1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кога политиката се судира со спортот

Приватното е јавно - барем во случајот Надја Дригала. Партнерот на германската веслачка беше кандидат за покраински парламент од редовите на десно-екстремната НПД. Доволна причина за таа да се повлече од Олимпијадата?

Тоа беше второто големо прекршување во нејзината кариера во рок од една година. Во септември 2011 година, учесничката на Олимпијадата во Лондон Надја Дригала по еден разговор со нејзиниот претпоставен на сопствена желба ја напушти службата во полицијата. Сега 23 годишната спортистка од Росток предвремено го напушти Олимпиското село во Лондон и во прашање е доведена нејзината спортска кариера. Причината во двата случаи беше нејзиниот приватен живот - подобро кажано, оној на нејзиниот партнер. Михаил Фишер животниот придружник на врвната спортистка, познат како поранешен член на неонацистичката сцена на Росток беше директен кандидат на десно-екстремната НПД во Росток на покраинските избори во Мекленбург Предна Померанија во 2011 година.

Дригала во меѓувреме преку интервју за германската новинска агенција ДПА се дистанцираше од деснорадикалните идеи. Таа немала врски со кругот пријатели на нејзиниот партнер. Тој во мај годинава исто така истапил од партијата НПД - НПД сега тоа го потврди, и „лично прекинал со целата таа работа“. Иако не е јасно, колку се точни овие изјави, случајот Дригала отвора повеќе прашања. Дали смеат гледиштата на партнерот да имаат влијание врз кариерата на еден врвен спортист? Дали важи слободата на мислењето дури и ако Дригала ги споделува ставовите на нејзиниот партнер?

Olympia 2012 London Rudern Frauen Deutschland Nadja Drygalla

Веслачката Надја Дригала (во средина)

Забрана за дискриминација на Олимпијадата

„Во олимпиското движење важи олимписката повелба“, вели во разгвовор за ДВ Анзгар Молцбергер, спортски историчар на Факултетот за спорт во Келн. Повелбата е правилникот на Меѓународниот олимписки комитет. Еден од параграфите им забранува на сите учесници на Олимпијадата секаква дискриминација. Молцбергер смета дека Дригала не го прекршила ова правило - барем според досега познатите информации. Неможе да се докаже дека направила или кажала нешто што има десно-екстремистичка позадина. „Прашањето е дали целосно може да се одговори на олимписките вредност, ако се живее во врска со човек кој се изјаснува против овие вредности. Од правен аспект ова е тешко да се процени и границата е тенка“, смета спортскиот историчар.

Тоа што за Олипијадата постои повелба е поради фактот што на почетокот на Игрите не стануваше збор само за спортот. Основачот Пјер де Купертен беше педагог и сакаше да го примени олимпискиот спорт за воспитание на новите генерации. Учесниците на Олипијада, според идејата, требаше да имаа посебна функција, да служат како пример.

Оттука одговорните принципиелно се внимателни кому му допуштаат да учествува на Олипијада, а кому не. Така на пример швајцарскиот фудбалер Михел Морганела беше исклучен од Олимписките игри во Лондон, бидејќи на Твитер по поразот против Јужна Кореја остави расистички коментар. Грчката атлетичарка во троскок Вула Папахристу беше суспендирана, бидејќи се произнесе дискриминирачки за африканските доселеници во нејзината земја.

Michael Vesper

Генералниот секретар на Германскиот олимписки спортски сојуз Михаил Феспер

Еден спортист меѓутоа предвреме да го напушти Олимпиското село, кој најверојатно самиот не кажал ништо дискриминирачки, е невообичаено. Според генералниот секретар на Германскиот олимписки спортски сојуз Михаил Феспер постоеле пречки во комуникацијата, што дури по почетокот на Олимписките игри биле побарани информации за приватниот живот на Надја Дригала. „Како Олимписки сојуз ги номинираме олимписките екипи. Тоа го правиме врз основа на предлози, кои ни ги доставуваат соодветните спортски сојузи, значи во овој случај Германскиот веслачки сојуз. За тоа дознав дури минатиот четврток (2.8.2012)“. Германскиот веслачки сојуз од своја страна тврди дека не знаел ништо.

Политички контроверзи околу Дригала

Rechte Szene in Rostock, NPD Aufmarsch und Gegendemonstration

Со графити обоен објект на десната сцена во Росток

Дискусијата за германската веслачка во меѓувреме ја зафати и политиката во Германија. Изминатиот викенд, Дагмар Фрајтаг, претседателка на Комисијата за спорт во Бундестагот предложи, случајот Дригала да се стави на дневен ред на идната седница на Комисијата. Зелените и Партијата на Левицата го поздравија предлогот. Сојузниот министер за одбрана Томас де Мезие напротив го критикуваше односот на јавноста со спортистката. „Каде всушност се границите? Дали како јавност имаме право да го скенираме кругот пријатели на спортистите, да гледаме, што се случува таму?“, запраша Де Мезие.

Под знак прашање останува професионалната кариера на веслачката. До 31. август таа е вработека како спортски координатор во веслачкиот сојуз на покраината Мекленбург Предна Померанија и добива основна плата од 400 евра. Оваа работа ја добила откако ја откажа полициската служба. Таа поднесе барање од 1. септември да пристапи како војник во групата за поттикнување на спортот во Будесверот. Според Германскиот веслачки сојуз ова барање во моментов е замрзнато.