1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клучна рунда од дијалогот Белград-Приштина

Прeмиерите на Србија и Косово се среќаваат во Брисел по 20-ти пат. ЕУ очекува договор околу правосудството, а Белград датум за почеток на преговори за членство.

По само седум дена премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, се повторно во Брисел во обид да постигнат напредок по прашањето на правосудството, односно начинот на формирање на судовите на Косово, пред се‘ основниот суд во Митровица. Колку судски совети ќе има, кој ќе биде претседател на судот и како во таа област ќе се почитува етничката структура - тоа се само некои од прашањата на кои шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон сака да слушне усогласени одговори, пред на земјите членки на ЕУ, во вторник (17.12), да им поднесе извештај за напредокот на Србија и Косово во процесот на нормализација на односите.

„Некои договори од април (Бриселски договор) се имплементирани, но не сите. Околу правосудството имаме уште отворени прашања. Продолжува и работата на други прашања и на техничко ниво. Амбицијата е извештајот да биде што подобар“, најави портпаролката на Ештон, Маја Коцијанчиќ.

Токму од извештајот на Ештон и од дебатата која ќе ја водат земјите членки на ЕУ за општиот напредок на Србија во процесот на евроинтеграции, ќе зависи и одлуката за датумот за почеток на преговори за членство. Дипломатски извори во Брисел наведуваат дека јануари е најизгледен термин за закажување на прва меѓувладина конференција ЕУ-Србија.

Датумот и преговарачката рамка се‘ уште непознати

Денешниот состанок на премиерите на Србија и Косово би требало да биде и последна рунда од дијалогот во оваа година, но и во овој циклус разговори меѓу Белград и Приштина. Во Брисел се очекува со почетокот на преговори за членство на Србија во ЕУ дел од темите за кои досега се разговараше на највисоко ниво, но и низ работата на техничките групи, да бидат „воведни“ во процесот на преговори, со што би се намалил интензитетот на состаноци на двајцата премиери во Брисел.

Она што во овој момент е се‘ уште неизвесно е како ќе изгледа преговарачката рамка за Србија, односно како во нејзе ќе бидат распоредени прашањата кои се однесуваат на нормализација на односите со Косово. Иако ЕУ има единствен став кога се работи за „паралелизам“ на процесот на преговори за приклучување и дијалогот за нормализација на односите, Европската комисија се залага за преговарачка рамка во која прашањата кои се однесуваат на нормализација на односите со Косово ќе бидат концентрирани во поглавјето 35, што би оневозможило евентуални блокади на другите поглавја поради отворените прашања меѓу Белград и Приштина.

Brüssel EU Kommission Ivica Dacic Jose Manuel Barroso

Европската комисија се залага за преговарачка рамка во која прашањата кои се однесуваат на нормализација на односите со Косово ќе бидат концентрирани во едно поглавје - Ивица Дачиќ и Жозе Мануел Барозо

Слична нацрт преговарачка рамка предлага и претседавачот со Советот на ЕУ - Литванија, која, како што наведуваат дипломатски извори, се залага за помало условување на Србија со „косовското прашање“ во текот на преговорите за членство, кои, меѓу другото, треба да доведат до „сеопфатна нормализација на односите“ на двете страни.

Од друга страна, тука е „потврдиот став“ на Германија и Велика Британија, кои очекуваат „целосна и правно обврзувачка“ нормализација на односите на Белград и Приштина и кои сметаат дека во преговорите на Србија со ЕУ отворените прашања кои се однесуваат на Косово „не треба да бидат вештачки издвоени од поглавјата каде што се релевантни и оправдани“.

Конечната одлука за тоа како ќе изгледа преговарачката рамка и кога ќе биде одржана првата меѓувладина конференција ЕУ-Србија, што претставува и официјален почеток на преговорите за членство, ЕУ треба да ја донесе на самитот наредната недела.