1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога шефот систематски ви ја „вади душата“...

Малтретирање, игнорирање и навреди на работното место, постојан притисок, што води до несигурност, нервоза и раздразливост со околината и семејството. Во Македонија се најавува донесување закон против мобинг.

default

Мобингот или според странската терминологија познат и како босинг, е вознемирување, малтретирање и злоупотреба на работникот од неговиот претпоставен, но може да биде и од негови колеги, кои се договорени да го игнорираат, задеваат, навредуваат, психички измачуваат итн.

Мобингот на работното место може да се изрази преку полова, образовна или струкова злоупотреба, но и преку сексуални аспирации на шефот.

Последиците што се јавуваат од мобингот се разновидни психички нарушувања. Нивната тежина зависи од индивидуалните способности на мобираниот да им се спротистави на секојдневните малтретирања на работното место.

Според професорот Антони Новотни од Клиниката за психијатрија во Скопје, за да се зборува за мобинг потребно е лицето да биде изложено на подолго малтретирање на работното место. Треба да има сплет од околности, во кои човекот секојдневно тоне и се чувствува неспособно, навредено, да добие чувство дека не е вреден, почитуван посакуван во средината..

„Личноста која е жртва на мобинг е ставена во таква состојба што полека но сигурно неговата психичка состојба се менува и по неколку месеци може да дојде до целосна слика за едно пострауматско стресно растројство, со слика на депресивни знаци, на анксиозност, на губење на концентрација, на несопособност да ги заврши работните задачи. Значи, полека тој и вистински се онеспособува, му се даваат задачи и наредби, нелогични за неговата квалификација, а се‘ со цел да се дискредитира таа личност“, вели Новотни.

Оваа појава во Шведска и Германија веќе има пуштено корени и поради мобингот работодавачите секоја година трпат милионски загуби поради боледувања и изгубени работни часови, а се‘ поголем е и бројот на казните што изнесуваат и по неколку илјади евра.

Mobbing Gewalt unter Mädchen

Мобингот го има во сите сфери, па и меѓу младите

Како да се помогне?

Како може да им се помогне на овие луѓе, кои за македонски прилики најмногу ги има во државната и јавната администрација.

„Мислам дека единствен начин е да ги упатиме да побараат помош од психијатар. Тој проблем треба да биде констатиран од психијатар. Досега беше премногу описно определелуван проблемот како анксиозност заради проблеми на работното место, а сега веќе имаме и од психолошки аспект дефинирана состојба“, објаснува Новотни и додава дека сака јавно да ги повика сите да зборуваат за проблемот, да не мислат дека се сами со проблемот и дека некој не стои зад нив.

Иницијатива за посебен закон

ССМ и невладините организации, заедно со партијата ДОМ, летоска прв пат јавно проговорија за овој модерен проблем на работните места и излегоа со иницијатива за законско регулирање на проблемот.

„Во септември се донесоа измени во законот за работни односи со два члена во кој се споменува терминот психичко вознемирување на работното место, но ние не бевме задоволни. Баравме донесување посебен закон, но нашите барања не поминаа, иако сметаме дека донесените измени се целосно не применливи“, објаснува Гордица Бошковскаод здружението Мобинг.

Тие се упорни и веќе се во фаза на довршување на законот за мобинг, што го изработуваа со правни експерти, но за кој сега им треба политичка поддршка.

„Сметам дека направивме добар закон што во пракса би бил применлив и нуди целосна заштита во случај луѓето да се мобирани и да сакаат да поведат постапка за судска заштита“, вели Бошковска.

Според податоците на здружението Мобинг, во Македонија најголем е процентот на мобирани од политички причини, што најмногу се чувствува при промена на власта. Според нив, 31 отсто од анкетираните изјавиле дека се изложени на политички мобинг на работното место, а тоа е највидливо до државната администрација, вели Гордица Бошковска.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска