1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кого го сакаат Бугарите, а кого не?

Турците се „трудољубиви“, Евреите се „богати“, а Албанците се „одмаздољубиви“ и „лоши“ - ова е дел од стереотипите и предрасудите кои владеaт во Бугарија. Кого го сакаат Бугарите, а кого не?

Истражувањата за етничките стереотипи што се спроведуваат во Бугарија вообичаено покажуваат дека Ромите се најстигматизирана малцинска група во државата. „Стереотипите меѓутоа подлежат и на промени“, вели истражувачот во оваа сфера Алексеј Пампоров. На пример, актуелното истражување „Отворено општество“ околу социјалните разлики во Бугарија во периодот од 2008. до 2012. година покажува поинакви резултати.

Според ова истражување, Ромите веќе не се објект на најмногу предрасуди. Во последните четири години Бугарите најмалку ги сакаат имигрантите од Африка, како и имигрантите со главно муслиманска вероисповед, како Арапите, Албанците и Курдите. „Тоа се ’виртуелните малцинства’ во Бугарија. Тие се најнепознати, па се соодветно на тоа и најнесакани“, коментира Антонина Желјазкова, директор на Меѓународниот центар за истражување на малцинствата и културните интеракции.

Кои се најсакани?

Според истражувањето „Отворено општество“ за периодот од 2008-2012 година, Ромите се на исто рамниште со Кинезите - односот кон двете групи е еднаков. Проучувањето на социјалните разлики меѓутоа не дава информации само за антипатиите на Бугарите, туку покажува и кои се најсакани етнички групи. Граѓаните на ЕУ и Русите, на пример, се прифаќаат безрезервно. Бугарите имаат симпатии и кон припадниците на православните словенски групи.

Bildergalerie Bulgarien Roma in Asenowgrad

Ситуацијата се менува - Ромите веќе не се објект на најмногу предрасуди

Од истражувањето станува јасно уште дека Македонците, Србите, Украинците, како и бесарапските Бугари, се барани како брачни партнери и колеги, но сепак немаат добар прием како шефови и граѓани на Бугарија.

Бугарите мохамедани, Турците, Ерменците, Евреите и Романците не се барани како брачни партнери, но се сакани како колеги и соседи. Сличен е случајот и со Јапонците.

„Измиениот“ образ на Турците

Дека и најтвродокорните стереотипи подлежат на извесни промени докажува примерот на Турците. Во последните четири години кај Бугарите се забележува „миење“ на образот на Турците од предрасуди. Традиционално водечкиот стереотип за Турците како „религиозни фанатици“ има значително загубено на сила, нагласува Алексеј Пампоров од „Отворено општество“. Негативните стереотипи „одмаздољубиви“ и „жестоки“ исчезнале, а заменети се со „трудољубиви“ и „добри трговци“.

Кај бугарските претстави за Ерменците исто така се забележува промена. Ако порано се сметале главно за „културни“, „работливи“ и „мирни“, денес на нив се гледа како на „итри“ и „скржави“, но сепак „дружељубиви“ и „весели“.

Нема промени ниту кај главната претстава за Евреите. Бугарите и денес се убедени дека тие се „богати“. Кон таа караткеристика, меѓутоа, се додава уште една - Евреите денес се сметаат за „скржави“. Што се однесува до Албанците, задржани се стереотипите дека се „одмаздољубиви“ и „лоши“.

Какво мислење имаат Бугарите за себе?

За разлика од порано, во претставите за себе Бугарите сега во преден план истакнуваат многу добри карактеристики - „умни“, „трудољубиви“, „добродушни“ и „гостољубиви“. Сепак, главната карактеристика која се покажува во истражувањето на стереотипите - „завидливи“, останува и натаму.