1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клинтон ја извлече Северна Кореја од изолација

Посетата на Бил Клинтон на Северна Кореја беше ненадејна и успешна. Со блиц посетата на сопругот на актуелниот шеф на Стејт департментот, режимот на Северна Кореја излезе од меѓународната изолација.

default

На авион со спасителот: Бил Клинтон и двете американски новинарки

Досегашната историја на односите на меѓународната заедница со режимот на Северна Кореја покажува постојани осцилации. Прво доаѓаат фази на заладување на односите, потоа се доаѓа до точка на кулминација, каква што беше неодамнешниот втор тест на атомска бомба, во мај годинава. И потоа, како по некое чудо, доаѓа повторно до отворање нова рунда преговори. Така беше и во 1994 година, кога тогашниот американски претседател Џими Картер ја посети Северна Кореја, или во 2003 година кога со шестпартитните преговори беше пронајден нов формат за дијалог. Овојпат експертите проценуваат дека таков ефект на катализатор кон повторно воспоставување дијалог и преговори би можела да биде посетата на Бил Клинтон. Притоа не е толку битно дали Клинтон му пренесол усмена порака од претседателот Барак Обама на северно-корејскиот властодржец Ким Јонг Ил или не. За режимот во Пјонгјанг најбитно е тоа што доаѓањето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон покажува дека оваа комунистичка држава се сфаќа сериозно.

Дијалог - единствена алтернатива

Symbolbild Nordkorea Bill Clinton

Какви последици ќе има посетата?

Во принцип, САД и немаат друга алтернатива во однос на Северна Кореја освен водење директни преговори - секако доколку немаат намера да предизвикаат тотален хаос во оваа држава, со несогледливи последици како за нејзиното население, така и за целиот регион. Зашто, на притисок тамошниот режим секогаш реагира со контрапритисок, на пример со нови тестови на ракети со долг дострел. Преку разговорите во различни формати може барем да се дознае какви се мотивите на режимот и да се добијат подетални информации за состојбата во земјата. Притоа мора исто така да се каже дека разговори се водат уште од 1994 и дека до сега немало видни резултати. Северна Кореја останува изолирана земја, која најверојатно поседува атомско оружје и чие население гладува.

Најмалото зло

Блиц посетата на Бил Клнитон, во секој случај, ја зајакнува позицијата на шефот на државата и партијата Ким Јонг Ил. Неговата здравствена состојба очигледно не е добра, што ја слабее и неговата моќ внатре во државата. Доколку тој навистина сака да ја пренесе моќта на неговиот најмлад син, како што се најавува, тогаш на Ким Јонг Ил му требаат успеси, а посетата на Клинтон е своевиден меѓународен политички успех. Истотака и тестот на ракетата со долг дострел, како и на атомската бомба се аргументи со слично влијание.

Западот фактички мора да „голта“ зашто во Северна Кореја нема опозиција, а за демократска опозиција и не станува збор. Покрај семејниот клан Ким, како центри на моќ остануваат уште партијата и армијата. Генералите се сметаат за посебно конзервативно јадро, коешто не е подготвено на никакви промени. Но, во која насока и да се придвижи јазичето на вагата на политичка моќ во Северна Кореја во престојната фаза на транзиција, за Западот е подобро да е во фаза на преговори со режимот во Пјонгјанг, отколку во фаза на заладување и конфронтација.

Автор на коментарот: Петер Кујат

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска