1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога некои религии се „поеднакви“ од другите

Во Македонија одамна е изгубена границата на секуларноста, па на сцена доминираат само обвинувања за различниот третман на верските заедници.

Нееднаквиот однос кон верските заедници во Македонија создава удел во конфликтната динамика во општеството и поделби по многу линии, предупредуваат аналитичарите и апелираат на коректен однос кон потребите и интересите на сите конфесии.

Ваквите реакции доаѓаат откако поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) обвини дека Македонската православна црква (МПЦ) е фаворизирана  „по сите нишани“, а ИВЗ дискриминирана, што е спротивно на одредбите во Уставот, кој предвидува еднаква положба на сите верски заедници во земјата.

Реис ул Улема Сулејман ефенди Реџепи има многу забелешки и за односот на државната, но и на локалната власт кон ИВЗ.

„Пред три години имавме заедничка средба со премиерот и се договоривме да се реновира Чарши џамија, постапката да почне за три месеци, а финансирањето да биде половина од Владата, половина од ИВЗ. За тоа потпишавме договор со Министерството за култура. Поминаа три години, ништо нема од тоа. Зошто? На градоначалникот Марјан Ристески не му се допаѓа да се реновира џамијата што изгоре во 2001 година. Не ми е јасно како функционира правно-политичкиот систем“, изјави поглаварот на ИВЗ, Реис ул Улема Сулејман ефенди Реџепи.

Тој потсетува и дека ИВЗ со постапката за денационализација се‘ уште не може да ги добие имотите кои и‘ припаѓаат, за разлика од МПЦ, која ги добила речиси сите. Според поглаварот, јавната наклонетост на власта кон една конфесија, не е потребно да се докажуваа посебно, таа е видлива секојдневно, во секој сегмент од општествениот живот.  

Право на имот

Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи меѓу верските заедници, вели дека нема увид во постапките за враќањето на имотите.

„За дел од имотите кои се‘ уште не и‘ се вратени на ИВЗ, слушаме образложенија дека причина била 'некомплетна документација'. Но, и епархии на МПЦ се жалат дека не им се вратени имотите“, вели таа. 

Абаз Ислами, портпарол на ИВЗ, тврди дека нивната документација е комплетна, а постапките се пролонгираат со шетање од првостепена до второстепена комисија.

Reis ul Ulema Hadzi Sulejman Efendi Redzepi

Реис ул Улема Сулејман ефенди Реџепи

„ИВЗ бара да ги добие во свое владение објектите, а тие се обидуваат да ни дадат компензација за нив по исклучително ниски цени. Тоа е неприфатливо. Досега на ИВЗ и‘ е вратен само 15 отсто од имотот. Не ни се вратени 4 милиони квадратни метри имот, од кои најголемиот дел во Скопје. Не ни се вратени најстратегиските објекти кои сведочат за исламската култура, пред се‘, во старите чаршии во Скопје, Струга, Битола, Гостивар. Доволно е само да ги спомнам Капан-ан, Сули-ан, Безистен...За разлика од ИВЗ, на МПЦ и‘ е вратен речиси целиот имот, плус и‘ дадоа нов вакув како што беше случајот со хотелот ’Изгрев’, а неодамна и касарна на користење на 99 години. Не сме против тоа, нека и‘ се дава, но зошто само на една верска заедница. Па и муслиманите имаат право на својот имот“, вели Ислами.

Сајбер федерација

Универзитетскиот професор по социологија, Илија Ацевски, смета дека вакви чувствителни прашања редовно стануваат „дежурни теми“ кога нешто се случува во државата.

„Во случајов, поглаварот на ИВЗ, условно речено, е во право. Македонското општество е мултиетничко, мултикултурно, мултиконфесионално. Ако премиерот присуствува на поставување камен-темелник за изградба на цркви, или на донаторски конференции за цркви, или ако при пуштање во употреба на административни згради осветувањето го вршат само православни свештеници, тоа упатува на наклонетост кон една конфесија, а тоа не е добро во секуларна држава во која премиерот е премиер на граѓани од различни етничка и верска припадност. Тоа не е во духот на заедништвото“, оценува Ацевски.

Според него, ваквиот однос ќе води кон сличен „одговор“ од политичари од друга конфесија, па чекор по чекор ќе се изгради една „сајбер федерација“ во која формално сите ќе живеат заедно, а фактички општеството ќе биде длабоко поделено во културна и духовна смисла.

Брак од интерес

Проблемите секогаш почнуваат кога политиката поради свои интереси подлабоко ќе навлезе во сферата на духовното, но и обратно. На тој план во Македонија одамна е изгубена границата на секуларноста, па на сцена доминираат само последиците. Според универзитетската професорка, Билјана Ванковска, без оглед дали станува збор за државни институции или партии, врската меѓу верските заедници и политичките центри на моќ е толку евидентна, што веќе нема ни обиди за прикривање.

„Тоа е директен удар на принципот на секуларизам, но полза од овој 'неприличен брак' имаат двете страни: верските заедници очекуваат конкретна политичка и материјална поддршка, а во случајот на МПЦ и инволвирање во однос на нејзиното признавање од другите православни цркви. Политичарите, без оглед дали се со лева или десна провениенција, се потпираат на верските заедници за да добијат јавна поддршка за своите политики. Кај нас е незамисливо да имате политички лидер атеист или агностик, што случај во Хрватска, иако таа е католичка земја. Верските лица добиваат гласност и преку медиумите, кои речиси сите нивни политички изјави ги пренесуваат како нешто значајно. Со оглед пак на тоа дека Македонија е поделено општество и по верска основа, оваа политичко-верска алијанса си има удел и во конфликтната динамика“, предупредува Ванковска.

Спред минатогодишното истражување на интернационалната асоцијација Галуп, според глобалниот индекс на религија и атеизам, во Македонија 90% од населението се декларирале како религиозни. За експертите ваквите податоци се доволен показател дека евентуалната дискриминација на чувствата или на потребите на толку висок процент на религиозно определени, пропорционално може да предизвика и многу високи последици. Не е предоцна да се преземат активности тоа да не се случи.