1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кога децата ќе бидат протерани

Понекогаш институциите на власта се безмилосни. Од државите на ЕУ се протеруваат и малолетни бегалци. Во Франција случајот со едно 15-годишно девојче предизвика големи негодувања. Дали слично нешто е можно во Германија?

Садаф Вализада се чувствува добро во Германија. Ова дванаесетгодишно девојче потекнува од Авганистан и денес живее во Берлин, каде оди во 5. одделение. Меѓутоа, пред неколку месеци Садаф заедно со нејзиното семејство требаше да биде протерана во Авганистан. Садаф се одлучи да преземе нешто. Таа му се обрати на германскиот претседател Јоахим Гаук и во едно писмо ја опиша ситуацијата на нејзиното семејство. „Моите пријатели ме поддржаа, собираа потписи и самите испратија писмо до претседателот“, се сеќава Садаф. „Поддршката многу ме израдува“.

И кај соседот на Германија, Франција, неодамна протерувањето на една малолетничка предизвика вознемиреност.

Leonarda Dibrani - Frankreich Abschiebungsdebatte

Леонарда Дибрани

Таму случајот на 15-годишната Ромка Леонарда Дибрани предизвика протести ширум земјата. Француските власти ја извлекоа од училишниот автобус, додека таа беше на излет на почетокот на октомври и покрај отпорот од страна на професорката. Уште истиот ден Леонарда беше однесена на Косово. Таму сега живее ова младо девојче родено во Италија, кое зборува перфектно француски. По долги натегања, францускиот претседател Франсоа Оланд на 19 октомври ѝ понуди повторно да се врати во Франција, сама. Но Леонарда не сакаше да се врати без нејзиното семејство.

Поддршката кај населението во Германија е голема

Во Франција на дневен ред се протерувања. Околу 18.000 само оваа година. Германија во 2012 година регистрираше речиси 7.000 протерувања. За Гинтер Буркхарт од здружението „Про Азил“ тоа е и причината зошто во Германија нема такви масовни протести и израз на солидарност во случаи слични како на Леонарда Дибрани. Меѓутоа, иако нема масовни движења во Германија, кога станува збор за заштита на луѓето, кои треба да бидат протерани, во Германија поддршката е голема: „Има многу случаи, кога луѓето се здружуваат, кога сакаат да им помогнат на нивните пријатели“, вели Буркхарт.

Околу 80.000 таканаречени луѓе со толериран престој живеат во Германија. Тие немаат дозвола за престој, но не можат да бидат протерани, на пример оти немаат пасоши. Кон овој број се надополнуваат 85.000 баратели на азил од тековнава година. „Во однос на бројот на жителите, бројот на барателите на азил во Германија е на средно ниво во споредба со европските земји“, вели Буркхарт. Азил во Германија добиваат само оние кои во својата татковина се прогонувани поради расата, религијата, националноста, политичката обределба или социјална припадност. Предуслов е барателите на азил да не потекнуваат од земја на ЕУ или други трети земји кои се сметаат за сигурни.

Се протеруваат оние кои поседуваат пасош, но немаат дозвола за престој и не ја напуштаат доброволно земјата. Меѓу нив речиси и нема малолетни лица. Надлежните покраински министри биле воздржани кога станувало збор за млади, вели Буркахрт од „Про Азил“. „Меѓутоа постојано има случаи, луѓе кои се тука израснати да бидат протерани“.

Садаф Вализада во Германија дојде пред две години, заедно со своето семејство. Сега 12-годишната Авганистанка никогаш не можеше да сфати, зошто треба да биде протерано нејзиното семејство. „Моите родители се обидоа сѐ за да се интегрираат. Тие учеа германски и не‘ пратија нас децата на училиште“, вели таа за ДВ на течен германски јазик. Кога германскиот претседател Јоахим Гаук одговори на нејзиното писмо, ѝ падна камен од срце. Како претседател тој не смее да се меша, но, ќе ги замоли неговите соработници, да се информираат во Службата за странци. И навистина -семејството потоа доби азил.

Семејство разделено осум години

Но, не секој има среќа, сојузниот претседател лично да се заложи за останување во Германија. Како и во Франција и тука има „брутални протерувања“, како што ги нарекува Гинтер Буркхарт од „Про Азил“. И тие предизвикуваа негодувања ширум Германија.

На пример, во 2005 година, кога тогаш 24-годишната Газале Саламе мораше да ја напушти Долна Саксонија, иако беше бремена. Нејзиниот сопруг и децата останаа. Жената регистирана како лице без држава, имено поседуваше турски пасош, поради што во Германија не ѝ беше продолжена дозволата за престој. Дури по осум години, на почетокот на 2013 година, Саламе смееше да се врати во нејзиниот дом во Хилдесхајм. По долги преговори и протести од здруженијата за заштита на човековите права, покраинскиот парламент во Хановер даде зелено светло за ваквата разврска.

Вакво нешто, смета Гинтер Буркхарт, не смее да се повтори. Тој од идната влада во Берлин бара да се погрижи за регулатива за право на престој во Германија. Француската влада во Париз досега не се обидува да направи реформа на законот за азил и странци - не пред локалните избори и изборите за Европскиот парламент пролетта 2014 година.

Единствено подобрување за луѓето без дозвола за престој е едно укажување на францускиот министер за внатрешни работи Мануел Валс, според кое, по пет години престој во Франција барателите на азил имаат шанса да останат. На Леонарда Дибрани и нејзиното семејство за тоа им недостасуваа два и пол месеци.