1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога e точно создадено Охридското Езеро?

Наскоро ќе почне ново интернационално истражување на Охридското Езеро, предводено од германски експерт. Научниците ќе трагаат по точната старост и потекло на езерото и дали скоро ќе се случат драстични промени во него?

Охридското Езеро според континуитетот, 3 до 5 милиони години од неговото создавање до денес се смета за најстаро во Европа. Преку меѓународниот проект  „Научна соработка за проучување на условите на специјација во Охридското Езеро“ ќе треба да се открие точната старост и неговото потекло. Проектот се базира врз прелиминарните сеизмолошко – седиментолошки истражувања изведени во Охридското Езеро од 2004 до 2011 година. 

„Длабочинското дупчење ќе го покаже уделот на геолошките случувања од минатото и главните еволуциони процеси во езерото. Историјата на езерото во последниве 130 000 години потврдува дека тоа било олиготрофно, какво што е и денес, односно со ниско производство на алги и доста чисто. Во топлите периоди, како денес производството на алгите е малку зголемено, додека во леденото доба тоа било малку намалено. Сепак, целокупнo езерото е со ниско трофично ниво и се смета за чисто. Последиците од тековното глобално затоплување и од антропогените притисоци се тешко измерливи во краток период, но не се за запоставување. Мерките за заштита на езерото секогаш мора да бидат директни, бидејќи се потребни години за да проработат и долгорочно да дадат ефект.“, изјави за Дојче веле главниот истражувач на проектот д-р Бернд Вагнер од Институтот за геологија и минерологија при Универзитетот во Келн, Германија.

Истражувањето „тежи“ 2,5 милиони американски долари

По истражувањето експертите на дланка ќе ги имаат и резултатите за тектонските и вулканските промени кои го поврзуваат Охридското Езеро со Италија, но и промените во климатските услови во централниот и северниот дел од Медитеранот. „На проектот за длабочинско дупчење посериозно се работи од 2008 година. Тогаш во Охрид се одржа средба на која научници од 11 земји од Европа и САД реферираа на теми од геологијата, хидорлогијата, климатологијата и хидробиологијата. Беше поддржан од Интернационалната програма за континентално научно дупчење, а една година подоцна во неговото финансирање се вклучија и научни фондови од Германија, Италија и Велика Британија.

Неговата вкупна вредност е два и пол милиони американски долари. За Владата на Република Македонија проектот е од национален интерес. Таа  финансиски не учествува во него, но ја стави на располагање вкупната логистика и кадар преку ресорните министерства и научни институции“, вели Националниот координатор д-р Сузана Патчева, директор на Хидробилошкиот завод од Охрид. Таа е една од седумте проект менаџери кои доаѓаат од неколку земји во Европа да работат врз проектот.

Демантирани шпекулациите дека ќе се трага по нафата на дното на Езерото

Деновиве во Охрид се сменуваат сонцето и дождот. Но, тоа не им пречи на стручните лица во месноста Елешец забрзано да ја подготвуваат платформата за големата дупчалка која наскоро ќе заплови по езерото. Се појавија и шпекулации во јавноста и дел од медиумите дека дошло време да се бара нафта во езерото. Д-р Патчева е категорична: „Ни случајно. Проектот не е поврзан со такво нешто. За да се истражува дното на езерото за таква намена потребна  е сосема друга опрема и други стручњаци.“

Д -р Вагнер ја расчистува дилемата: „Нема нафтени извори во седиментите на Охридското Езеро зашто седиментите со потекло од претпоставените 2- 3 милиони години старост се премногу млади и исто така им фали јаглерод. Нафтените извори настануваат од големи количества органски јаглерод. Бидејќи езерото било и е олиготрофно (произведува малку алги) немало збогатување со јаглерод (како што го има во мочуриштата, плитките води итн.). Наша главна истражувачка цел е квартенот и истражување на климатската историјата и историјата на животната средина во изминатите 2.6 милиони години. Во рамките на Охридскиот проект ќе се обидеме да ги поврзиме овие наоди и наодите од биолошкото истражување (специјација – создавање на видовите), за оттука да извлечиме заклучоци, колку брзо се сменила  животната средина и дали од тоа може да се изведат општи концепти за создавање на видовите.“

До детали разработен проект – ветување дека се’ ќе има и на интернет

Дојче веле дојде и до детали за престојното истражување. Најпрво ќе се колекционираат седименти. Ќе се влезе 680 метри од дното на централното плато на езерото кое се наоѓа некаде на длабочина од околу 250 метри. Ќе се дупчи на пет точки, само на македонска страна. Првата точка е северозападно во езерото меѓу Пештани и хотелот „Метропол“. Тој подводен предел според научниците во изминатите геолошки периоди бил недопрен. Во оваа фаза од истражувањата нема да се вклучени стручните тимови од Хидробиолошкиот завод во Охрид. Во следната фаза -  биолошки истражувања  собраниот материјал  ќе се истражува паралелно во Келн, Германија и во Охрид. Проектот официјално ќе почне на 1. април и ќе трае до 17. јуни годинава, а се најавува и посебна вебстраница.