански суфии. Многу едноставни, скромни луѓе, кои со жар ја живеат својата религија. Тотално ме импресионираа. Исламот не ми дава само спиритуална димензија, туку и практична животна помош. Тој е мојата котва.“

А за таа котва, Хаџи Ахмад се држи цврсто со години. Дипломираниот психолог се моли петпати на ден, пости и беше на аџилак во Мека. Но, посветувањето на неговиот комплетен живот на исламот имаше и темни страни:

„За да се биде муслиман во САД, треба да се има и храброст. Се разведов од мојата поранешна жена, моето семејство, со исклучок на мајка ми, целосно ме отфрли. Јас не го сакав тоа, но тие повеќе не можеа да ме прифатат.“

Ова се должи пред се‘, на тоа што на многумината немуслимански Американци им недостасува познавање за исламот, посебно на југот на земјата. Речиси шеесет проценти од нив никогаш немале контакти со некој муслиман. Тоа е идеална почва за предрасуди. По 11 септември се зголеми и бројот на паушалните осуди. Изградбата на џамиите беше стопирана со протести, непотребно беше оддолжувано доделувањето „зелени карти“ за престој за муслиманите.

Muslime in den USA

Се‘ уште постојат предрасуди

Заеднички муслимански идентитет

Абдула Антепли сака да се спротистави на предрасудите кон муслиманите во САД со транспарентност и знаење, тој е имам на Дјук универзитетот:

„Ние муслиманите не смееме да дозволиме да бидеме отфрлени, мораме со другите да ја делиме многустраноста на нашата религија. Меѓу муслиманите во САД, шест до осум милиони, има најширок спектар на верата. Но, за жал, различните исламски групи немаат многу меѓусебни контакти. Што знаат, на пример, муслиманите во САД по потекло од Турција за нивните браќа по вера од Магреб или Индонезија? За жал, не многу. Предизвик е формирањето заеднички муслимански идентитет во САД и отворањето нанадвор.“

Абдула Антепли се залага токму за ова, и тоа со сите американски средства. По читањето на Коранот, теписите за молитва се тргнуваат настрана, се вадат шишињата со кока-кола и се делат огромни пици со повеќе кашкавал. Имамот и студентското здружение канат на ручек. Гости се еврејски професори, христијански и муслимански духовници од повеќе од десет држави. Она што ги поврзува е љубопитноста кон другите и љубовта кон американската брза храна.



Автор: Аигил Чизмечиолу/ Жана Ацеска