1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Клучниот критериум тешко исполнив

Македонија е на крстопат или ќорсокак по одлуката на Брисел да го одложи решението за почетокот на преговорите за членство во Унијата до јуни, со затворено прашање околу името. Експертите се скептици дека е можен пробив.

Решение на спорот со Грција за шест месеци е нереално и невозможно да се случи, реагира поранешниот дипломат Ристо Никовски. Критериумите што ги наметна Брисел според него се најлошиот можен став што пред Македонија исправа непремостлива препрека. Никовски во моментов не гледа партнер во Атина подготвен за преговори. На Македонија сега и останува интензивно да лобира со Хашката пресуда и да ги промовира аргументите:

„Ако Европа игра на таа карта за договор со Грција тоа е само губење на време. Ние треба врз основа на нашите аргументи, а тоа е пред се’ хашката пресуда, треба да продолжиме со интензивно наметнување со тоа бидејќи. Со игнорирањето на хашката пресуда де факто и ЕУ и НАТО се ставија надвор од меѓународниот правен поредок, а да потсетиме дека во таква ситуација се единствено терористички организации. Тоа е малку тежок збор, но за жал така е. Значи ние треба да продолжиме со промовирање на нашите аргументи и полека да се прилагодуваме на реалноста дека брзо и во еден догледен период интегрирањето во ЕУ и НАТО не е возможно“, смета Никовски.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

Дека рокот од шест месеци е прекраток за суштински напредок, смета и аналитичарот и поранешен амбасадор Денко Малески. Во вакви услови според него е нужен политички консензус околу можноста за компромис во Македонија, односно промена или модификација на политиката и односот кон историјата:

„За жал се заплеткавме во лавиринтите на балканската историја. Ние нели ја имаме нашата сегашна теза на сегашната Влада дека ние сме се’ што е дел од оваа територија, почнувајќи од антиката до денес. Таков вид на да го наречам археолошка аргументација тешко поминува во разговорите со соседите. Тука нешто мораме да се дефинираме себеси пред се’, нашата држава, нашата нација и да видиме како да направиме пробив во односите со соседите. Она што е несомнено и што е во наш прилог дека нема разумен човек во светот, нема ни држава во светот како целина земено која го оспорува нашето постоење како нација и како држава, но во последно време очигледно има се’ повеќе незадоволство од начинот на кој што ние ја интерпретираме историјата. Ете тоа може да биде еден добар почеток за размислување кај нас во намера да се обидеме да излеземе од оваа ситуација“, коментира Малески.

Заклучокот на Европскиот совет на министри во кој е одложено одредувањето датум за почеток на преговори со Европската унија до јуни идната година, вицепремиерката Теута Арифи го оцени како позитивен. Шефот на дипломатијата Никола Попоски оцени дека се работи за динамична рамка за најдобрите и најелаборираните заклучоци кои досега ги имал Европскиот совет, но и дека Македонија не се соочува првпат со блокада. Политичките партии изразија жалење и сметаат дека е неправда земјата четврта година да не добие позитивен одговор поради наметнатиот спор за името.