1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клинтон: Ќе се зголеми бројот на држави што ќе го признаат Косово

Министерката за надворешни работи на САД Хилари Клинтон како многу паметна и храбра ја оцени одлуката на косовските власти за договор со Белград за претставувањето во меѓународните организации.

Според Хилари Клинтон, вчерашниот договор меѓу Белград и Приштина ќе го приближи Косово до ЕУ и ќе го зголеми бројот на држави што ќе ја признаат косовската независност.

„Јас сум оптимист во врска со напредокот кој Косово го направи и задоволна сум што оваа важна политичка одлука ќе го приближи Косово кон европските интеграции. Го охрабрувам народот на Косово да застане зад оваа одлука и да го поддржи постигнатиот напредок“, рече Клинтон за Гласот на Америка на албански јазик.

Прашана околу тоа што на Косово има размислувања дека појавувањето на меѓународни собири со фуснота, во која ќе се споменува резулуцијата 1244, би можело да го загрози она што е постигнато за независноста, Клинтон одговара дека не се согласува со тоа.

Kosovo Albaner mit US Flagge

САД очекуваат зголемување на бројот на држави што ќе го признаат Косово

„Всушност, мислам дека ова ќе помогне да се зголеми бројот на држави што ја признаваат Република Косово, бидејќи со тоа ќе бидат отстранети изговорите дека нема напредок во односите меѓу Косово и Србија“, оцени Хилари Клинтон, додавајќи дека нејзината земја, како и останатите 85 кои го признаваат Косово ќе имаат повеќе аргументи за приближување на Косово кон евроинтеграциите.

Договор кој ќе ја приближи и Србија до ЕУ

Поздравување на постигнатиот договорот вчеравечер стаса и од германската влада. Официјален Берлин како „значајни елементи во пресрет на донесувањето на одлуката за доделувањето на кандидатскиот статус на Србија“ ги оцени деловите од договорот кои се однесуваат на управувањето на границата, отстранувањето на блокадите на премините на северот од Косово, како и претставувањето на Косово на регионалните форуми. Во соопштението на портпаролот Штефан Зајберт се укажува дека „последните денови значително е подобрена слободата на движење на мисијата ЕУЛЕКС на северот од Косово“. Германската влада се надева и дека „многу брзо ќе биде можно договорно да се уредат односите на ЕУ со Косово“.

Balkanreise Westerwelle

Германската влада оценува дека договорот Белград - Приштина ќе ги приближи двете страни до ЕУ

Известувачот во Парламентарното собрание на Советот на Европа за Косово Бјорн фон Сидов им честиташе на српските и косовските преговарачи, кои покажале добра волја и одговорно однесување. Тој додаде и дека постигнатиот договор покажува волја на српските и косовските претставници на власта да напредуваат на патот за приближување кон европското семејство.

Известувачот во Европскиот парламент за Србија Јелко Кацин оцени дека договорот меѓу Белград и Приштина е охрабрување за приближување и на другите балкански земји кон ЕУ. Според Кацин, со договорот се става крај на „едностраната блокада на Косово на меѓународната сцена од страна на Србија“.

„Очекувам дека постигнувањето на овој договор ќе има големи позитивни ефекти во Босна и Херцеговина, која единствена во регионот, покрај Србија, се’ уште ја нема признаено независноста на Косово“, оцени Кацин.

А, од регионот поддршка за постигнатиот договор стаса од владите во Хрватска и Грција. Двете влади го поддржуваат доделувањето на кандидатскиот статус за Србија на состанокот на ЕУ во март и оценуваат дека договорот со Приштина ќе ја олесни таквата одлука.

Автор: Александар Методијев /бета/дв/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска