1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кноц: ЕУ не е целосна без земјите од Западен Балкан

Балканот и натаму останува во фокусот на германската надворешна политика, како и поддршката на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, вели германската амбасадорка во Скопје, Улрике Кноц.

default

Улрике Кноц: местото на Македонија е во ЕУ

Госпоѓо Кноц, Германија годинава одбележува неколку јубилеи, меѓу кои е и 60-годишнината од донесувањето на Уставот. Зошто на Германците им е толку значаен овој јубилеј?

Кноц: 23 мај 1949 година - тоа е роденденот на нашата денешна Германија, на Сојузна Република Германија. На овој ден, нашиот устав стапи на сила. Како што знаете, по Втората светска војна, во победената Германија, владееја т.н. четири сили: САД, Велика Британија, Советскиот сојуз и Франција. Денес, би се рекло дека, во тоа време, меѓународната заедница беше на власт во Германија. Кога уставот стапи на сила - во 1949 година, Германија го поврати најголемиот дел од својот суверенитет. Меѓутоа, овој датум го означи и почетокот на поделбата на Германија на две држави: Сојузна Република Германија на запад и Демократска Република Германија на исток, под влијание на Советскиот сојуз. Четириесет години подоцна, падна и Берлинскиот ѕид и двете германски држави повторно се обединија. Годинава, ќе го прославиме и овој јубилеј. Двата јубилеја, есенва, ќе ги одбележиме и во Македонија со германски недели на културата.

Како Германија за толку кусо време успеа од воените противници да создаде најблиски сојузници и со нив да биде главниот столб во новото европско здружување, кое потоа прераснува во Европската унија?

Кноц: По завршувањето на Втората светска војна, германската вина, вината за војната и вината за геноцидот врз 6 милиони европски Евреи, беше јасна. Германците немаа шанса да се чувствуваат како жртви, тие знаеја дека ако повторно сакаат да бидат респектирани, самите ќе мора активно да се потрудат за тоа. За Сојузна Република Германија, интеграцијата во западните структури беше пат за повторно стекнување доверба. Германската политика беше политика на прагматизам, на отстапки, на компромиси, на пријателства и на алијанси. Кога во 1989 година беше овозможено повторното обединување, се покажа дека таа политика беше сосема правилна, бидејќи ниедна друга држава не беше против тоа. Ова е, ми се чини, убавиот парадокс на нашата историја, дека Германија ја постигна својата национална цел: обединување по пат на една политика која не беше националистичка, туку напротив, политика која повеќе бараше отколку што даваше и тоа со трпение и многу среќа. Ние Германците сме многу благодарни.

Европската комисија наскоро ќе одлучува за укинување на визниот режим за Македонија и за некои други земји од регионот. Каков е ставот на Германија во врска со ова прашање? Заслужуваат ли македонските граѓани да патуваат без визи во земјите на Унијата?

Кноц: Би сакала овде сосема јасно да кажам дека и Германија го посакува укинувањето на визниот режим за Македонија. Многу добро може да се разбере нетрпението на луѓето, пред се‘ на младите. Безвизниот режим е особено важен во процесот на приближувањето на Македонија кон ЕУ. Но, за укинувањето на визниот режим треба да се исполнети условите. Се работи пред се‘ за тоа, дали Македонија е во состојба да ги контролира и спречува непожелните миграциони движења, како на пример организираниот криминал. Европската комисија, сега, ќе презентира сеопфатна оценка за тоа дали Македонија ги исполнува условите. Потоа, Европскиот совет ќе мора да одлучува. Колку што слушнав јас, шансите за Македонија се добри и се радувам за тоа. Впрочем, не постои правото на вето на одделна земја членка на ЕУ, бидејќи Советот одлучува со двотретинско мнозинство.

Може ли спорот со Грција да биде причина за негативен резултат и во однос на преговорите за членство со Унијата, како што беше случајот со НАТО?

Кноц: За жал, така е. Нерешниот спор за името со Грција може негативно да влијае и врз приближувањето кон ЕУ. Започнувањето на преговорите за членство мора да биде едногласна одлука, што значи дека Грција може да ја блокира одлуката. Навистина е многу битно спорот со името да биде скоро решен. Се надевам дека двете страни, во наредниот период, ќе покажат повеќе прагматизам и подготвеност за компромис.

Какви се Вашите очекувања од новиот македонски претседател?

Кноц: Новиот претседател, професор Иванов, рече дека сака да биде претседател на сите граѓани на Македонија. Се надевам дека во тоа ќе успее и му посакувам се‘ најдобро. Исто така се надевам дека ќе ги даде вистинските импулси за решавање на прашањето со името.

Како Вие, како странски дипломат во Македонија, го гледате спорот на државата со „ЕВН“? Како Македонија ги третира странските инвеститори?

Кноц: „ЕВН“, околу една третина, е и германска фирма. На судската постапка испративме набљудувач, како и другите заинтересирани страни. Набљудувачите регистрираа дека одвивањето на процесот, не секогаш одговараше на вообичаените стандарди. За тоа амбасадорите разговараа со премиерот. Тој укажа на независноста на правосудството, како и на можна постапка на жалба и вклучување на Судскиот совет. Би било добро кога постојните сомнежи би можеле да се отстранат на тој начин. За инвеститорите довербата во судството е еден од најважните критериуми при донесувањето одлука за можни инвестиции. На Македонија и‘ требаат инвестиции и ние сакаме да ја поддржиме во тоа.

Како го коментирате тендерот за изградба на хидороцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, на кој најдобро пласирана беше германската компанија „РВЕ“, но македонската влада го поништи тендерот?

Кноц: Жално е што тендерот беше анулиран. Учеството на тендер од страна на едно претпријатие бара многу време и средства. Анулирањето на тендерот значи обесхрабрување на инвеститорите. Општо земено, прашањето - како една земја се справува со големи инфраструктурни проекти е битен индикатор за инвестиционата клима. Се радувам што, како што се чини, „РВЕ“ останува заинтересиран за тендерот.

Дали Балканот и Македонија остануваат во фокусот на интерес на германската надворешна политика и во наредната деценија?

Кноц: Се разбира. Балканот и Македонија остануваат во фокусот на германската надворешна политика. ЕУ не би била целосна без земјите на Западен Балкан. Доволен е поглед на географската карта. Поддржувањето на Македонија на пат кон ЕУ и НАТО е лајт-мотив на нашата политика кон Македонија.

Во една прилика го привлековте вниманието на македонската јавност кога ја пренесовте визијата на група студенти за иднината на земјата. Каква е Вашата визија за Македонија по десет години?

Кноц: Македонија по десет години ја гледам како членка на НАТО и на ЕУ. Мислам дека поинаку воопшто не е можно. Се надевам дека тогаш и другите држави на Западен Балкан ќе се членки на ЕУ и дека народите на поранешна Југославија, под покривот на ЕУ, повторно ќе бидат обединети. Се надевам дека, тогаш, етничките разлики нема да играат голема улога и дека нема да претставуваат проблем, туку ќе бидат разбрани како шанса.


Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска