1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клучна фаза за иранската нуклеарна програма

Американскиот државен секретар Џон Кери го повика Иран да го докаже цивилниот карактер на нуклеарната програма. Преговорите продолжуваат в среда.

Американскиот државен секретар Џон Кери го повика Иран во понеделникот на финализирање на договорот со кој на целиот свет ќе му покаже дека неговата нуклеарна програма се користи во мирољубиви цели, но рече и дека нема особени очекувања кога станува збор за претстојните преговори во Женева меѓу големите светски сили и Техеран.

Минатата седмица висок американски функционер коментирајќи ги преговорите меѓу шесте светски сили и Иран изјави дека двете страни биле блиску до договор, меѓутоа изгледа дека државниот секретар на САД, Џон Кери ги намалува очекувањата за следната средба која започнува веќе на 20-ти ноември.

„Немам посебни очекувања од преговорите во Женева. Мислам дека ќе преговараме во добра верба, како и дека ќе се обидеме да постигнеме макар почетен договор“, рече Кери на прес-конференцијата одржана со турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутолу.

Кери очекува Иран да ја сфати важноста од демонстрирање на подготвеноста да ги реализира документите со коишто на светот ќе му докаже дека работи на цивилна програма. „Немам намера да преговарам овде, во јавноста. Сите мораме да ги почитуваме туѓите ставови. Најдобро е преговорите да ги оставиме за на преговарачката маса“, изјави Кери одбивајќи да разговара за поединости.

Новиот круг од преговорите меѓу Иран и т.н. група пет плус еден, односно петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, плус Германија, под координација на високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон, ќе почне в среда во Женева. На нив ќе се настојува да се постигне почетен договор кој ќе овозможи ставање крај на десетгодишниот застој во преговорите за иранската нуклеарна програма.

Западот и Израел сметаат дека таа е насочена за изградба на нуклеарно оружје, додека Иран е упорен дека збогатувањето на ураниум му е неопходно за добивање електрична енергија и за медицински истражувања.