1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Книжевни салони од нов тип

Книжевните кружоци во Германија се повторно во мода. Но, додека на „аналогните“ книжевни дружења се собираат десетина лица, интернетот отвора можности за илјадници контакти. Некој од пријателите е секогаш онлајн!

default

Електронските книги се отворена врата кон светот

Во Германија книжевните портали стануваат се´ попопуларни. Станува збор за страници на кои се´ се врти околу книгата. Просечната возраст на посетителите на таквите страници е околу 40 години - така барем се претпоставува -  бидејќи во анонимниот свет на псевдоними, уметнички имиња и скриени идентитети тешко е да се дојде до вистинските податоци.

Пензионерот Арно Сандерс не спаѓа во таа група -  тој неодамна научил да ракува со компјутерот. Синот, раскажува со смеење, го намамил со информација дека „таму може да се разговара со другите за книгите”, па дури и со „вистинските“ автори.

Читателите како критичари

Screenshot literaturcafe.de

Посебнa платформа за книгите на интернет: literaturcafe.de

Се´ започна всушност со луѓето кои се лутеле поради книжевните критики на страниците за култура во разновидните весници и списанија: се´ што таму се пишувало им било преелитно, чисто кочоперчење, а не биле задоволни ниту со изборот на книгите кои се рецензираат. За разлика од печатените медиуми, на интернетот има неограничено многу место. Може, значи, многу повеќе да се рецензира и да се објави. А поголемиот дел од луѓето и онака ги слушаат препораките на своите пријатели или истомислениците.

Следниот чекор беше што самите читатели станаа критичари. Нивните записи, секако, не можат да се споредуваат со професионалните критики, но кратките, емоционални коментари другите корисници на мрежата радо ги читаат.

Освен тоа, електронските книги отвориле цел еден нов свет. Веб-дизајнерката Карла Паул веднаш по студиите добила работа за  „омилени - книги“,  платформа на која се користат најновите технички можности за да се прошири радиусот и нивото на користењето на книгите. На неа корисникот е поврзан со други -  автори, блогери, издавачи и онлајн-книжарница. Таму можат да се најдат делови од книгите и слики. Оној кој ќе ја посети може да присуствува на читања  кои авторот ги следи лично, да се вклучи во дискусија, да добие препораки, рецензира некоја книга или да добие книги на наградни игри.

Директна комуникација со авторот на книгата

Amazon Lesegerät Kindle E - Book

Амазоновата електронска книга Киндл

Најновата атракција е „прашањето во книгата”.  Кога на електронската книга ќе дојдете до некое место кое не го разбирате, можете, така да се каже, од книгата да му поставите прашање на авторот. Карла Паул го вади својот електронски читач  од торбата и го демонстрира тоа. Се слуша „плинг” и одговорот веќе стигнува. Карла врти со главата, се´  уште е фасцинирана од тоа.

„Ова чувство дека во книгата комуницираш директно со авторот, се наежувам од тоа“,  вели таа.

Во меѓувреме има толку многу книжевни портали што секој кој има некои посебни интереси може да пронајде нешто за себе. Дали сте го нашле она што го барате можете веднаш да видите на начинот како е дизајнирана страницата: едната е студена и стручна, другата пак шарена и разиграна.

Поранешниот програмер Ларс Шафт својата страст кон читањето на криминални романи ја преточил во еден портал и сега е господар на мало царство на книги за готвење, детски книги, научна фантастика и историски наслови. Тесна специјализација е трендот кој моментно добро поминува, вели: „Ние ги привлекуваме луѓето кои бараат сосема насочено. Така доаѓаме до група стручњаци и не даваме само информации, туку и ги добиваме“.

Корисниците кои доаѓаат на неговиот портал тука не се само за да читаат, туку и за да се „дружат.“

Скриена реклама

literaturcafe.de: Wolfgang Tischer bei Hörbuchaufnahmen im Studio

Волфганг Тишер, основач на платформата „Литератур-Кафе"

Издавачите внимателно ги следат новите книжевни и литературни портали. Карстен Зомерфелдт, референт за односи со јавноста на Берлин Ферлаг, е задоволен што сега може директно да дојде до читателот:

„Порано испраќавме во целиот свет соопштенија за јавноста, а притоа не знаевме со кого имаме работа. Сега пак, издавачите знаат каде мора да ги информираат потенцијалните читатели за некоја нова книга. Ниту една реклама не е толку  исплатлива како кога се зборува за книгата“,  вели Зомерфелт.

Волфганг Тишер, оснивач на платформата „Литератур - Кафе” смета дека всушност поради тоа ваквите портали „ја загубиле невиноста”. Многу портали, предупредува тој, претставуваат некоја акција на издавачи или автори не укажувајќи на тоа дека тоа се всушност платени реклами. За утеха е меѓутоа, дека ваквите акции се со краток век и со еднократна употреба. Ако книгата е навистина лоша, тогаш тоа брзо се проширува меѓу читателската заедница.

Автор: Сабине Корсукевиц / Светлана Бајдевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска