1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кноц: Пример како непријателите можат да станат сојузници

Интервју со германската амбасадорка во Македонија, Улрике Кноц за годишнината од Елисејскиот договор-пријателството меѓу Франција и Германија може да биде инспирација и за други земји, и за Западен Балкан.

default

Амбасадорката Улрике Кноц

Зошто од историски аспект е значаен Елисејскиот договор помеѓу Германија и Франција?

Кноц: „Елисејскиот договор од 22 јануари 1963 година е институционалната рамка за германско-француското пријателство и соработка. Секако дека политиката на пријателството и соработка отпочна уште порано. Помирувањето на двете земји е историски пример, единствен од таков вид за тоа како непријатели може да станат сојузници и пријатели. Во Европа нема земји кои меѓусебе толку многу војувале како Германија и Франција. Само помеѓу 1870 година и 1945 година година тие воделе три војни.
Втората светска војна во 1945 година заврши со тотална капитулација на Германија. Франција им припаѓаше на победничките сили. Значи, улогите беа јасно поделени. Голема заслуга на нашите две земји е во тоа што тие одлучија да ги напуштат улогите на победникот и поразениот и да станат партнери, а тоа благодарение на визијата на големите државници: претседателот Шарл де Гол, сојузниот канцелар Конрад Аденауер, францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман.
Помирувањето помеѓу Франција и Германија од самиот почеток беше во служба на европската интеграција. Роберт Шуман на 9 мај 1950 година изјави: ’Обединувањето на европските нации го бара искоренувањето на спротивставеноста која потраела со векови меѓу Франција и Германија. Започнатото дело мора пред сé да ги опфаќа Германија и Франција’.
Шумановата декларација водеше кон основањето на првите европски институции. Од таа причина, 9-от мај важи за роденденот на Европската унија. Оттогаш, Германија и Франција секогаш нагласуваа дека нивната соработка и пријателство е во служба  на европската интеграција. Актуелен пример за тоа е работната програма која ја усогласија во февруари 2010 година. Во средиштето е иднината на ЕУ: што ЕУ треба да стори за да обезбеди силен и долготраен пораст на економијата кој воедно значи и социјален напредок и подобрување на квалитетот на живеење".

Германско францускиот договор за помирување е потпишан со крв, изјави францускиот претседател Саркози лани, за време на заедничкото одбележување со канцеларот Меркел. Што би кажале Вие за договорот?

Кноц: „Она што го прави Договорот единствен е дека тој ја регулира не само соработката меѓу политичарите, туку дека гради и мостови меѓу народите. Веќе непосредно по завршувањето на војната, уште во француската окупаторска зона, се почнало со организирани средби меѓу луѓето. Станувало збор за иницијативи на локално ниво, градоначалниците играле голема улога; се развивале илјадници партнерства меѓу градовите. Дозволете ми да додадам едно лично искуство: мојата лична симпатија за Франција и за францускиот јазик и‘ ја должам на училишната размена меѓу мојот роден град Минхен и францускиот збратимен град Бордо. Многу вложуваме во контактите на нивото на граѓанското општество. Врз основа на Елисејскиот договор во 1963 година се основаше Германско-француската младинска организација; досега таа им овозможувала на 7,5  милиони млади луѓе да се запознаат со соседската земја; а тоа интензивно, а не само како турист. Посебно внимание му се посветува на изучувањето на јазикот на другиот. Постојат заедничката телевизиска станица АРТЕ и заедничкиот Германско-француски универзитет".

Колку германско француското помирување може да биде пример за решавање на зовриените балкански прашања ?

Кноц: „Германско-француското пријателство се разви под мошне специфични околности, т.е. врз урнатините на во војната уништената Европа, како резултат од шок и разум. Мислам дека тоа не е модел што може туку така да се превземе. Меѓутоа, убедена сум дека пријателството меѓу Франција и Германија може да биде инспирација и за други земји. Исто така, и на Западниот Балкан. По трауматските граѓански војни од 90-те години и овде станува збор за гледање напред и за изградба на заедничка европска иднина".

Можно ли е Балканот 40 години подоцна да нема политички лидери способни да ја видат, да ја проценат неопходноста од компромис, простување, политичари подготвени за договор?

Кноц: „ Напротив! Од граѓанските војни во поранешна Југославија не поминаа ни 20 години, а денес постои разновиден спектар на кооперација на сите нивоа. Се случуваат впечатливи гести на помирување, како на пример, посетата на српскиот претседател Борис Тадиќ во Србреница во минатата година и заедничката посета на претседателите на Србија и Хрватска во Вуковар.
Годинава, во Македонија ќе го славиме 10-от јубилеј на Охридскиот рамковен договор. Договорот му стави крај на крвав конфликт, а во голема мера тоа беше заслуга на македонскиот претседател Борис Трајковски. Во регионот, Македонија го практикува единствениот модел од таков вид за соживот во мултиетничка држава; граѓаните на Македонија може да се гордеат со тоа.10- годишниот јубилеј на Охридскиот рамковен договор претставува добар повод за славење и за свртување на погледот кон заедничката иднина".

Дали Германците денес ги сметаат Французите за искрени пријатели?

Кноц: „ Поранешниот германски сојузен претседател Теодор Хојс во една прилика рекол: ’Не ја сакам Германија, ја сакам мојата жена’. Тоа важи и тука: нешто како ’искрено пријателство’ постои впрочем само меѓу индивидуи, но не и меѓу колективи. Пријателство меѓу државите значи: континуирано водење сметка за интересите на другиот, доверба, напори за заеднички решенија, компромиси.
Да, Французите се наши пријатели".

Зошто на Германците не им е омилен странски јазик францускиот, дали станува збор за последица од некогашното непријателство?

Кноц: „Сигурно не! Напротив – францускиот јазик во Германија важи за убав, елегантен јазик. Меѓутоа, и за тежок јазик. Покрај тоа што и во Германија, како и секаде во светот, англискиот јазик е јазикот број еден, за Германците полесно е да го изучуваат англискиот јазик, кој  исто така припаѓа во индогерманската група, отколку да го учат францускиот јазик, кој припаѓа во групата на романските јазици. Но, да се владее со еден странски јазик, денес веќе не е доволно! Само англискиот јазик не е доволен. А кога сакате навистина успешно да живеете со соседот, морате да го знаете и неговиот јазик. Во таа смисла, Германија и Франција секогаш многу вложувале во јазичната настава и во размената на наставници и ученици. Пред една година беше донесена одлуката за отворање на поголем број германско-француски детски градинки".

Дали во суштина на помирувањето лежат економските интереси-двете земји се соседи, упатени се да соработуваат меѓу себе?

Кноц: „Одлучувачки за политиката на помирување беа политички и морални причини. Германско-француското пријателство по Втората светска војна беше резултат на шок и сфаќањето дека така не смее да се продолжува. Но, секако дека Германија и Франција се поврзани и поради силни економски интереси. Двете земји еден за друг претставуваат најзначајните трговски партнери".

Многумина велат дека Европската унија ќе трае сé додека тоа им одговара на Франција и на Германија. Што би рекле Вие?

Кноц: „Тоа е сосема хипотетично прашање. Германско-француското пријателство од самиот почеток беше во служба на европската интеграција. Пријателството свесно вклучува и други држави, на пример Полска во таканаречениот ’Вајмарски триаголник’. ЕУ е модел на успех за мир и благосостојба. Нема друга алтернатива".

Простивме но не заборавивме, велат едни од најголемите страдалници во Втората светска војна, Евреите. Дали Германците и Французите се‘уште го паметат времето на меѓусебното непријателство?

Кноц : „На почетокот на политиката на помирување, во 50-те, 60-те години, луѓето сé уште живееле под траумата на Втората светска војна. Мислам дека од големо значење за помирувањето беше фактот што Германија и Германците ја презедоа целосната одговорност за Втората светска војна и до ден денес интензивно се справуваат со тоа. Без ова справување со минатото не ќе се развиваше вистинско пријателство. Заборавање и потиснување не претставуваат основа за пријателство.
Заедничкото справување со историјата во германско-францускиот однос игра голема улога. Станува збор за разбирање на погледот на другиот врз историските случувања и да се дојде до заеднички погледи. Во таа смисла беше изработен заеднички учебник по историја кои се користи во училиштата.
Сметам дека токму во оваа област, напорите околу заедничкото разбирање на историјата, германско-француската соработка може да биде вредна инспирација за Балканот".

Дали побрзо Белград и Приштина ќе го следат германско-францускиот пример отколку што тоа ќе го сторат Скопје и Атина?

Кноц: „ Не би сакала да шпекулирам. Се надевам дека Атина и Скопје наскоро ќе ја прескокнат сопствената сенка и ќе го завршат спорот за името кој трае веќе предолго. Тој е, како и спорот меѓу Белград и Приштина, прашање на прагматичност, политичка волја, храброст и лидерство".

Автор: Горан Петревски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM