1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кои беа пораките од претседателскиот самит во Тирана и средбата Рама-Тачи?

ЕУ може најмногу да му помогне на регионот да добие нов амбиент, заклучија македонскиот претседател Иванов и албанскиот премиер Рама. Иванов во Тирана учествуваше и на претседателскиот самит за регионална соработка.

На самитот на тема „Пристапи кон практична употреба на можностите за поефикасна регионална соработка", одржан со учество на претседателите и на Косово Атифете Јахјага, на Црна Гора Филип Вујановиќ и домаќинот - шефот на албанската држава Бујар Нишани, беа промовирани вредностите на добрососедството и заемната соработка преку дијалог и партнерство во рамки на евроатлантските интеграции. Албанскиот премиер Рама пред вчерашниот разговор со Иванов веќе имаше своја средба пред пет дена во Приштина со премиерот на Косово Хашим Тачи. Од таа средба произлезе ставот на Тачи дека „Албанците во Македонија се многу дискриминирани поради неспроведувањето на потпишаните договори“ и пораката на Рама дека „треба да се засили кохезијата на албанскиот политички фактор“ со нагласка на соработката на Албанија и Косово. Рама во Парламентот на Косово ја имаше искажано својата „вознемиреност поради ситуацијата во која се наоѓаат Албанците во регионот, главно во Македонија“, искажувајќи ја својата „готовност да даде придонес за заштита на правата и слободите на Албанците каде и да се наоѓаат во регионот“.

Ausschreitungen in Albanien

Еди Рама

Во врска со ваквите оценки за позицијата на Албанците во Македонија, кои не провејуваа и низ дипломатската куртоазија во текот на самитските претседателски разговори во Тирана, во изминативе неколку дена немаше никаков официјален одговор од Владата на Македонија. Дојче веле во повеќе наврати се обидуваше да добие официјален став од портпаролот на македонската Влада Александар Ѓеорѓиев, но безуспешно. Без резултат остана обидот да се добие реакција од портпаролот и на Министерството за надворешни работи. Молк и од ВМРО-ДПМНЕ, а од ДУИ добивме само куса изјава на нејзиниот портпарол Бујар Османи, кој прокоментира за ДВ.

„Ние никогаш не сме кажале дека сме задоволни од постигнатото во примената на Рамковниот договор и воопшто со статусот на Албанците во институциите. Тоа е процес, кој бара макотрпна работа. Постигнато е значително, но има многу уште да се работи за целосно спроведување на Рамковниот договор. Ставовите на Рама и Тачи апсолутно не беа мешање во внатрешните работи на Македонија, ние добронамерно гледаме на нив: врските меѓу државите на Балканот се блиски и испреплетени, така што интересот за стабилноста на соседите е многу важен за секоја држава.“

На нашето барање за коментар за изјавите на албанскиот и косовскиот премиер Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку својот Центар за комуникации се огласи со следнава писмена изјава: „Добрососедските односи не можат и не смеат да бидат еднонасочни. Македонија има потреба да гради искрени и блиски релации со соседите. Во таа насока СДСМ цврсто е определен за почитување на различностите и зачувување на добрите меѓуетнички односи внатре во земјава. СДСМ смета дека дијалогот е клуч за решавање на кои било отворени прашања, а Македонија треба активно да придонесе кон отварање дијалог за сите прашања, кои се од интерес на земјата и нејзините граѓани.“

Во изјавата за ДВ опозиционата ДПА преку струшкиот градоначалник и член на своето Централно претседателство Зијадин Села ги „поздрави“ изјавите на Хашим Тачи и Еди Рама во врска со позицијата на Албанците во Македонија, истакнувајќи: „Добро е што албанскиот политички фактор во регионот, односно во Албанија и Косово, се согласија со она што ДПА го кажува уште од 2009 година: дека Рамковниот договор е мртов и оти е потребен нови политички договор меѓу Албанците и Македонците. Изјавата на премиерот на Албанија е многу важна, бидејќи тој алармира во врска со ситуацијата во Македонија, а која може да има реперкусија и во регионот. Сега останува само еден Албанец во регионот, кој тврди различно од сите други Албанци што живеат во регионот, а тоа е Али Ахмети. Тој и неговите сопартијци мислат дека Рамковниот договор функционира, што не е така.“

Како гледаат политичките аналитичари на изјавите на Рама и Тачи?

Едмонд Адеми од невладиниот „Институт за политички и економски истражувања – Либерта“ од Скопје вели:

Gorge Ivanov

Ѓорѓе Иванов

„Нивните пораки, поврзани со правата на Албанците во Македонија, беа двонасочни. Првата порака кон политичките претставници на Албаниците во Македонија покажува дека двајцата премиери се незадоволни од начинот како тие партии на Албанците овде ја водат политиката и како ја практикуваат власта. Втората порака до македонската Влада, во која учествува албанска политичка структура, е дека Охридскиот рамковен договор не се спроведува како што треба, оти тој се злоупотребува за партиски интереси и се манипулира со него за ситни политички поени. Таквиот однос од страна на политичките чинители го умртви духот на тој договор.“

Владимир Мисев од Институтот за демократија од Скопје е категоричен: „Одредбите од Охридскиот рамковен договор, преточен во уставно-правната рамка, доследно се спроведува во многу сектори од јавниот живот, а правата на етничките заедници се реализирани во голема мера. Ако лидерите и политичарите од соседните држави, без исклучок и не само од Албанија и Косово, би биле готовни да им отстапат на етничките групи, кои живеат во нивните држави, барем 20 проценти од правата кои заедниците ги имаат во Македонија, тогаш би можеле да разговараме на исто, па макар и теоретско рамниште за еднаков третман на заедниците. Албанската етничка заедница е фактор, кој што не треба да се запоставува, како една од поголемите етнички групи во регионов, Рама сакал тоа да го нагласи. Но избрзаните изјави и потези, пред сѐ од косовска страна, и давањето паушални изјави за динамиката на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и со состојбата со Албанците во државава, се незрели изјави на политичари од млада држава. Ваквите изјави немаат никаква цел, освен можеби за внатрешно-политичка употреба. Но, тие сериозно влијаат на односи меѓу Македонија и Косово и врз регионалната соработка и кохезија.“

Еди Рама и Хашим Тачи најавија нови заеднички средби овојпат на владите на Албанија и Косово во косовскиот град Призрен, но не прецизирајќи кога. Останува да се види дали во нивната комуникација ќе започнат да се слушаат подоминантно и тоновите и содржините од регионалниот самит во Тирана и како состојбите во Македонија ќе бидат оценувани потоа.