1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Книгите кои ги чуваат тајните на нашите предци!

Андреа Бентшнајдер е генеалог. Таа ги бара предците на луѓето, оти како што вели нејзиниот британски клиент Џефри Херман, „станува збор за тоа да дознаеме, како станавме тоа што сме“.

За Џефри Херман започнува патување во минатото. Toj не знае ништо за своето потекло и тоа не му дава мир. Затоа се надева дека генеалогот Андреа Бентшнајдер ќе му помогне да дознае нешто за неговите предци од Хамбург.

„Никогаш не знам што ќе пронајдам, секоја семејна приказна е поинаква и може да се случи клиентите да бидат разочарани, бидејќи едноставно не можеме ништо да најдеме“, вели Бентшнајдер

Андреа Бентшнајдер прво отиде со Џефри Херман и неговата сопруга на еврејските гробишта во Вандсбек. Некаде тука мора да се наоѓа 200 години стариот гроб на неговиот предок Михаел Хершел. Но, каде?

„Да, тука е“. - Тие имаа среќа.

„Многу би сакал да знам повеќе за него, оти станува збор за тоа да дознаеме, како станавме тоа што сме“, вели Херман.

Црковни книги наместо Гугл

Џефри сака да дознае, зошто не се презива како неговиот предок Хершел, туку Херман. Бентшнајдер знае дека тука Гугл не може да помогне, туку само црковните книги во државниот архив.

„Навистина е ненадминато чувство, да стоиш во архивот и ги прелистуваш овие стари, дебели книги, од кои те пресретнува прашина од пред столетија и ова шушкање, кога се прелистуваат книгите, тоа е вистински живеана историја, во тој момент и за мене“, вели генеалогот Бентшнајдер.

Понекогаш оваа жена-детектив мора и да внимава на себе, оти нејзината работа ја преокупира до степен на зависност. Кога има точен одговор, таа сака и повеќе.

Flash-Galerie Hamburg Panorama

Потрагата продолжува - во Хамбург можеби живеат роднини на Џефри Херман

Еден документ од 1820. докажува: син му на Хершел, Бернард Антон конвертирал во христијанската вера и притоа си го додал презимето Херман.

„Секогаш мислевме дека нашите предци водат корени од големиот воин Херман, кој ги победи Римјаните. Но, сега е сѐ поинаку“, вели неговиот наследник, Џефри Херман.

Сепак, Бернард Антон, предокот на Џефри, бил директор на Градскиот театар на Хамбург, како што откри Андреа Бентшнајдер. Тоа било во 1868. година, таму каде денес се наоѓа државната опера, кога Хамбург сѐ уште имаше вистински градски ѕидини. Уметничка жица, меѓутоа, Џефри нема наследено. „Јас токму се обидувам да научам да свирам клавир, но вистина не сум добар. А не знам ни да глумам.“

Врска со своите предци

Во економски кризни времиња расте интересот за нејзините истражувања, вели Бентшнајдер.

„Историјата станува нешто лично и ѝ приоѓаш сосема поинаку, длабоко те засега, оти тоа ти е сопственото семејство, иако живееле пред 150 години“.

Џефри не може да сфати зошто воопшто неговиот предок Бернард Антон пред 200 години од Евреин станал христијанин и со тоа ја предодредил религијата на неговите наследници во семејството? Причините за тоа Бентшнајдер може само да ги претпостави.

„Претпоставувам дека станува збор за љубовна приказна. Тој ја прифатил евангелистичката вера за да може да се ожени со сопругата од католичка вероисповед, која забременила.“

За Џефри полека завршува денот исполнет со настани. „Почувствував врска со моите предци и тоа беше трогателно. Така мораше и да биде, бидејќи јас сум сега овде, каде тие биле пред 200 години. Но, мислам дека ќе оставам сево уште малку да делува, додека да сфатам што всушност значи тоа за мене“, вели Херман. Андреа Бентшнајдер претпоставува дека Џефри во Хамбург има дури и живи роднини. Потрагата, значи, продолжува.