1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кодексот за борба против допинг во сенка на изборот на претседател

Многу тешка задача за 63-годишниот Џон Феј, поранешен австралиски министер за финансии, од 1-ви јануари 2008-ма челник на Светската антидопинг-агенција ВАДА. Анти-допинг конгресот усвои кодекс за борба против допингот.

default

Канаѓанецот Ричард Паунд му остава тешка задача на својот наследник на чело на ВАДА Џон Феј

Кај новоизбраниот претседател на ВАДА Џон Феј се забележува дека има спортско минато. Во стил на искусен рагби-играч рутинирано се одбрани од сите напади на кои беше изложен со прашањата на новинарите. Тој зборуваше дека ја започнува работата како фронтмен во борбата против допингот во спортот и притоа ќе оствари блиска соработка со Европа. Сите – и оние кои не гласале за него - ќе можат да сметаат на добра соработка, зборуваше Феј и нагласи дека се чувствува обврзан спрема чистиот спорт.

Некаква техничка грешка овозможи во работната просторија за новинарите да се следи изборот на претседателот, што фактички се одвиваше зад затворена врата на Светскиот анти-допинг конгрес во Мадрид. И тоа беше некој вид симболика за сите грешки и малери што го следеа барањето наследник за досегашниот претседател, Канаѓанецот Ричард Паунд, кој осум години беше на чело на ВАДА.

Европа не успеа да се договори за сопствен кандидат

Кандидатот на Европејците, поранешниот француски министер за спорт Жан-Франсоа Ламур, се откажа од номинацијата по ненадејната кандидатура на Феј. Потоа потфрли кризниот менаџмент на европската политика, предводен од Германија, кој не успеа да најде свој кандидат. Уследи јавната самокандидатура на Ги Дри, исто така некогашен француски министер за спорт, спринтер преку пречки, олимписки победник во 1976-та година. Отфрлен беше словенечкиот предлог изборот на претседател да се одложи за 6 месеци. На крајот во гласањето за избор на претседател четворица европски претставници во 36-члениот Совет на ВАДА се воздржаа од гласање, а рускиот министер за спорт Фетисов не се придржуваше кон договорената линија.

Новиот антидопинг-кодекс ќе стапи на сила по олимпијадата!

Така, целиот овој циркус го фрли во втор план најважното – усвојувањето нов кодекс во борбата против допингот, кој предвидува заострени казни за користење недозволени супстанци. Една од најважните промени во однос на стариот кодекс е можноста веќе при првото кршење на правилата да биде изречена 4-годишна супензија на спортистите. Новиот кодекс ќе стапи на сила дури на 1-ви јануари 2009 – значи, откако ќе поминат олимписките игри во Пекинг.

Улрих Хас, кој учествуваше во изработката на новиот кодекс, оцени: „Сметам дека многу важна промена е што ќе имаме многу поголема флексибилност отколку порано и поголема праведност во поединечни случаи. Со тоа, сметам, борбата против допингот станува поверодостојна и ќе биде подржана од поголем број луѓе“.

Херберт Фишер-Золмс, Мадрид