1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кои се „крупните ѕверки“ во македонските затвори?

Гувернер, екс-премиер, банкари, бизнисмени, министри, директори на јавни фондови, универзитетски професори, се во затвор или чекаат на крај на судските постапки за криминал, корупција и злоупотреба на јавни функции.

default

За мала држава-големи афери, на скромен простор-„крупни ѕверки“, како што вели народот, се пред лицето на правдата или зад решетки. Универзитетскиот професор Љубе Трпевски, како прв банкар е осуден на над 4 години затвор, за исто дело како и бизнисменот со македонско-австриско државјанство, Методи Смиленски, кој заедно со споменатиот гувернер се дел од аферата со манипулации на државните девизни резерви од околу 20 милиони евра. Зад решетки се директорите - Ќука од пропаднатиот хемиски комбинат „ОХИС“, Кочовски од трговското претпријатие „Славија“, Ефтимовски од „Агроплод“; Арнаудов, кој раководеше со ЕСМ; Михајловски од Фондот за здравство. Во дел од истите фирми нивните наследници се исто така осомничени за криминал и корупција - Лазаров од ЕСМ, Тренковски од Фондот за здравство, директорот на фабриката „Герас Цунев“ и екс-струмичкиот градоначалник Јанев. Но од кривична постапка се спаси неговиот наследник, Зоран Заев од СДСМ, кого го уапси актуелната власт, а го помилува неговиот сопартиец, екс-претседателот Бранко Црвенковски. Издржување на петгодишна казна чека поранешниот министер за одбрана Љубен Пауновски, кому јавна осуда му изрече неговиот тогашен премиер Љубчо Георгиевски, обвинувајки го за малверзација на околу 7 милиони евра од воениот буџет, а процесот е еден од најдолгите во историјата на битката со криминалот во транзициска Македонија.

За корупција беа во затвор екс-заменците министри за економија и одбрана Андоновски и Поповски, како кадри на соцјалдемократите во нивните влади. Во последниве неколку години судовите изрекуваат и конфискација на имот и обешететување за буџетот или заплена на акции.

Wirtschaftskriminalität Symbolbild Korruption

Враќањето на имотот прелеан во приватни џебови е можно

„Ако државата и институциите сакаат и се организираат, тогаш е возможно да се врати дел од имотот што на криминален начин е прелиен во приватни џебови“, изјави за Дојче веле Оливера Китанова, државен правобранител. Таа посочува дека со ангажирање на правобранителството се одземени имотите на актерите во аферата Бачило, акциите на осудените за приватизацијата на „Славија“, охридски „Емо“, кумановска „Бисерка“ или е вратена сопственоста на дел од капиталот во „Агроплод“.

Триесетината осуденици за економски криминал, со престижни титули и општествени влијанија, се дел од поголемата група на осомничени или реализирани олигарси или тајкуни на македонската политичко-економска транзиција.

Меѓупартиски обвинувања за криминал

Скандалите започнаа кон средината на деведесетите, кога екс-министерот за внатрешни работи Павле Трајанов предупреди на сериозни знаци на организиран криминал во Македонија преку шверцот со нафта на линија Грција-Србија, а веднаш потоа изби и првата голема афера со пирамидалната штедилница „Тат“. Со неа раководеше приучената бизнисменка Соња Николовска, која во судскиот процес и покрај издржаните три години затвор, не ги откри политичките ментори и заштитници во врвот на тогашната владејачка партија - СДСМ. Тоа му овозможи на тогашниот премиер Црвенковски, во драматичен парламентарен говор, да детектира дека се работи за мафијашки окотпод, но и акцијата тука заврши.

Skopje Zentrum

Скопје: на мал простор, голем криминал

„Двете партии, СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ, кои учествуваа во криминалната приватизација, сега меѓусебе се обвинуваат за грабежи, но тука постои еден голем проблем, а тоа се доказите, зашто без нив ниту еден суд и судија не може да започне процес, а нив секој ден ги има се‘ помалку“, вели судијата Ѓорѓи Сламков.

За него е симтоматично како одделни бизнисмени, политичари и директори успеаја да и‘ побегнат на правдата. Некои од нив се засолнија во соседствата, користејки се со двојни државјанства, како на пример екс-министерот за здравство Владо Димов (СДСМ), кој е осуден во Скопје, но оперира во Софија. Пред правосилноста на пресудите, во Белград емигрираше екс-директорот на македонската царина, Драган Далаверски (ВМРО-ДПМНЕ), чиј имот е запленет во Македонија, како и највештитот стечаен управник Тамбурковски, подеднакво миленик на двете влади, кој дејствува на релациите Софија-Белград, а таму сега е осомничен за матни зделки во коалиција со актуелниот српски премиер. Двајцата во Македонја ги чекаат затворски казни од 3-10 години, исто како и првиот менаџер на приватизираниот „Телеком“, Унгарецот Сандреј, кој е осомничен за перење пари и финансиски криминал во Македонија, но и натаму се бара со потерница на Интерпол. Во овој список на „недопрени“ е и Црногорецот Мирковиќ, за кого важеше дека беше парнер на Далаверски во перењето на валкан капитал, а сега ужива во некое од јадранските летувалишта, иако „тежи“ околу 40 милиони евра, проневерени во македонските компании.

Уништување и обезвреднување на приватните компании

Главнината на криминалот олигарсите или влијателните личности го сториле со уништувањето и обевреднувањето на приватизираните компании, со фиктивни стечаи, поради што неколку стечајни управници, нотари и судии завршија во затвор.

Затоа и пролетната иницијатива на опозициската СДСМ за ревизија на приватизацијата имаше две линии-да се симне од неа ореолот на заштитник на тајкуните, кои беа дел од приватизацијата и финасиери на партијата, но и да ја нападне владата на премиерот Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ за сомнителните продажби на големите и профитабилни системи-„Телеком“, „ОКТА“ или „ЕСМ“.

Grafik Geldbündel in Waage korruption Bestechnung Symbolbild mit Thumbnail

„Ние немаме една систематска пракса и политика на прогон кога се работи за делата од приватизацијата, како во фазата на иследување, па до покренување кривична постапка или пресудување од страна на судовите“, вели професорот Владо Поповски, кој беше министер за правда во време на шпицот од процесот на трансформација на општествениот капитал.

За економски криминал е обвинет и екс-премиерот Владо Бучковски, кому во драматична парламентарна дебата му беше одземен пратеничкиот имунитет и беше осуден на три години затвор за аферата со оружје од времето на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Со слична казна се здоби и екс-вицепремиерот и универзитетски професор Васил Тупурковски, за невраќање на тајванските кредити. И за двајцата пресудите паднаа во апелација, што беше повод да ја запрашаме министерката за полиција дали тоа е резултата на недостиг на докази или се работи за инструментализирани политички случаи, како што јавно тврдат високите функционери.

Судовите треба да го кажат своето

„Да сочекаме судовите да ја кажат својата пресуда“, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, но демантира дека зад овие афери се крие свесна политизација и инструментализација на судиите да пресудат како што бара актуелната власт.

„Начинот на кој власта сака да се пресмета со мене и мојата политичка кариера ми нанесе огромни трауми, за мене и моето семејство“, изјави Бучковски, кој демантира дека ја злоупотребил министерката функција за прибавување лична корист.

„Борбата против криминалот има политички димензии. СДСМ креира афери, ВМРО-ДПМНЕ го расчистува криминалот“, милуваат да кажат во владејачката партија. „За премиерот Никола Груевски и неговата фамилија, се‘ е подредено, од бизнисите до неконтролираното трошење на државните пари“, реагира со противобвинување опозицијата.

Граѓаните и натаму највисоко ја третираат корупцијата како општествено зло, покажува секоја организирана анкета.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска