1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога обезбедувањето е во улога на полиција

По убиството на српски турист, Охрид е во шок. Градот е на првите страници во весниците и ударните вести на електронските медиуми. Тепачки имало, но ниту една досега не завршила трагично. Што всушност се случува ?

default

Пред неполни две години со спреј испишани недолични содржини на грчки автобуси, неколку месеци потоа бродската несреќа и последниот случај му штетат на туризмот. Грците речиси и да ги нема. Бугарите се помалубројни, а се стравува дека и Србите ќе свртат лист. Сплет на околности, немили случки или навистина некој свесно го разградува имиџот на туристички и космополитски Охрид? Стефан Димоски, портпарол на охридската полиција вели:

„Од почетокот на годинава, па се‘ до 30 август, СВР – Охрид има регистрирано 18 нарушувања на јавниот ред и мир во угостителски објекти со физички напад, односно предизвикана тепачка и со оддавање на пијанство.“

„Полицијата да се справи со силеџиите “

Градоначалникот Александар Петрески е загрижен за

Ohrid 2

Во Македонија има над 70 лиценцирани агенции за обезбедување, а во Охрид ги има 7 или 8

иднината на туризмот и жали за последниот немил настан:

„Охрид не го сочинуваат 10-15 силеџии кои ги прават проблемите во градот. Охрид е нешто сосема друго. Не случајно ние токму пред неколку месеци од Србија добивме награда за најгостопримлив град за српските туристи. “

И додека полицијата и истражните органи ја бараат вистината за смртта на 34-годишниот Дејан Новаковиќ од Белград, локалната власт одржа комеморација и му помогна на семејството околу долгите процедури да го земе телото на трагично починатиот. За две недели Советот ќе расправа за вкупната безбедностна сосотојба во Охрид.

Често обезбедувачите забораваат на законот

Последниот немил настан го отвори прашањето за работата на Агенциите за обезбедување, нивните ингеренции и комуникацијата со полицијата. Во Македонија има над 70 лиценцирани агенции за обезбедување, а во Охрид ги има 7 или 8 . Цветко Чолески од агенцијата за обезбедување „Питон“ вели дека постојат и нелегални обезбедувачи:

Panoramabild von Ohrid

Од почетокот на годинава, па се‘ до 30 август, СВР – Охрид има регистрирано 18 нарушувања на јавниот ред и мир во угостителски објекти со физички напад

„Дивите обезбедувачи се нелојална конкуренција, некои од нив поседуваат и лиценци за обезбедување, но не се вработени во агенции и немаат легитимации за вршење обезбедување. “

Во практиката, за жал се‘ почесто се пречекоруваат ингеренциите, а Чолески потсетува на законот :

„Најважно е проблемот да се отстрани и да се повика полиција. Во законот децидно стои: секое нарушување на јавниот ред и мир во објект или надвор треба да се пријави во полиција.“

Граѓаните и туристите бараат почести контроли во агенциите за обезбедување и во ноќните клубови.:

„Не се работи по некои стандарди кои треба да се врши обезбедување на дискотеки и други објекти. Се вработува кој било да работи како обезбедување, не се стручни лица. Ако некој прави проблем да го исфрлат надвор, а не и да го претепаат и да употребат сила врз него.“

Зошто „Алфите“ ги немаше цело лето во Охрид ?

Викендов во Охрид се појави специјалната единица на МВР - „Алфи “. Мнозина забележаа, зашто летово скоро и да ги немаше. Без интервенција, туку само со својата појава да ги потсетат хулиганите дека тие се тука.

Од каде напливот на агресивност, посебно кај младите? Д-р Љупчо Врангалоски, доцент од областа на социолгијата, за Доче веле изјави:

„Кривичните дела кои ги прават младите се‘ повеќе се карактеризираат со свирепост и безобѕирност, како и со отсуство на мотив во извршување на кривичните дела.“

Зачестените случаи, обезбедувачи да делат правда, не само кај туристите, туку и кај охриѓани вгнездија страв за безбедноста на нивните деца.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска