1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Коалициите во Македонија не се според нормалната демократска логика

Во Македонија има етнизирана демократија, во која логиката на нормалните демократии при составувањето влада не важи – ова е ставот на доктор Штефан Требст, професор на универзитетот во Лајпциг и експерт за Балканот.

default

Професор д-р Штефан Требст

Владата во една земја не мора да биде секогаш составена од партиите кои добиле најголем број гласови, вели професор Штефан Требст, коментирајќи ги барањата во Македонија – дел од владата секогаш да биде партијата на Албанците која освоила најголем број гласови на избирачите:

„Во еден нормален демократски партиски систем тоа се разбира не би се случувало, зашто одлучувачки е кој располага со повеќе од 50% од местата во парламентот. Тоа не е во зависност од големината на партиите. Значи, не мора секогаш коалиција да градат двете најголеми партии, туку повеќе од 50% можат да имаат и повеќе помали партии. “

Требст вели дека во Македонија има етнизиран партиски систем, кој е поделен на две половини и дека парламентот е практично составен од, условно речено, два парламенти – еден на пратениците Албанци и еден во кој се останатите пратеници. По големата победа на ВМРО ДПМНЕ, која освои повеќе од 50% од пратеничките места, сега тие две половини на парламентот изгледаат поинаку, и како што вели Требст, партиите на Албанците не знаат како на тоа да реагираат.

ВМРО ДПМНЕ, според него, и покрај тоа што е апсолутен победник на изборите е принудена да бара коалиционен партнер од редовите на партиите на Албанците.

„Во нормални услови на ВМРО не би му бил потребен коалиционен партнер, зашто има повеќе од 50% од местата во парламентот“, подвлекува Требст и додава дека во етнизирана демократија, другите етнички кампови, во овој случај албанскиот, вршат притисок најмалку една од партиите на малцинствата да биде дел од владата.

Според логиката на демократијата, вели Требст, во вакви случаи е нормално да се каже „ќе го земем помалиот, зашто со него е поедноставно отколку со поголемиот“. Во Македонија, тоа е тешко да се реализира, зашто партијата на Албанците со освоен најголем број гласови бара да биде во владата со партијата на Македонците со најголем број гласови. Значи, се бара голема коалиција во ситуација во која таква голема коалиција воопшто не е потребна.

Експертот за Балканот, Штефан Требст е на мислење дека во земји како Македонија, програмите на партиите при составувањето коалиции не се важни. Секоја македонска партија може да коалицира со секоја албанска партија, зашто како што нагласува тој, коалициите не се засноваат врз заеднички политички цели, туку се засноваат само врз сопствените калкулации, кои привремено, се поклопуваат со калкулациите на коалициониот партнер. Во македонскиот случај, интересите се поклопуваат, на пример што се однесува до евро-интеграциите на земјата, но не и во внатрешната, социјалната, здравствената, финансиската и даночната политика.