1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кога Македонија ќе го признае Косово?

Македонија го очекува епилогот од Њујорк од расправата во Генералното собрание на ОН. Таму наскоро ќе се гласа за барањето на Србија, за легалноста на одлуката за независност на Косово да решава Меѓународниот суд во Хаг.

default

Официјално Скопје не се брза со признавањето на северниот сосед: зградата на Парламентот

Може да се насети дека владата во Скопје тактизира со одлуката за признавање на Косово, иако веќе беше најавено позитивно решение по ова отворено прашање.

„Постапуваме согласно државните интереси на Република Македонија. Во комуникација сме со сите наши партнери од НАТО и ЕУ, така што доколку има нешто ново, тоа ќе ви го соопштам“ – кажа премиерот Никола Груевски по најавите дека со почетокот на генералната дебата во Генералното собрание на ОН, Македонија би можела да го признае Косово.

Исполнет еден од суштинските услови

Демаркацијата со северниот сосед деновиве ќе заврши откако се поставени сите погранични пирамиди од македонска и од косовска страна. Тоа беше еден од условите што властите од Скопје ги поставија за да започне процесот на меѓусебно признавање.

Ali Ahmeti, Mazedonien

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети

Во Македонија има веќе амбиент за признавањето на Косово“ – оценува вице-премерот Абдулаким Адеми од владеачката ДУИ.

Нејзиниот лидер Али Ахмети во изјава за телевизиската станица АлСат за време на викендот оцени:

„Македонија е на линија со САД и со ЕУ. Признавањето може да се случи затоа што тоа е во прилог на двете земји и на мнозинството Албанци во Македонија.“

„Добри соседи“ на економски план

Ахмети при тоа не прецизира ден или недели кога тоа може да се случи, туку оцени дека станува збор за природен процес. Приштина и Скопје имаат интензивна економска соработка. Во новата држава Македонија извезува над 250 милиони евра годишно.

За време на викендот Ахмет Шаља, Министер за економија на Косово, ја повика македонската бизнис заедница да се вклучи во вложување во енергетските потенцијали на косовските термо-електрани затоа што во нив во наредните години се очекуваат значајни инвестиции од странство во висина од 3 до 4 милијарди евра:

„Енергетиката е поле во кое лежат економските надежи на Косово. Ние сме отворени за секој инвеститор, дури и од Македонија„ - порача Шаља.

Косовскиот министер е уверен дека Македонија на бргу ќе ја признае реалноста дека има нов сосед, со кого има и обележана меѓудржавна граница.



DW.COM