1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Коалициски договор- повеќе вода отколку вино во чашата

Коалицискиот договор за новата германска влада е готов. По повеќенеделни преговори демохристијаните и социјалдемократите се договорија за програма на која поради големиот број компромиси и се губат контурите.

Мачно беше да се следат деталите, кои во минатите недели протекуваа во јавноста од коалициските преговори. Требаше да биде пропишана минимална заработувачка за еден час работа, барање на Социјалдемократите (СПД), потоа Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) инсистираше на воведување патарина за странците, а даночното оптоварување на граѓаните требаше да остане исто, односно да не биде зголемено, што беше основна порака на канцеларката Ангела Меркел од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Минималната заработувачка за еден час работа доаѓа, но нешто подоцна, патарината истотака, но кога и во каков облик ќе биде одлучено на дополнителни преговори, а даноците нема да бидат зголемени-барем засега. Ах да, одлучено е и за двојното државјанство- барем делумно.

Одлука на базата на СПД

Децата родени во Германија со родители кои доаѓаат од странство во иднина нема да мораат најдоцна до 23-та година да одлучуваат кој пасош ќе го задржат. Дали со тоа е решено прашањето за двојно државјанство? Тоа не е јасно. Таков вкус имаат компромисните мешавини, некако блуткав, во секој случај разводнет.

Сега СПД овој неутрален вкус ќе и го претстави на својта база. Тоа е новина во парламентарната историја на Сојузна Република Германија. Имено 473 илјади членови на Социјалдемократската партија во наредните две недели ќе гласаат за прифаќање или за отфрлање на коалицискиот договор. Гласањето ќе биде важечко ако се изјаснат 20 насто од членовите на СПД. Дали Германија ќе добие нова влада ќе зависи од мислењето на околу 100 илјади социјалдемократи.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN

Авторот на коментарот: Фолкер Вагенер

Се заканува задоцнета одмазда на критичарите на Шредер

А тоа е најзанимливиот дел во процесот на создавање на коалицијата. СПД за време на канцеларот Герхард Шредер доживеа модернизација. Така барем сметаат заговорниците на неговата реформска политика, која на мнозинството од населението му наметна строги мерки за штедење. А тоа ги погоди пред сѐ социјално послабите, кои мораа да го сносат последиците од политиката на т.н Агенда 2010. Тоа меѓутоа се луѓе кои главно гласаат за СПД или се блиски до партијата. Критичарите на Шредер тоа до денес го нарекуваат „фестивал на социјален колеж“. Еден дел од базата сака обештетување. Токму тие би можеле да му го „украдат“ коалицискиот договор на врвот на партијата непосредно пред неговото потпишување. Расположението во базата е бунтовно. Би се граничело со магија, ако лидерот на партијата Зигмар Габриел успее на „стомакот“ на СПД да му го сервира како сварлив овој коалициски договор.

Се зборува и за нови избори

Кршливата содржинска архитектура на коалицискиот документ во случај на „не“ од базата на СПД, би била осудена на уривање. 100 илјади сопственици на партиска книшка на СПД би можеле да ја потресат Германија. Последици на тоа би биле некоја друга владина коалиција или дури и нови избори. Толкава политичка напрегнатост ретко имало во Германија, земја со добро уредени текови во општествениот живот. А сите опции се многу напрегнати. Малку се зема предвид фактот дека на парламентарните избори во септември повеќе од половина од избирачите се изјаснија за опцијата лево од демохристијаните на Меркел (ЦДУ/ЦСУ). СПД и партиите на Зелените и на Левицата би можеле заеднички да владеат, кога би сакале. Договорено е дека тоа би требало да биде возможно за четири години. А зошто не веднаш? Замислива е и коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и Зелените. И таа е на листата на проекти на овие партии. Во сојузната покраина Хесен, деновиве ќе започне првата таква коалиција на покраинско ниво.

Ако ништо друго не оди, тогаш тука се нови избори. А тие сами по себе се многу значајни. Ангела Меркел со сигурност нема ништо против тоа. Лутината на граѓаните кон СПД, што би го одбила коалицискиот договот веројатно би ја одвела партијата на помалку од 20 насто поддршка кај избирачкото тело. Тоа би била катастрофа за партијата на Вили Бранд во годината кога таа слави 150. години од своето постоење. А Ангела Меркел дефинитивно би можела да стане кралица на Германија. Освен ако нејзиниот досегашен партнер во владата партијата на Либералите (ФДП) од сожалување на избирачите во повторениот обид успее да влезе во парламентот- Бунестагот.

А што инаку?

Ситуацијата е помалку возбудлива ако овие денови Германија се набљудува од надвор. Ништо од сето она за што во последните недели се натегаа можните коалициски партнери не ги интересира луѓето во странство. Гледано според т.н теми од глобално значење Германија останува она што беше: надворешно-политички предвидлива и финансиско-политички солидна земја. А што значи тоа, добро знаат земјите кои ги зафати кризата.

Оттука ќе биде занимливо да се следи како Германија ќе го организира енергетскиот пресврт за кој се одлучи по катастрофата во Фукушима. За оваа една од најважните теми во наредните години, може да се најде малку и згора на тоа неконкретно во коалицискиот договор.