1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кои сириски бегалци можат да пристигнат во Германија?

Повеќе од 100 сириски бегалци денеска пристигнуваат во Хановер, во рамките на програмата за прифаќање на 5000 сириски бегалци во Германија. Условите кои мора да ги исполнат за да бидат прифатени се делумно нејасни.

Каирије заедно со сопругот и три ќерки доби место во авионот кој од Бејрут денеска слетува во Хановер. Ова сириско семејство, заедно со стотина други Сиријци, по доаѓањето на германска територија најнапред треба да биде сместено во бегалскиот камп Фридланд. 51-годишниот Каирије со големи очекувања и оптимизам гледа на оваа промена и на заминувањето од Либан: „Мислам дека во Германија не‘ чека подобар живот. Германија е цивилизирана земја во која луѓето се почитуваат“

Каирије (вистинското име и‘ е познато на редакцијата на ДВ) потекнува од градот Хомс и таму живееле со семејството сѐ додека една од нејзините ќерки не била ранета во главата во текот на борбите во градот. Тогаш заминале во соседен Либан. Ќерката заздравела од повредите, но останала неподвижна.

Вкупно 109 жени, мажи и деца кои денеска пристигнуваат во Хановер ги исполнуваат условите кои за привремен престој во Германија ги постави надлежното министерствот за внатрешни работи. Еден од тие услови беше бегалците во одделението на УНХЦР во Бејрут да се пријават до 31.03.2013 година и да се регистрираат. Освен тоа решавачко за тоа дали некој ќе биде примен во Германија, беа всушност неговата здравствена состојба, потребата за заштита, дали постојат роднини во Германија и се разбира дали има квалификации.

Тежок избор

До 30 март годинава во УНХЦР во Бејрут се регистрираа повеќе од половина милион бегалци од Сирија. Оваа организација од нив избра 4000, кои треба да го напуштат Либан. Освен тоа членови на семејствата кои живеат во Германија имаат можност преку интернет страницата на УНХЦР да поднесат барање за примање на членови на семејството избегани од Сирија. Досега на таа страница се наоѓаат уште 1000 имиња. Конечната одлука за тоа дали некој навистина ќе дојде во Германија, ја донесува Сојузното министерство за миграции и бегалци.

„Изборот на оние кои ќе заминат во Германија не е завршен. Станува збор за тежок процес. Особено тешко е да се испитаат критериумите со оглед на тоа што заштита им е потребна на повеќето луѓе. Мнозинството сириски бегалци во Либан се чувствува навистина лошо. Живеат во тешки услови и потребна им е помош“, вели Дана Слајман, портпаролка на УНХЦР во Бејрут. Сепак оваа организација мора да ги избере најтешките случаи. Тоа се на пример деца без родители, самохрани мајки и лица со големи здравствени проблеми. Каирије и нејзиното семејство ги исполнуваат сите тие услови

Критики за програмата за прифаќање бегалци

Германската програма предизвика голем немир меѓу сириските бегалци во Либан. Многумина се жалат дека не можат да дојдат до потребните информации во германската амбасада во Бејрут. Ниту на интернет страницата на амбасадата нема никакви информации.

Соработниците на невладините организации остро ја критикуваат таквата политика. Еден од нив е Абед Ал Азиз Аиди, шеф на бејрутската канцеларија на германско-сириската хуманитарна организација „Најда Нау“ која се грижи за сириските бегалци во соседните земји. Тој вели оти го зачудува тоа што никој од германските власти не се обидел да стапи во контакт со него.„Ние секојдневно работиме со бегалците во Либан и добро ни е позната нивната ситуација. Ние би можеле да им ги предложиме оние најтешките случаи“, вели Аиди.

Притоа мисли на една 18-годишна бремена жена од Алепо која во Бејрут е само со своите деца. Тој наведува дека ја пронашле на улиците на Бејрут и ја довеле во бегалскиот камп.

„Ја поздравувам таа германска програма, но од стотиците илјади бегалци, во Германија ќе бидат примени вкупно 5000. Тоа е само мала група. На многу Сиријци нема да им преостане ништо друго туку самите по нелегални патишта да тргнат кон Европа“, стравува Аиди.

Поврзана содржина