1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Клоп не го менува Дортмунд за фудбалските богаташи

Трофејниот тренер кој го препороди фудбалскиот клуб од Дортмунд потпиша продолжение на договорот со кој се обврза на соработка уште пет години.

„Никој нека не ме бара пред 2018 година“, порача денеска (30.10) Јирген Клоп, откако беше соопштено дека го продолжил договорот со Борусија Дортмунд. Досегашниот договор на Клоп важеше до 2016 година.

Клоп ја презеде Борусија Дортмунд во 2008 година, во период кога клубот беше во огромни долгови, а тимот се состоеше од стари, преплатени фудбалери на залезот на кариерите. До 2011 година, Клоп изгради генерација млади фудбалери, претежно од младинската школа на клубот, со кои стигна до титулата истата година, а следната 2012. ја освои и двојната круна. Минатата сезона Борусија (Д) играше во финалето на Лигата на шампионите, но загуби од домашниот ривал Бајерн Минхен.

Напаѓачкиот, брз стил на игра кој го наметна Клоп собира симпатии низ целиот свет. Иако речиси секоја сезона тимот губи по некој од своите најдобри фудбалери, Клоп успева експресно да ги надомести загубите. Во изминативе сезони тимот го напуштија Нури Шахин, Шинџи Кагава, Марио Геце и Лукас Бариос, но нивното заминување речиси и да не се почувствува во играта, ниту во резултатите.

Jürgen Klopp Meisterfeier 2011

Јирген Клоп со победничкиот пехар во 2011 година

Добрите резултати на теренот, доведоа и до пресврт во финансиската состојба на клубот. Па така, изминатата сезона 2012-2013, Борусија Дортмунд ја заврши со обрт од 305 милиони евра, најдобриот финансиски резултат во клупската историја.

Иако се шпекулира дека Јирген Клоп е на мета на најголемите фудбалски клубови во Европа, особено оние од Англија, тој денеска јасно порача дека неговиот предизвик и натаму е развојот на Борусија.

„Да се имаат 4,5 години сигурност во нашава работа е необично, но нема тука да застанеме. Имаме голем апетит за нови успеси. Сакаме да го продолжиме успешниот пат и да постигнеме нови успеси“, порача Клоп.