1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кога странците внимаваат да не изгубат рамнотежа

Возењето велосипед во Германија е само по себе разбирлива работа. Тоа се научува во детството и тогаш се знае за цел живот. Но, има многу возрасни лица кои не знаат да возат велосипед, пред се´ жените од другите земји.

default

Курсот за возење велосипед за возрасни влијае врз интрегацијата на мигрантите во Бохум

Мизејен Балчи е почетничка на велосипед. Оваа 37-годишна жена цврсто го стега управувачот, несигурно врти наваму-натаму и се мачи со одржувањето на рамнотежата. Но, не се откажува, туку постојано се обидува одново. Нејзината инструкторка Јоана Задора-Грусе трча покрај неа со испружени раце за да ја придржи во случај на потреба.

На големиот плоштад пред преуредената поранешна фабричка сала во Бохум, која сега служи како културен центар, пет жени по прв пат возат велосипед. Курсот за возење велосипед за доселеници во овој град заеднички го организираат мигрантското здружение „Ифак” и хуманитарната организација на Евангелистичката црква, а со финансиска поддршка на градот. Во бохумскиот кварт Вестенд живее голем процент на странци. Веќе неколку години тој некогаш проблематичен кварт се модернизира и се настојува неговите жители меѓусебно да се зближат. Така се создаде и идејата за курсот по возење велосипед. Многу бргу се пријавиле десет учеснички, граѓаните подариле стари велосипеди кои темелно се уредени во работилницата за инвалиди. Учесниците на натпреварот потекнуваат од Турција, Ирак, Казахстан, Грузија, раскажува инструкторката Јоана Задора-Грусе:

„Тие во детството можеби немале можност да возат велосипед или немало патеки или дури ни велосипеди, а сега во секој случај би сакале да возат”.

Многу луѓе не знаат да возат велосипед

Flash-Galerie Fahrrad-Disko in Berlin 2011

Во Германија радо се возат со велосипед како децата, така и возрасните

Една од учесничките на курсот, Турчинката Мизејен Балчи веќе 16 години живее во Германија.

„Имам видено како други жени одат со велосипед на пазарење или на прошетка. И помислив, морам и јас да возам велосипед, малку да се занимавам со спорт. Моите деца возат сите велосипед. И во Турција се вози многу велосипед, ама жените не. Децата се возат со велосипед, а жените со автомобил или некако поинаку. Но, во Германија многу жени возат велосипед. Тоа е убаво”, вели Турчинката Мизејен Балчи на несовршен германски.

Инструкторката Јоана Задора-Грусе, која инаку води курсеви по интеграција, не мислеше дека ќе биде толку тешко да се научи возењето велосипед. Учесничките на курсот најпрвин само го туркале велосипедот. Тогаш на неколку помали велосипеди им ги симнале педалите за на нив да може да вежбаат одржување на рамнотежата. Со оглед дека инструкторката има полни раце работа и´ помага практикантката од мигрантското здружение „Ифак” Ина Гилген.

„Навистина мора, особено кај почетниците, да се стои покрај нив и да се придржуваат, да им се помогне. За мене беше изненадување дека во овој кварт толку многу луѓе не знаат да возат велосипед, што за најголемиот број Германци е само по себе разбирливо, како и пливањето”.

По 20 часови вежбање жените успеваат некако да ја одржуваат рамнотежата на велосипедот и да возат. Но, тргнувањето и запирањето уште одат тешко. Уште неколку часови треба да се вежба за да можат да учествуваат на заедничкиот излет со велосипеди.

Возењето велосипед е практична и корисна работа

Fahrradkurs für Migrantinnen in Bochum

Една од учесничките на курсот за возење велосипед, Селма Узан

На пролет веројатно ќе има нов курс. Потреба за тоа очигледно постои, не само во Бохум. Курсеви за возење велосипед веќе има и во помали и во поголеми градови како Веселинг, Брауншвајг, Берлин или Франкфурт. Ги организираат мигрантски и добротворни здруженија, некогаш во соработка со полицијата или со германскиот велосипедски клуб АДФЦ. Но, нема заедничка програма за обуката, ниту пак сигурно финансирање.

А потреба постои. Освен тоа на овој начин може да се даде придонес и за заштитата на околината. Селма Узан вели дека учи да вози велосипед и поради скапиот бензин, како и проблемите со застои во сообраќајот и барањето паркиралиште:

„Некогаш човек мора да оди со автомобил, но на пазарење, на помала оддалеченост да се оди со автомобил, тоа е напорно. А во текот на неделата со мојот син морам да одам на фудбал, на кунг-фу, на дополнителнa настава...“

Селма Узан веќе сигурно вози велосипед. Како дете веќе возела, раскажува оваа жена родена во Бохум. Но, одеднаш повеќе не се осмелувала сама да вози и постепено заборавила. Нејзиниот син и ќерка секако возат велосипед.

„Тие се чудат, мамо, па како ти не знаеш да возиш велосипед. И викаат, ајде одиме да возиме велосипед. Има многу убави можности за возење велосипед овде, но досега не сум се осмелила.”

Но, сега е дојдено времето. Селма веќе си изнајми велосипед за вежбање - и без инструкторка.

Автор: Матилда Јорданова-Дуда / Светлана Брик

Редактор: Ж.Ацеска