1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кога НРВ кашла, Берлин добива грип

Покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија отсекогаш се сметале за „сојузни избори во мало“. 18-милионската германска покраина е и политички и економски моќна. Утре (12.05) се гласа.

Норберт Ретген, човекот што сака да стане премиер на Северна Рајна Вестфалија (НРВ), зад себе ја има канцеларката. А Ангела Меркел е омилена кај Германците. Да се има бонусот на канцеларката е предност. Но не и за Ретген. Човекот што противниците со потсмев го нарекуваат „умниот на мајка“ со недели се сопка на својата амбициозност.

Norbert Röttgen

Норберт Ретген

Со оглед на тоа што има амбиции на сојузно ниво и веќе долго време се гледа себеси во улога на наследник на Меркел на денот икс, новите избори во НРВ за Ретген доаѓаат во многу несоодветно време. Плановите за кариерата му се во неред. Како избран премиер би си ја зголемил моќта, но тој не сака во Диселдорф да доаѓа како лидер на опозиција. Тоа Ретген не го кажува така јасно, но неговата партија во западната покраина тоа така го разбира и за тоа му забележува. Уште од почетокот на изборната кампања Ретген, кому му се припишуваат високи интелектуални и политички способности, е на загубена позиција. Без да се изјасни јасно ЗА покраината, нема да ги добие неопходните гласови - тоа го потврдуваат демоскопите. Значи, се чини се‘ е минато за ЦДУ и за Ангела Меркел.

Покраинската мајка Ханелоре Крафт и „стоунсите“

Hannelore Kraft

Ханелоре Крафт

И за СПД исходот од изборите во Северна Рајна Вестфалија би можел да биде релевантен на сојузно ниво. Ханелоре Крафт, која долго време беше незабележителна на сојузно ниво, како премиер на малцинска влада во покраината доби контури. Демоскопите ја рангираат СПД пред ЦДУ. Во директна споредба со предизвикувачот Ретген, „покраинската мајка“ Крафт дури се позиционира и подобро. Ако резултатот од изборите го потврди ваквото расположение на избирачите, тогаш картите наново ќе се мешаат и во СПД во Берлин. Досега, имено, како кандидати за канцеларска функција, покрај партискиот лидер Зигмар Габриел, важеа поранешниот министер за финансии Пеер Штајнбрик и поранешниот шеф на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер. „Стоунсите“, како што во партијата ги нарекуваат Штајнбрик и Штајнмајер (поради зборот ’штајн’ во презимето, што на англиски е стоун, а во превод значи камен н.з.) уживаат углед во партијата. Но не толкав за да мора неизбежно да бидат кандидати за канцелар. Ханелоре Крафт, со победа во НРВ, би можела од машкото трио да направи мешан квартет.

„Бамби“ како спасител на либералите?

FDP-Landeschef Christian Lindner NRW

Кристијан Линднер

Колку многу изборите долж Рајна и Рур можат да ги разнишаат политичките кординати во Берлин, кај ниедна друга партија не е повидливо како кај либералите - ФДП. Либералите со децении беа цврст „обезбедувач на мнозинство“ за големите СПД и ЦДУ. Некогаш им беа помал партнер на христијанските демократи, некогаш на социјалдемократите. Секогаш на коалиционата маса беа пророционално силни, со пет до осум проценти освоени гласови. Но во овој легислативен период либералите доживеаја слободен пад. Ги загубија покраинските избори во серија, долго време со само два проценти доверба се движеа на границата на мерливост. Во малата покраина Шлезвиг Холштајн, на изборите минатиот викенд (06.05), покраинската ФДП конечно повторно постигна поен. Набљудувачите се сигурни дека тоа се должи на дистанцата што на север беше направена од партиската централа во Берлин.

Сега врвен кандидат на ФДП во Северна Рајна Вестфалија е Кристијан Линднер, поранешен генерален секретар на партијата, кој дури беше во отворен судир со партиското раководство во Берлин и пред покраинските избори во НРВ беше активен само на локално политичко ниво. Линднер, кого го нарекуваат „Бамби“ затоа што стана покраиснки пратеник уште на 22 години, важи за исклучително бистар и омилен. Ако ја доведе ФДП поворно на ниво од седум до осум приценти освоени гласови, деновите на лидерот на ФДП Филип Реслер веројатно ќе му бидат избројани.

Пиратите сакаат да се вкотват и во НРВ

Речиси за сигурен важи влезот на Партијата на пиратите во покраинскиот парламент во Диселдорф. Пиратите ја мешаат палетата партии, како што тоа некогаш, во 1970-тите, го правеа Зелените. Ако Левицата влезе во покраинскиот парламент, тогаш парламент со шест партии ќе стане реалност. Веќе сега вакво едно сценарио, за времето по сојузните избори наредната година, се разгледува и во партиските централи во Берлин. Нема дилема - политиката станува потешка.

НРВ-тест

Промените во партиската аритметика на сојузно ниво отсекогаш прво биле испробувани на запад. НРВ, каде седиште имаат девет од 30-те најголеми концерни затсапени на берзата, не беше само економски моќна во времето на јагленот и челикот, туку тука беа испробувани и различни коалиции, кои подоцна беа присутни и на сојузно ниво. На средината од 1960-тите првпат коалицираа СПД и ФДП во Диселдорф, а во 1969 година Брант (СПД) и Шел (ФДП) влегоа во историјата со нивната социјално-либерална коалиција. И црвено-зелената коалиција, пред да биде присутна на сојузно ниво со Шредер и Фишер, три години претходно беше тестирана во Диселдорф. А кога во 2005 година ЦДУ по неколку неколку децении опозиција во НРВ, победи на покраинските избори, тоа значеше крај и за СПД на Шредер во Берлин. Искуството покажува - кога НРВ кашла, Берлин добива грип.