1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога работата преминува во тортура

Се претпоставува дека алармантни 60 до 70 проценти од вработените во Македонија се цел на мобинг од претпоставените или колегите. Најстрашно е што многу тешко се обезбедуваат докази и сведоци за измачувањето на работа.

default

„Причината за мојот проблем е нивната желба самиот да ја напуштам работата, затоа што ги тужев. Нека каже некој работник, шеф или директор дека сум земал само една шајка, а не пак нешто друго. Чесно работев и пак ќе работам, ако ми дозволат. Сакам парчето леб чесно да го јадам, а не со арам и со превара“.

Ова е дел од исповедта на еден 59-годишен градежен работник, кој веќе 35 години е вработен во голема македонска градежна фирма. Неговата голгота трае веќе неколку години, време во кое тој е преместуван од градилиште на градилиште, од град во град, од работно место на работно место, период во кој бил провоциран од претпоставените, омаловажуван, испраќан на принуден одмор, па и бркан од работа. Но, судот го враќал на работа. Сегашната нималку пријатна ситуација, вели, се должи токму на фактот дека судот го вратил на работа.

Од разбирливи причини, соговорникот на Дојче веле посака да остане анонимен. Тој е еден од лицата кои сведочеа пред проектниот тим, што од пред неколку дена во зградата на ССМ почна да ги разгледува барањата за мобинг меѓу вработените во Македонија.

Неговото сведоштво беше трето во првите три дена од работата на експертскиот тим, во кој има правник, психолог, и претставници на синдикатот и невладиниот сектор.

Пропадна идејата за закон против мобинг

Mobbing in Serbien

Најголемиот дел од моираните лица не се ни свесни за проблемот

Проблемот на мобингот во Македонија, како релативно нова и непозната појава, од ден на ден, станува се` попопуларен и добива на интензитет. Неофицијалните податоци говорат дека во Македонија алармантни 60-70 отсто од вработените се мобирани. Но, исто така е важен податокот дека огромен дел од вработените не се ни свесни дека се мобирани, или не можат да го препознаат мобингот.

Од овие причини, објаснува синдикалецот Гоце Селоски, на почетокот на декември ССМ иницира анкета меѓу сите вработени за распространетоста на мобингот во Македонија. Сондажата ќе заврши по новогодишните празници, по што во рок од два месеца ќе се знаат резултатите за тоа колкави се размерите на мобингот меѓу вработените во Македонија.

Синдикатот во изминатиот период се обиде мобингот да го смести во посебна законска рамка, но оваа идеја не мина кај владата и парламентарното мнозинство.

„ССМ пред една година поведе инцијатива и претстави свој закон за мобинг. Но, нашиот предлог се закочи пред економско-социјалниот совет. Ние се потрудивме да добиеме поддршка од неколку пратеници, кои го промовираа во парламентот, но, за жал, се наметна мислењето дека е доволно да се оди само со измени и дополнувања во законот за работни односи, што не ги задоволува воопшто потребите, затоа што мобингот е специфичен проблем што бара соодветна законска рамка“, вели Селовски.

Секое недоразбирање не значи и мобинг

Mobbing

Мобинг е кога недоразбирањата траат најмалку шест месеци, велат експертите

Во врска со бројот на мобирани во Македонија, Артемис Периќ, советник во проектниот тим што почна да работи со мобираните лица во ССМ, вели дека станува збор за голема бројка, иако таа лично не верува во тоа.

„Статистиките се многу страшни. Јас не верувам дека е толку голем бројот на лица, изложени на мобинг во Макеоднија. Тоа е мое лично мислење, затоа што не се препознава мобингот, затоа што не може едно обично недозрабирање да го третирате за мобинг. Тој треба да трае во континуитет најмалку шест месеци, и, многу е битно, луѓето што мислат дека се под мобинг треба тоа да го забележуваат, да обезбедат документ или сведоци, што е многу тешко, затоа што никој не сака да сведочи против претпоставениот. Да се обрати до синидкатот, да не остава времето да минува само така. Мора да се потрудат да ги обезбедат сите докази за да можат да си го брнат свето право“, вели Периќ.

Проектниот тим за помош на мобираните лица се состанува трипати неделно за да ги разгледа пријавите од вработените и да оцени колку се тие навистина мобинг, а колку можат да се подведат под други повреди на работните односи. Тие разговараат со мобираните лица и доколку се утврди дека навистина се изложени на тортура од претпоставените или колегите, тогаш им се нуди правна, психолошка и здравствена помош, потоа помош за медијација во нивната организација, а ако и тоа не успее тогаш им помагаат да ги остварат своите права пред суд. За жал, вели Периќ, во Македонија од трите случаи во судска постапка, ниту еден се` уште нема завршница.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Трајче Тосев