1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клинтон: неопходно е решение за две држави

Американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон денеска ќе се сретне со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Клинтон претходно во Ерусалим оствари средби со израелските политичари.

default

Хилари Клинтон при посетата на Израел се сретна со претседателот Шимон Перес

Хилари Клинтон не губеше време при нејзината прва посета на Израел: американската министерка за надворешни работи во разговорите со израелските политичари повеќепати нагласи дека формирањето на палестинска држава е од интерес на Израел.

Хилари Клинтон по разговорите со Ципи Ливни, израелската министерка за надворешни работи во заминување, која претходно ја одби понудата од мандатарот Нетанјаху за влез во владата, бидејќи тој се противи јавно да се произнесе за решението за две држави, рече: „Неопходно е да работиме за постигнување решение во насока на формирање на две држави. Ова не значи дека не почитуваме поинакви мислења, но временскиот фактор е одлучувачки, што важи и за редица други жаришта, не само за иранската закана.“

Во овој контекст американската министерка во Ерусалим потврди, дека ќе испрати двајца пратеници во Дамаск, за да водат подготвителни разговори со Сирија. Претходната влада на Буш долги години ја одбегнуваше Сирија.

Разговор со идниот мандатар Нетанјаху

Вчера попладне американската министерка се сретна и со мандатарот на новата израелска влада, Бенјамин Нетанјаху. Шефот на партијата Ликуд беше задоволен од средбата со Клинтон. Со министерката за надворешни работи пронашле „заеднички јазик“ за да постигнат „заеднички цели“ појасни Нетанјаху: „Водев важни и многу добри разговори со американската министерка, Хилари Клинтон. Разговаравме за Иран, Палестинците, како и други теми важни за нашиот регион. Се договоривме за нова средба по формирањето на владата, но и за тесна соработка, за да постигнеме напредок, безбедност и мир во нашиот регион.“

Воочи средбата со американската министерка, Нетанјаху ја означи нуклеарната програма на Иран како еден од најголемите безбедносно-политички предизвици за регионот. Се’ додека ова прашање не се реши нема да може да се водат суштински разговори со Палестинците, смета Нетанјаху.

Хилари Клинтон денеска во Рамала треба да се сретне со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Абас веќе најави дека со владата на Нетанјаху, која има задршки околу решението на две држави, нема да може да се постигне напредок.