1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кои се новите луѓе во германскиот парламент?

Денеска (27.10.2009) се одржува конститутивна седница на новиот состав на германскиот парламент, Бундестагот, во пленарната сала на Рајхстагот во Берлин. На седницата ќе биде избран и негов претседател.

default

Пленарната сала на Бундестагот

„Има ли некој од вас, кој е постар од мене?“ Со ова традиционално прашање најстариот од пратениците го отвора конститутивното заседание на германскиот парламент. Најстариот пратеник секогаш ја има честа да ја отвори првата седница на новиот состав на Бундестагот и да одржи пригоден говор. Потоа пратениците го бираат новиот претседател, кој овој пат ќе биде всушност истиот од претходниот мандат. Политичарот на владеачката Христијанско демократска Унија, Норберт Ламерт, се покажа и се докажа како искусен и способен претседател на парламентот.

Нови структури

Но, до неговите зборови „седницата е отворена“ требаше уште да се довршат последните подготовки. Сините фотељи за пратениците во пленарната сала, имено, мораа одново да се позиционираат според бројот пратеници, што го добила секоја од парламентарните групи на вкупно петте партии застапени во новиот состав. При тоа вработените од техничката служба работата ја почнаа од првите редови.

Bundespräsident Norbert Lammert eröffnet Sitzung der Bundesversammlung zur Wahl des Bundespräsidenten

Старо-новиот претседател на Парламентот, Норберт Ламерт

Тие фотељи се особено посакувани: „Првите два реда располагаат и со телефонски приклучоци. Затоа нивното преуредување беше технички особено тешко. Таму мораа да се влечат нови кабли и да се ставаат евентуално нови фотељи“ - појаснува портпаролот на Бундестагот, Кристијан Хозе.

Губитници и победници

Во новиот состав на парламентот беа изнесени голем број седишта на Социјалдемократската партија, која забележа тешки загуби на есенските избори. Дури 76 фотељи помалку стојат на располагање за нивните пратеници. На чело на оние кои сепак стекнаа пратенички мандат ќе се најде главниот кандидат на партијата за канцелар на изборите, Франк Валтер Штајнмајер, кој од улогата на вице-канцелар и шеф на дипломатијата сега ќе мора да се прилагоди на опозиционерска работа. „Без сомнеж собраниската група на СПД овде во германскиот Бундестаг ќе биде центар, од кој ќе произлегуваат концепти за долгорочните линии на социјалдемократската политика во Германија. Подготвен сум да се ангажирам во таа насока.“

Полесна коалиција

За разлика од социјалдемократите, кои се сметаат за најголеми губитници на изборите, како големи победници излегоа либералите. За нив во пленарната сала има дури 32 нови пратенички места и заедно со владеачката Христијанско-демократска Унија на канцеларката Ангела Меркел, располагаат со комотно мнозинство во парламентот.

Haushaltsdebatte Bundestag Angela Merkel Guido Westerwelle

Сега ќе биде полесно: претседателите на новите коалициони партнер, Меркел и Вестервеле

Меркел, која останува на канцеларската позиција, е многу радосна затоа што тешките години на големата коалиција со социјалдемократите сега се минато. „Верувам дека сега со добар полет можеме да влеземе во новиот легислативен период!“

Смена на генерации

Во новиот состав на парламентот, што произлезе од есенските избори, има многу нови лица, вели портпаролот Кристијан Хозе: „Може да се заклучи дека има навистина многу нови пратеници. Тоа претставува вистинска смена на генерации!“

Дури 202 од вкупно 622-цата пратеници, значи речиси една третина, допрва ја почнуваат пратеничката кариера. Најдолг пратенички стаж има христијанскиот демократ Волфганг Шојбле, кој во претходниот состав на владата ја имаше функцијата на министер за внатрешни работи.

Symbolbild Überhangmandate

Некои губат, а некои добиваат: префрлање на пратеничките фотељи во пленарната сала

Тој во парламентарните клупи седи непрекинато од далечната 1972 година. Во улогата на најмлад парламентарец, пак, ќе се најде либералот Флоријан Берншнајдер, кој има само 22 години. Тој уште студира и е далеку под просекот на колегите пратеници, кој лежи околу 49 години.

Слаба застапеност на жените

Седумнаесетиот состав на германскиот парламент нема да се прослави што се однесува до соодност меѓу мажите и жените во пратеничките клупи. Жените, имено, сочинуваат само една третина од составот. Најлоша е ситуацијата кај конзервативната Христијанско-социјална Унија, која има само 13% жени во парламентарната група. Од другата страна на спектарот се опозиционите зелени и Партијата на левицата, кои имаат рамноправна распределба на машките и женските пратеници, па дури имаат и блага подобра застапеност на жените.

Што се однесува до образовниот профил на пратениците, најголемиот број од нив претходно биле инжењери, учители, адвокати или трговци, а само помал број се занаетчии или работници. Од таа гледна точка новиот состав на парламентот не е огледало на социјалната структура на народот што го застапува. Но, затоа зданието на Рајхстагот е отворено за посета на народот: годишно дури по три милиони посетители од земјата и од странство поминуваат низ просториите на парламентот сместен во обновеното здание на стариот Рајхстаг.

Автор: Нина Веркхојзер/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска