1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кога децата одат во војна...

Децата војници се истовремено жртви и злосторници. Ги има во речиси сите конфликтни подрачја во светот. Тоа има огромни последици врз психата на децата и врз општеството.

Боско имал шест години кога угандските бунтовници под водство на Џозеф Кони му дале в рака нож и му наредиле да ја убие својата мала сестра, се сеќава Елизабет Каизер. Таа е психолог, специјализиран за траумите на поранешните деца-војници, и се ангажира во Уганда со својата хуманитарна организација „Виво интернационал“. Боско детално и‘ го опишал моментот на убиство на својата сестра:

„Тогаш командантот со врвот од својата пушка покажа на мене и рече: ’Расечи ја и тоа брзо’. Јас си помислив: ’Оставете ме да умрам’, а потоа директно над главата чув рафално пукање. Тоа беше моментот кога срцето ми запре и знаев, сега ќе го направам тоа. Ја подигнав раката за да замавнам, кога ја чув сестра ми како плаче. Почнав и јас да плачам и и‘ реков: ’Јули, прости ми. Морам да го направам тоа’. Командантот ме удри повторно по рамото. Ја подигнав раката и го зарив ножот во вратот на сестра ми“.

Јули тогаш имала пет години. Таа морала да умре, зашто не можела да го следи темпото на долгиот марш пеш кон следното одредиште на напад на бунтовниците.

Joseph Kony Rebellenführer LRA Uganda Archivbild

Џозеф Кони, водач на бунтовниците во Уганда, архива

Децата тешко можат да се одбранат 

ОН проценуваат дека во армиите или вооружените бунтовнички трупи во воените конфликти се ангажирани околу 250 илјади деца, речиси во цел свет. Во најновиот извештај на ОН се наведени 52 партии-учесници во конфликти од 23 земји кои користат и злоупотребуваат деца како борци, шпиони, курири или носачи на тежок товар, истакнува Ниња Харбоне од УНИЦЕФ. Извештаи стигнуваат и од Сирија. Според нив, како владините трупи, така и опозиционите бунтовници користат деца-војници. Децата живеат во постојан страв дека и самите ќе бидат убиени од трупите ако не послушаат. Многу од нив се злоставувани и силувани.

„За жал, децата имаат многу ’предности’ за вооружените групи: тие се евтини борци, лесни за манипулација. Нив често ги дрогираат и ги инструираат со пропаганден материјал и филмови за нивните идни задачи“, вели Ниња Харбоне во разговор за Дојче веле. Лесен плен и изложени на опасност од регрутација се особено сиромашните деца и сираците кои ги загубиле своите родители во конфликт, вели соработничката на УНИЦЕФ:

„Тогаш понекогаш нивната единствена шанса е да се приклучат кон некоја силна група, а тоа може да биде и вооружена група“.

Многу деца едноставно се и грабнувани и присилени на употреба на оружје. Боско морал целото свое детство да го мине кај бунтовниците.

Kindersoldaten - Aktion Rote Hand

Разбивање на семејните и селски структури

Децата кои го преживуваат ова време, се најчесто тешко трауматизирани, кај нив се развиваат депресии, зависности или психосоматски заболувања, објаснува терапевтот за трауми, Елизабет Кајзер. Многу од нив, поради чувства на тага, срам и вина, извршуваат самоубиство. Кај некои пак се чувствуваат силни последици во цивилниот живот, не можат веќе да водат нормален семеен живот или да се вклопат во заедницата, во селото. Тие делумно доживеаното насилство го пренесуват врз своите деца.

„Постојат заедници каде повеќе од половината од луѓето се ментално или психички болни и со тоа се разбива целата структура на заедницата“, вели психологот. Многу од овие деца повторно дозволуваат да бидат регрутирани  откако ќе го согледаат неуспехот да се вклопат во цивилното општество. Најтешко им е на девојчињата-војници, кои останале бремени по силување. Тие во селото веќе не можат да најдат маж и трајно живеат во беда.

Afrika Kongo Goma Familienzusammenführung Kindersoldaten Resozialisierung

Тежок пат до ресоцијализација на децата-војници

И Германија на мета на критики

Меѓународно, ангажирањето деца-војници е забрането: 150 држави го имаат ратификувано дополнителниот протокол на Конвенцијата на ОН за учество на деца во воените конфликти. Тој стапи во сила на 12.февруари 2002. година и е основа за прогласувањето на годишниот Ред хенд деј, Денот на црвена рака. На овој ден во многу држави се потсетува на судбината на погодените деца со „црвени“ отпечатоци на дланките. Овој протокол е ратификуван и во Германија. Но, Германскиот сојуз на деца-војници неодамна во извештајот за 2013 година ја критикуваше Германија за недоволен ангажман против ангажманот на деца-војници.

„На поранешните деца-војници кои како бегалци доаѓаат во Германија не им се помага доволно, нивниот страв од регрутирање, на пример, не е земен предвид како основа за азил“, вели Ниња Харбоне од УНИЦЕФ. Во извештајот се критикува и регрутирањето на 17-годишни млади во Германија од страна на Бундесверот, како и разубавувачката реклама за Бундесверот, која се врши и во училиштата. Освен тоа, стои во извештајот, не е јасно дали ситното оружје од Германија не завршува и во рацете на децата-војници.