1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Книжевните преведувачи градат културни мостови

Културата гради мостови меѓу народите онаму каде што политичарите ги уриваат. Книжевните преведувачи се дел од културните актери, кои придонесуваат за постепено создавање на клима на разбирање на Балканот.

default

Дводневната средба на 40 - тината книжевни преведувачи од повеќе земји, што се одржа неделава 39-ти пат по ред во Лешочкиот манастир „Свети Атанастасиј“, во Тетовско, даде уште една силна потврда за авангардноста на културата во градењето на односите меѓу народите и државите, кога комуникацијата меѓу нив не е оптоварена со предрасудите и хипотеките на националните истории и политики, како што е тоа случајот на Балканот.

Дојче веле побара од повеќемина истакнати дејци на преводната книжевност, присутни на споменатата средба во Лешок, да се осврнат на актуелните состојби на Балканот и на улогата на книжевното преведувачко перо и воопшто на културата во тој контекст.

„На Балканот постои модус вивенди на народите“

Адам Пуслоиќ од Србија е категоричен: „Постои модус вивенди, односно, начин на живеење, постои коегзистенција, всушност, таа е природна и се наоѓа во вистинските потреби на балканските народи. Но, политиката можеби ги расипува оние прекрасни односи, кои културните луѓе на Балканот ги креираат на спонтан начин. Сите наши балкански политичари се колнат во служењето на културната мисија, во служењето на европската и светската цивилизација, но, за жал, многу често работат против тоа. Можеби тие и не го сакаат тоа, можеби имаат најдобри намери ! Впрочем, ќе парафразирам една древна поговорка, која вели: ’Влезот во рајот е поплочен со лошите намери на поетите, а влезот во пеколот е поплочен со добрите намери на политичарите !’ Сепак, јас верувам во мисијата на поетите, јас верувам во мисијата на книжевните преведувачи.“

Dimitar Hristov

Димитар Христов

Преведувачот Димитар Христов од Бугарија, кој е и актуелен директор на Бугарскиот културно – информативен центар во Скопје, смета: „На Балканот имало отсекогаш разбирање меѓу народите и културите, како што имало отсекогаш и конфликти меѓу политичарите. Во последно време во културата и политиката постои стремеж да се оди кон разбирање и зближување. Во овие односи културата е понапред. Јас сум свидетел на редица форуми на Балканот, на кои учествуваат писатели и творци од други области: меѓу нив нема никакви разногласија. Политичарите се сообразуваат се повеќе со културата и со заемните односи во културата, бидејќи политиката не може да се сообразува само со интересите.“

„Ќе има разведрување во македонско – бугарските односи“

Поодделно за односите меѓу Македонија и Бугарија Христов нагласува: „Јас сум голем оптимист, бидејќи гледам дека во последниве години се шират можностите за творечко контактирање, но и за политички контакти меѓу двете земји. Во прилог кон ова беше и оној исклучителен акт на пријателство: за првпат Бугарин го доби ’Златниот венец’ на ’Струшките вечери на поезијата’ – оваа година нашиот голем поет Љубомир Левчев, во присуство и на двајцата претседатели, Прванов на Бугарија и Иванов на Македонија. Сметам дека ќе има ’разведрување’, нови, подобри можности меѓу македонската и бугарската култура за да можат да комуницираат и да се запознаваат подобро.“

Amerika-Gedenkbibliothek Berlin

Паскал Гилевски го посочува значењето на визијата на големиот грчки преродбеник Ригас Фереиос - Велестинлис уште од 1793 година за создавање балканска федерација, за духовно и севкупно обединување на народите на Балканот, заради нивно ослободување од Турската империја: „Отсекогаш на овие простори постоела идеја, некогаш помалку, а некогаш повеќе назначена, за зближување на балканските народи, што извирало од духот на заедништвото. И покрај различните културни и други традиции, секогаш на балканските простори постоела традиција на стремеж кон обединување на тие вредности. Тука јас можам да го споменам исклучителниот потфат на големиот грчки преродбеник Ригас Фереиос ја објавил таа негова визија во 1793 година. Ја застапувал и натаму до 1797 година, додека живеел.“

Гилевски посебно посочува: „Во картата на Фереиос постои и Македонија. Јас го имам истакнувано тоа повеќепати, имам пишувано за тоа. Тој факт за Фереиос е познат и во Грција. Оние што сакаат да негираат таков факт, сметам дека не се достојни наследници на Фереиос. Познавајќи ги значајните личности на современа Грција, мислам дека оние што застапуваат негаторски тези кон Македонија не само што не се добри наследници на оваа исклучителна личност од грчката историја, туку тие не го ни познаваат добро неговото дело. Фереиос беше поет, интелектуалец, револуционер, кој му го даде патоказот на грчкиот народ во тоа време: во кој

Bücherstapel

правец да оди новата грчка нација, како грчкиот народ да ја постигне својата среќа. Кон оваа идеја на Ригас, јас би го придодал тука и името на Јанис Рицос, добитникот на ’Златниот венец’ на ’Струшките вечери на поезијата’ во 1985 година и еден од најголемите грчки поети во 20-тиот век. Кога дојде на ’Струшките вечери на поезијата’ тој изрази восхитеност штом ја виде својата книга преведена и на македонски јазик, изпечатена во едно издание заедно со содржината на книгата и на грчки јазик. Тогаш Рицос кажа: Само на овој начин ние можеме да бидеме блиски, да се запознаеме и да одиме напред.“

Културата секогаш умее да гради мостови меѓу народите, онаму каде што политичарите ги уриваат. Книжевните преведувачи се дел од културните актери, чија дејност во последниве години е во подем со значајни ефекти и врз постапното создавање клима на разбирање на Балканот.

Во ваквиот контекст Гилевски се задржува и на уште едно сведоштво дека и два века подоцна многу грчки културни дејци и интелектуалци немаат никаква аверзија кон македонскиот идентитет и култура: „Не случајно пред десеттина години во Атина, каде што и јас бев присутен, на чело со големиот грчки композитор Микис Теодоракис формиравме едно движење, наречено ’Картата на Ригас’ и направивме значителен број важни проекти за проникнување и прииближување на сите балкански народи. Тогаш имаше дури и една емисија на државната грчка телевизија, која во исто време одеше два часа во сите балкански центри: во Тирана, Скопје, во Софија, Белград, Букурешт, како и во други земји, блиски део балканските држави. Ние треба да се трудиме да се стремиме кон тој прогресивен дух, што ќе придонесе и за благосостојбата на грчкиот народ, а и за пошироките балкански простори.“

Грчки ракоплескања за македонската култура и јазик среде Атина уште пред 35 години

Georgi Stalev

Георги Сталев

Георги Сталев приведува уште еден пример за тоа дека македонско – грчките корелации во културата порано не биле обвиени со дебелите наслојки на сегашниот „политички мраз“, обилно натопен со негаторство и ксенофобизам: „Во 1975 година како член на делегацијата на ПЕН - клубовите од тогашна Југославија имав можност да присуствувам на една ПЕН - средба во Атина. Бев личен гостин на претседателот на грчкиот ПЕН - центар поетот Куцохерас, кој бил и кандидат за претседател на Грција. Нашата делегација настапи во атинското градско собрание. Во публиката имаше 600 луѓе, во една преполна сала. Таму не можев да се обратам на македонски јазик, со оглед дека излагањата беа на официјалните јазици. Јас зборував за македонската култура, за македонскиот јазик и за македонската историја.“

Сталев продолжува: „Со нашиот културен аташе очекувавме да не избркаат од таму по нашите говори, очекувавме да ни се случи фијаско. Наместо тоа, одекнаа громогласни ракоплескања, по што во тој момент ми се приближија околу 60 луѓе да ми дадат свои адреси, свои книги ... Потоа дојде еден од издавачите - Костас Валетас. Тој се запозна со мене и ми ја побара мојата адреса. По извесно време Валетас дојде во Скопје и објави 12, ако не и повеќе книги од македонски автори. Јас сум сигурен дека постојат и денес вакви македонско – грчки односи, макар и да се запретани и тие ќе треба да се разгрнат.“

Вера Стојчевска Антиќ, професорка на Филолошкиот факултет на државниот универзитет во Скопје, го изнесува своето мислење дека „интернетот, компјутеризацијата и глобализацијата ги интензивираат вршењето на книжевниот превод и вооопшто културната комуникација на Балканот“. Според неа, „никогаш не ќе може да се каже дека книжевноста на еден народ на Балканот се познава доволно добро, оти секогаш ќе постои непрестајна потреба за нејзино запознавање“.

Книжевниот преведувач Мехмед Кансу од Северен Кипар заклучува: „Балканците традиционално имаат длабоки корени во културата и цивилизацијата, но, некои политичари ги раздвојуваат овие народи. Тоа што ние сакаме да видиме од нашите политичари е културно обединување на балканските народи.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска