1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога Шар планина ќе стане четврти национален парк?

Наместо Македонија да има 109 заштитени природни подрачја, сега таа има само 69 такви заштитени зони на 7 отсто од територијата. Иницијативата да се заштити и Шара како национален парк „тапка“ во место 16 години.

default

Македонија  и самата има донесено закон за заштита на природата, таа е обврзана да ги заштити од исчезнување своите животински и растителни видови и другите природни богатства и со многубројни европски и други меѓународни конвенции и други обврзувачки документи. Но, овие акти и меѓународни еколошки стандарди за Македонија и натаму остануваат во поголема мера само букви на хартија, оти оваа држава засега има подрачја со природни богатства само на 238 илјади хектари под своја заштита, меѓу кои спаѓаат и трите национални паркови „Маврово“, „Галичица“ и „Пелистер“ со вкупна површина од 108 илјади хектари. Во минатата година Министерството за животна средина ја известуваше јавноста преку изјави на своите челници дека со новите измени во Законот за природата и со појасно дефинираните одредби на Законот за националните паркови државата ќе настојува уште повеќе да се грижи за заштита на природните богатства. Тогаш беше навестена можноста и други зони со значајни природни богатства да се стават под законска заштита.

Дали е замрена, или не, постапката за прогласување на Шара како национален парк?

Меѓутоа, поконкретно, што се случува со иницијативите и заложбите да се заштити и Шар Планина, која се наредува меѓу најзначајните планини во Југоисточна Европа, како еден од најголемите и најзначајни европски центри на биолошката разновидност, поради своето разнообразие со растителен и животински свет и други исклучителни природни богатства?

Sar Planina, Mazedonien

Се претпоставува дека само на шарпланинскиот масив има повеќе од две илјади растенија, што е повеќе од половината од сиот растителен свет во целата земја. Околу двесте растенија се ендемични, што значи, ги има само на Шара и никаде на други места во светот. Оваа висока и пространа планина има дури 167 видови пеперутки и голем број други инсекти, риби, водоземци, влечуги ... Се среќаваат  и 140 видови птици. Големиот број на извори, потоци, реки и езера ја сочинуваат Шар Планина како една од најводните планини на Балканскиот Полуостров.

Заштитата на сите овие единствени и впечатливи природни богатства беше повод уште во 1997. година одделни пратеници, но и универзитетски професори – членови на Движењето на еколози на Македонија, да ја покренат иницијативата Шара да стане четврти национален парк во земјата. Тогаш раководните личности на Министерството за екологија реагираа навремено и ја прифатија таа идеја: истата година беше изготвен предлог –законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, но тој не беше прифатен во парламентот поради спротивставувања од дел од пратениците од албанскиот политички блок, но и поради категоричните несогласувања и од страна на повеќе општини, раководени од Албанци – градоначалници.

Неџати Јакупи, како министер за животна средина во јули 2006 година ги промовираше проектот и студијата за прогласување на таа планина како нов национален парк, со најава дека тоа ќе биде сторено до крајот на истата година. Лани и Абдулаќим Адеми, како прв човек на ресорното министерство, се огласи со слични тврдења: дека „процедурата за Шара како национален парк тече според предвидената динамика“, со нова, втора најава дека кон крајот на таа година Македонија ќе го добиела својот нов национален парк.  Во изјава за ДВ преку својот портпарол Сашо Секуловски, ресорното министерство сега пак истото го укажува: „Ова министерство вложува постојано напори Шара да биде прогласена за национален парк. Ќе преземеме активности за поширока кампања за информирање на локалното население за придобивките и значењето од тој национален парк. По спроведувањето на кампањата, министерството ќе продолжи со постапката и ќе го изготви предлог-Законот за негово прогласување. Законскиот текст ќе оди на јавна расправа, за да можат засегнатите страни да ги искажат своите предлози и забелешки“.

„Зелени банки“ без пари ...

Љупчо Меловски Институтот за биологија на државниот Природно – математички факултет во Скопје, кој е претседател на Друштвото на еколози на Македонија, има сосема поинаков став од споменатото министерство: „Активностите за прогласување на Шара како национален парк од страна на државата запреа целосно, никој не зборува ништо за тоа на централно ниво. Владата е ’далеку од Шар Планина’, а и локалните власти во регионот многу малку размислуваат за нејзината заштита на тој начин. Во меѓувреме состојбата со планината сега е уште полоша отколку пред неколку години. Продолжуваат заканите кон природата на Шара, поради кои таа се деградира и се уништува: криволовот на дивечот и другите животни, бесправната сеча на шумите и нелегалната и непланска градба на објекти кому каде ќе му текне.“

Berg Schar Planina in Mazedonien

Никола Панов од Институтот за географија на истиот факултет се надоврзува: „Планината се ’соголува’. Ако се оддолжи прогласувањето на овој простор како нов национален парк  и ако не се воспостави контрола врз сечата на шумите, таа може нив и да ги загуби. Ако Шара стане национален парк, тогаш ќе се заштити биолошката разновидност и ќе се спречат ерозијата на земјиштето и другите негативни човечки влијанија.“

Од тетовската локална самоуправа порачуваат дека имаат „план за заштита на Шара, но како парк на природата, а не како национален парк, за да може на таков начин и оваа општина да управува со тој простор“. Одредена воздржаност дали да се прогласуваат повисоките делови на планината како национален парк искажуваат и од општината Желино.

Премногу бавната постапка  за формирањето на тој национален парк останува „заглавена“ некаде на патот меѓу бирократските лавиринти и спротивставувањата од дел од локалните власти во тетовскиот регион. На веб – сајтот на Јавното претпријатие стои дека „шумата е нашата зелена банка“, но, може по еден релативно брз период тие „зелени банки“ на Шара и „да останат без пари“, ако дрвокрадците продолжат засилено и безмилосно да ги пустошат шарпланинските шуми, сечејќи од нив без дозвола десеттици илјадници кубни метри столетни дрва годишно.