1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Коалицијата „Заедно за Струга“ побара трет изборен круг

Граѓани на Струга денеска на мирен протест побараа од Управниот суд да ги прифати жалбите што ги поднесе коалицијата „Заедно за Струга“ за изборни нерегуларности на локалните избори што се одржаа во оваа општина.

Според претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Перо Петкоски, во Струга треба да се спроведе трет изборен круг:

„Бараме Управниот суд да донесе одлука во наша полза, односно очекуваме позитивен одговор на нашето барање и прогласување на вториот круг од локалните избори за нелегитимен, со тоа што би дошле до израз сите неправилности кои се случуваа на денот на изборите. Очекуваме трет изборен круг кој ќе биде фер и на кој ќе победи подобриот“, изјави Петкоски.

Како што додаде тој, коалицијата „Заедно за Струга“, составена од македонските партии во градот, ќе продолжи да функционира и натаму за доброто на Струга.

За Струга во Државната изборна комисија инаку беа прифатени само два приговори на ВМРО-ДПМНЕ, коишто не го менуваат изборниот резултат во Струга, каде повеќе гласови освои кандидатот за градоначалник на ДПА, Зијадин Села. Во Струга ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаа заеднички кандидат, но според резултатите, Владимир Кочоски освои 5000 гласа помалку од противканидатот Села.

Во саботата попладне (13.04), ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд поднесла осум тужби на одлуките на ДИК за Струга. За овие тужби, како и 34 тужби кои партијата ги поднесе за гласањето во општина Центар, Управниот суд може да одлучува и во понеделник.

Државната изборна комисија ги одби сите приговори на партијата за општина Центар, каде повеќе гласа освои кандидатот на „Сојузот за иднината“, Андреј Жерновски.

Управниот суд досега одби 26, од вкупно 30 тужби што ги поднесе ВМРО- ДПМНЕ на одлуката на Државната изборна комисија која не ги прифати приговорите на партијата за гласањето во Куманово. Одбиени се и четирите тужби на ДУИ за општина Студеничани, каде победи кандидатот на ДПА.