1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клинтон е исфрустрирана од босанските лидери

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон во Сараево изјави дека САД се исфрустрирани поради тоа што босанските лидери не го работат она што граѓаните од нив го бараат - реформи на патот кон ЕУ и НАТО.

Хилари Клинтон вели дека „е целосно неприфатливо“ да се доведува во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и нагласува дека најдобриот пат кон нејзина стабилност е влез во ЕУ и НАТО.

„Сосема е неприфатливо да се констатира дека 17 години по крајот на војната некои го доведуваат во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна“, изјави денеска (30.10) Хилари Клинтон пред новинарите во Сараево, во пприсуство на шеф-дипломатот на ЕУ, Кетрин Ештон.

По разговорите со членовите на претседателството на БиХ, Клинтон рече: „Веруваме дека интеграција во ЕУ и НАТО дава најдобра можност за стабилност и просперитет“.

ЕУ и САД, според американската министерка за надворешни работи, имаат единствен став кога во прашање е напредокот на БиХ кон евроатлантските интеграции.

„БиХ треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Тоа на земјата ќе и‘ даде посветла иднина, посебно на младите“, рече Клинтон.

Ештон, од своја страна, порача дека Босна нема време за губење: „БиХ нема време за трошење на непродуктивни разговори“, рече таа и додаде дека лидерите во Босна треба да разговараат околу подобрување на економските прилики.

Клинтон и Ештон во БиХ допатуваа синоќа. Тие попладнево се во Белград, по што заминуваат за Приштина, а за утре е закажана посета на Загреб. На крајот на турнејата на Балканот, Клинтон и Ештон треба да престојуваат во Албанија.