1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кобна потрага по подобар живот

Дваесетина лица загинаа, а околу 300 се водат за исчезнати и најверојатно мртви, откако бродовите, со кои биле упатени кон Италија, потонале во близина на брегот на Либија. Дали бурата била причина за оваа трагедија?

default

Имигрантите често го ризикуваат животот, во потрага по повеќе среќа

Се` уште не е сосема јасно колку жртви однесе несреќата на Средоземното море, но со сигурност се знае текот на настаните. Лоренс Харт, раководител на Меѓународната организација за бегалци од либискиот главен град Триполи, во телефонско интервју изјави дека се работи за тешка трагедија. „Преку 240 патници од едниот потонат брод се` уште се водат за исчезнати. Спасени беа само 21 лице. Уште еден брод со 356 патници вчера испрати сигнал за помош“, истакна Харт.

Преживеаните од несреќата се наоѓаат во камп за згрижување на северниот брег на Либија. Таму им се укажува медицинска помош. Доаѓаат од повеќе северноафрикански земји и, изненадувачки - од Сирија. Харт потврди дека либиската крајбрежна служба ги згрижила и телата на околу дваесет мртви лица. Според египетски податоци, десетмина од нив се египетски државјани.

Бура или преполни бродови?

Flüchtlinge in Griechenland

Имигрантите не секогаш успеваат да стигнат до целта незабележани

Несреќата се случила триесетина километри од северниот брег на Либија, а за причините засега може само да се шпекулира. Според агенциите, лошото време и морската бура се причина за трагедијата. Лоренс Харт, од Меѓународната организација за бегалци, разгледува и друга можност: „Колку што знам, времето не било толку многу лошо. Но, според бројот на патници, бродовите биле едноставно преполни. Нормално, преполни бродови лесно се превртуваат“, вели Харт. Ова го потврдуваат и извори на либанската полиција, кои велат дека капацитетот на бродовите бил најмногу педесет патници.

Италија и Либија планираат да почнат заедничка морска патрола, чија цел е сопирање на нелегалната миграција. Италијанскиот министер за внатрешни работи, Роберто Марони, најави дека патролата ќе почне на петнаесетти мај. Минатата година, 36 илјади лица од Северна Африка нелегално влегле во Италија, а половината од нив добиле азил или некаков друг вид заштита од италијанските власти.


Автор: Естер Саоб / Тосев Трајче

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска